„Кога бев мала доаѓав и те чекав во оваа црква, мамо, ама ти не ме земаше. Ме зема дури третиот пат“: Чудото со тригодишната Марија и тоа што ѝ го кажала на мајка ѝ

Добивај вести на Viber

„ЗА ЧУДОТО СО МОЈАТА МАРИЈА“

„Неколку месеци пред да наполни три години мојата ќерка Марија, едно утро стана и кажа дека денес е недела и дека сите треба да отидеме на црква.

Треба да појаснам дека тоа не се случило никогаш порано во семејството – да одиме на црква во недела. На празници и со поводи – да, но за тоа што е недела – никогаш. Но, кога твојата тригодишна ќерка ќе ти каже, ќе го направиш тоа и дури ќе се засрамиш што самиот не си се сетил. Затоа станавме, се облековме, и таа со чувство на гордост бидејќи таа ја води групата, тргна напред.

Ја знаев црквата во која посака да одиме.

Во „Свети Георги“. Одев таму неколку пати пред таа да се роди, за да измолам од Богородица детенце – си замислив девојченце со име Марија.

Има една икона на Мајката Божја со Младенецот која е пред Олтарот во храмот. Секогаш одев кај неа, го допирав челото до стаклото и ја молев да ми помогне.

Не со големи, комплицирани молитви, туку едноставно, како што би ја помолила мојата мајка...

Неколку месеци подоцна се случи чудото. Но, по раѓањето на Марија немав одено таму со неа. Отидов еднаш сама, за да се заблагодарам. Крштевката иꞌ беше во храмот „Света Троица“ и почесто ја водев таму.

Влеговме во црквата, купивме свеќи, ѝ покажав како да ги собере трите прстиња и како да се прекрсти, ѝ објаснив што означува секое прсте. Ѝ кажав дека кога ќе ја запали свеќата, може да се помоли за нешто.

Ја одведов пред иконата на Мајката Божја да ѝ ја претставам мојата Марија и повторно да ѝ се заблагодарам. Ја кренав за да може да ја види и да ѝ го допрам рачето до стаклото. Таму каде што јас го допирав своето чело..

Беше многу трогателно! Чувствував бескрајна благодарност...

Излеговме надвор и ја прашав Марија дали ѝ се допаднало во црквата.

- Многу ми се допадна, мамо. Јас сум доаѓала и претходно тука и многу ми се допаѓало.

- Тука никогаш не си доаѓала, мила. Сме оделе во други цркви. Во оваа не си доаѓала. -ѝ кажав за да ја ориентирам.

- Јас сум доаѓала овде!

- Кога?

- Кога бев мала. Доаѓав и те чекав. Ти доаѓаше неколку пати, но не ме земаше. Дури третиот пат ме зема.

- Каде беше ти, Мими? – ја прашувам.

- Тука. – и ми ја покажа црквата.- Тука е полно со мали дечиња кои плачат за своите мајки и чекаат тие да ги земат.

- Каде има мали деца?

- Внатре. Има мали деца кои чекаат и доаѓаат мајки и ги земаат. И така стануваат семејство...

Не знаев што да кажам... Таа не знаеше дека сум доаѓала овде да се молам за неа. Никогаш не сум ѝ кажувала.

- А сега, се помоли ли за нешто кога ја запали свеќичката?

- Да.

- За што?

- За тоа за што се молам секогаш.

- Така ли? И што е тоа?

- Сите луѓе да се сакаат!

Марија е моето чудо од кое учам секој ден. Затоа и често ѝ повторувам дека е „на мама подарокот“.

Понекогаш, кога ќе ѝ се скарав, кога беше мала, ми велеше: „Не ме карај! Јас само сакам да се сакаме!“ Ме заболувал стомакот и ми застанувал здивот од такви зборови кои ме терале да застанам и да се замислам... и да се потсетам на важните нешта во животот.

Од неа се учам на љубов, на мудрост, на толерантност, но и на нестрпливост... со други зборови, се учам на живот. Мислам дека за тоа ме одбрала.

Велат дека вистината е во зборовите на децата и на старците бидејќи само тие можат да ги слушнат своите срца. Треба само да ги слушаме!

Сакам да го слушам своето срце...“

Од Дијана Стефанова


Извор: Фејсбук/Православие