Ќе остане запаметена по „Молчи, молчи“ и „Еден бакнеж“: Нина Спирова почина на 82 години

Добивај вести на Viber

Од легендарните евергрини „Молчи, молчи“, „Еден бакнеж“, „Езеро мое“ и многу други, па се до интерпретациите на „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Зајди, зајди јасно сонце“, Нина Спирова во своите 82 години живот отпеа многу песни, кои и ден денес се пеат.

Нина е родена на 26 октомври 1938 година во Прилеп, а денес на 82 - годишна возраст почина во Филаделфија, САД. Ќе остане запаметена како една од најпознатите македонски пејачки на староградска и народна музика. Со нејзиниот милозвучен и моќен глас остави трајни вредности, кога е во прашање македонската музика.

Освен евергрините, кои ќе останат да сведочат и асоцираат на едно прекрасно минато, таа зад себе остави и сингл плочи на српскохрватски јавик. Еден од позабележителните настапи го имала на фестивалот „Белградска пролет“ во 1964 година, со песната „Бела хризантема“.