КОКИ СЕ СЕЌАВА НА ДУЛЕ ПЕТ ГОДИНИ ОТКАКО ПОЧИНА: На грб го носам аманетот од другар ми
Вчера поминаа точно пет години откако почина Душан Љубисављевиќ- Дуле, пејачот на познатото дуо Дуле и Коки. Тој 23 септември во 2013 година, луѓето беа во шок кога медиумите објавија дека не напушти фронтменот од дуото виолина и гитара. Дуле беше омилен кај колегите, пријателите, кај народот. Ако популарноста се мери по посетеноста на настапите на Дуле и Коки, тој беше ѕвезда, но остана скромното момче од Штип, неговиот град, во кој заедно со Коки на „Макфест“ во 1996, победија со песната „Виолина и гитара.“ Виолинистот Никола Јанков- Коки, за Женски магазин се присети на својот другар и колега со кого помина 20 години во добро и во лошо.
„ Многу претстави и филмови поминале пред моите очи и во мојата душа, во овој живот. Жанрот бил различен. Од комедија, до хорор, до љубовна драма. По 20 и повеќе години заедно, по можеби околу 250 настапи во годината во просек, и по 5 години откако Дуле не е меѓу нас, што човек може да каже во една реченица? Ништо, а можеби и многу. Дали дуото Дуле и Коки постои? Јас би рекол ДА. Затоа што сѐ уште слушам во публиката како луѓето извикуваат: „Марама“, ако може“, „Виолина и гитара“, „Колку треба да се плати“. Ги бараат. Е, некој треба да ги испее тие песни по настапи. Тоа сум јас, заедно со таа публика“, ни раскажа Коки. Виолинистот вели дека му тешко во тие моменти, но песните треба да живеат, поради Дуле.
Поминаа 20 години заедно, со околу 250 настапи во годината во просек.- Дуле и Коки
„ Така се паднало викаат“, додава Коки. Така се падна и тој 23 септември Дуле да замине. Дали замина? Јас кажувам не. Преголемо е задолжувањето што морам да продолжам да го носам на грб. Заради Дуле,заради другарите, родителите, браќата, сестрите, композиторите, вас новинарите, песните, крштевките, славите, свадбите, журките. И не смее и не треба ова да застане. Доаѓаат нови генераци, нови клинци, и ми се има случено повеќе пати во разговор со нив да разберам дека на нивните собиранки по дома слушаат песни од Дуле и Коки. Дали знаете како се чуствувам? Е, тоа ниту се купува, ниту се продава, ниту може да се изглуми.“
Коки не сака да зборува за последниот период пред да почине Дуле. Вели дека веќе не е важно зошто во еден период престанаа да соработуваат. Поважно за него е што во срцето ги чува сите спомени, од детските лудории до моментот кога заедно бркале женски.
„ Нема ден да помине а да не помислам на лудориите и глупостите што сме ги правеле со Дуле, уште од деца, во Пионерскиот дом, па во извидници. Ееј, колку пати логорскиот оган ќе изгаснеше, а ние околу него, не застанувавме да свириме со гитарата и со виолината до сабајле, ама знаевме дека ќе ќариме и по некоја женска. Дуле го сакаа повеќе од мене, тој беше пејачот, нема лутиш. Во средно школо, почнаа првите сериозни свирки по Штип. Се знаеше, едно: „Добро вечер“, беше доволно да каже Дуле, и вечерта веќе беше успешна и настапот беше за паметење“, вели Коли и додава дека истата традиција продолжила низ цела Македонија, и во следните неколку години од првата свирка, и останала до последната.
Сѐ уште слушам во публиката како луѓето извикуваат: „Марама“, „Виолина и гитара“, „Колку треба да се плати“. Ги бараат. Е, некој треба да ги испее тие песни по настапи. Тоа сум јас.- Никола Јанков- Коки
„ По, строфа,две, стално иде рефрен,и со години така, баш секој ден и секоја нова девојка ме потсеќа на тебе, ептен“', овој стих е изваден од една наша песна. Не ми се зборува секогаш, не секогаш ти се пее и ти се свири, ама одиме понатаму. Километражата си го прави своето, ама затоа има нови песни, нови среќавања, нови видувања, нови идеи. Имам да зборувам многу, но ќе оставиме да зборува времето и песните. Овие зборови нека се заради 23 септември,таков е денот“, ни раскажа Коки.
Дуле и Коки, освен дружбата и музичкото партнерство ги врзуваше и заеднички угостителски бизнис. Неколку години успешно го водеа ресторанот „Балканика“, каде што Дуле, кој беше познат како голем гурман, ја правеше познатата штипска пастрмајлија. Само четири месеци пред да почине, Душан се ожени со Љупка Наскова од Струмица, наставник по англиски јазик. Нејзината ќерка Илијана, тој ја сакаше како своја.
Дуле почина од рак на 23 септември во 2013 година
Штипското дуо на оригинален начин го опиша актерот Игор Џамбазов, во „Песна за Дуле и Коки“ која ја напиша специјално за нив.
„ Како Рамбо и Роки, како Зоки и Поки, како чипс и смоки, тоа се Дуле и коки. Како токи и воки, како срцата штипски големи широки како денови и ноќи, тоа се Дуле и Коки“, се дел од стиховите на песната. Џамбазов, на неговиот јубилеен концерт во 2013 година, откри дека песната ја испејал во емисијата „Супер Бинго“ која ја водеше, Дуле и Коки ја снимиле на мобилен, и ја ставиле на албум.
Милица Џаровска