Кристина Арнаудова хуманитарно ќе реновира домови на ТВ: Не се откажав и решив да најдам начин

Ја знаеме како пејачка, автор и хуманитарец, а во скоро време ќе ја гледаме и како ТВ водител и автор на ТВ проект. Кристина Арнаудова во февруари годинава започна да го снима „Проект куќа со Кристина“, со цел социјално загрозените семејства да добијат комплетно реновиран дом. Кристина вели споредбите со Тамара Грујиќ од „Работна акција“ не ѝ пречат, напротив, Тамара ја обожава и мило ѝ е што ќе работи емисија по тој терк. „Проект куќа со Кристина“ има интересна приказна, започна во февруари, престана на почетокот на пандемијата во март, а Кристина со цело срце се надева дека ќе им измами насмевка на повеќе луѓе.

* Создаваш нов хуманитарен ТВ проект, „Проект куќа со Кристина“, со кој на социјално загрозените семејства им обезбедувате реновирање на домот. Објасни ни ги подетално идејата и концептот. 

- Овој проект започна минатата година во декекмври со име ,,Топол дом за сите“. Снимивме песна и отворивме хуманитарни донациски броеви со цел телевизиите да ја пустаат новогодишната песна отпеана од децата од дневниот центар Шуто Оризари и од мене и моите драги колеги. Но тоа не се случи. Медиумите не ја пуштаа песната, не пројавија интерес за учество, за проектот не се расчу, на донациските броеви собравме некоја минимална сума , а на пресот дојдоа буквално двајца новинари. Тоа е отприлика тоа за филанторпијата во нашата земја и како е третиран секој кој сака да ја промовира. Имав две опции, да се откажам од сè, и да се помирам со неуспехот, или да најдам начин да го направам тоа сама. Решив да не се откажам, па почнав да се јавувам по компании, и мои пријатели, да се вклучат за да почнеме да работиме на реновирање на домови. Најтешко од се ми беше што на 10 семејства на кои требаше да им ги градиме реновираме домовите, беа во исчекување, а јас требаше да бидам таа која ќе ги разочара. Нема ништо потешко од тоа, на луѓе на кои си им ти единствена надеж, да ги оставиш и да ги разочараш. Затоа не се откажав и решив да најдам начин. Во февруари почнавме со градење на првиот дом, кој сега веќе можете да го видите, благодарение на моите пријатели од „Сенатор Казина“ и хотелот „Пеинт Ит Блек“ од Гевгелија, кои ја дадоа нивната поддршка. Потоа се приклулија и останатите  компании, и така некако успеавме да ја завршиме првата куќа. Кога требаше да продолжиме со втората, СЗО прогласи пандемија, која ние, како и сите други мислевме дека ќе трае кратко и за некое време ќе продолжиме...Ама ете, сите знаеме како тоа течеше и како сè уште трае....

* Снимена е првата, пилот емисија со самохраниот татко Ајнур Симоновски. Кога снимавте, како течеше снимањето?

- Почнавме во февруари, а завршивме на денот кога ја прогласија пандемијата, 12 март. Нема никогаш да го заборавам тој ден. Сè течеше одлично благодарение на главниот надзор, од „Сенатор Казина“, Марјан, кој ни беше од најголема помош. Кога сме кај снимањето, тоа воопшто не ни беше во план. 

Мојата другарка Ивана беше иницијатор на тоа. Веќе бевме почнати со градење кога таа дојде кај мене и ми рече, дека има многу компании кои би се вклучиле, и дека мене ми би мило полесно кога тие би знаеле дека ќе имаат реклама потоа. И реков, ок, ако тоа значи дека на тој начин ќе направиме многу куќи, и ќе овозмоѓиме на многу деца да живеат нормално, ќе снимам емисија. Не бев воопшто спремна. Се јавив кај Мартин Трпчевски, Мартин 99, и го замолив да ми помогне. Јас и тој двајцата, сами, со најлимитирана техника, една камера, и еден микрофон, снимавме скоро сè. Александар Ристовски Принц упаѓаше на помош, исто така, и продукцијата на Јован Лесански....Сè беше организирано од денес за утре. Немаше големи продукции и оргзнизации, асистенти, сценарија, режии.... А се работи за голем, комплексен проект, со многу денови снимање, и огромен материјал за монтажа. Имавме 10 денови активно снимање, оние кои се бават со ТВ продукција знаат што значи тоа. Не е дека седнуваш на столче во студио и одработуваш емисија. Башка, јас прв пат во животот се најдов во таква улога. Никогаш немав напишано сценарио, секогаш се водев по чувствата и импровизирав. Можеби тоа е вистинскиот рецепт за успех, не знам. Да те води срцето, повеќе од умот. Господ ги чува храбрите.

* Контактирате ли со Ајнур и по снимањето, како живеат сега таткото и децата?

- Да, се слушнавме неколку пати и бевме кај него, тие сега имаат многу поразчичен живот, и имаат услови за хигиена и функционирање. А тоа и ни беше целта. 

* Дали емисјата „Работна акција“ со Тамара Грујиќ ти беше инспирација за проектот, и дали споредбите со неа би ти пречеле, кога емисијата ќе допре до повеќе луѓе?

- Јас сум голем фан на такви емисии, отсекогаш. Емисијата на Тамара ја гледав уште пред 10 години кога почна и ја обожавав. Последниве години најмногу ги гледам емисиите на HGTV и на „Фајн ливинг“ кои се бават баш со таа тематика. Емисијата на Тамара е прекрасна и многу популарна на овие простори. Но разликата е голема, Тамара е водителка, која претходно водела други емисии, и за таа емисија е избрана на кастинг. Јас сум некој кој со години се бави со хуманитарна работа, и овој проект е логичен производ на таа работа. Во улогата на водителка сега, сум ставена принудно, хахах, неочекувано, никогаш не помислував дека можеби еден ден ќе бидам јас во таа улога. Можеби посакував да сум продуцент на тако нешто, но не дека ќе бидам и водител. 

Од друга страна, многу е лесно кога зад себе имаш продукција, телевизија, организатори на снимање, режисери, пари, спонзори, и се грижиш само да се појавиш пред камера. Сосема е друга е приказната кога си сам , и сето ова од почеток до крај го организираш сам. Се надевам дека еден ден ќе имам и јас своја екипа и ќе имам буџет да си ја дозволам. 

* Ти си музичар, хуманитерец, но овој пат си во улога на водител и автор на емисија. Беше ли самокритична и скептична- како ќе се снајдеш со овој нов ангажман?

- На прва мислев дека сум ужасна, и не сум јас за тоа. Гледам по коментарите на луѓето дека не било така. Јас не одам по сценарио, зборувам од срцето, и сум спонтана. На некого тоа му се допаѓа на некого не. Таква сум цел живот. Ме знаете....На крајот пак, и воошто не е важно каква сум јас, сè додека им помагаме на луѓето да живеат среќно и нормално. 

* Успеваш ли да ги совладаш емоциите кога гледаш во какви услови живеат луѓето. Што ти поминва низ главата тој ден, таа вечер пред да заспиеш?

- Ух, пробувам да се фокусирам на среќата. Да мислам на тоа дека ние им ја создаваме среќата, и да не размислувам за лошите нешта. Затоа сакам да работам со деца, и затоа „Проект Среќа“ се бави со среќата на децата. Ја оставаме несреќата позади нас, и гледаме што можеме да промениме за да животот им добие нов, друг, среќен тек. Јас најмногу се бавам со организација на проектите. Комуникацијата со корисниците во Проект Среќа е должност на Благица Ристов. Таа е онаа која ги слуша сите нивни приказни , ги знае напамет, ги плаче, и потоа ми пренесува како може да им помогнеме, па јас наоѓам начин како да се помогне. Мора човек да има заштитен механизам , затоа што во спротивно, во хуманитарната работа, нема да издржип предолго, ќе пукнеш брзо, ќе прегориш, ако сите маки и проблеми на луѓето ги носиш дома, со себе. 

* Те поттикнуваат ли овие тажни животни судбини поинаку да гледаш на твојот живот, на твоето семејство и на блиските? 

- Бавењето со хуманитарна работа луѓето ги менува. Ги прави благодарни. Нема поубаво нешто од тоа да си благодарен. За се. За храната, кровот, среќата, децата здравјето. Им советувам на сите, ако сакаат да бидат среќни и благодарни а повеќето го имаат заборавено тоа, еднаш гдишно да одат да посетуваат болни деца на клиника, и да им помагаат, и еднаш годишно да волонтираат кај сиромашни семејства. Тогаш ќе сфатат колку се благословени и ќе живеат многу посреќен живот. Јас сум благодарна многу, благословена со сè, и фала му на Господ за тоа. Немам големи желби, само да сме насмеани и здрави. Сè друго е минливо и не толку значајно. 

* Се надеваш ли на успех на проектот и поддршка од јавноста, дали си веќе го преговори со ТВ куќа која би го емитувала?

- Сигурна сум во успехот, а каде ќе се емитува сè уште не знам. Ќе продолжиме со снимање на пролет, март се надевам. Ние сме спремни....Сите ја знаеме политика на домашните медиуми, што повеќе странска продукција, серии за широки народни маси, натсинхронизации, еден тон политички емисии, емисии за забава и шоу нула студиски емисии.... Сè она кое доведе до заборавање на македонскиот литературен јазик, македонската музика, и македонската продукција. Таа тенденција веќе една деценија гази, а последиците сите ги чувствуваме. 

* Во најголемиот ек на пандемијата, колку здружението „Проект среќа“ чиј основач си успева да го оствари планираното? 

- Се трудиме, работиме секојдневно, најмногу набавуваме храна и санитарни производи за сиромашните семејства,  со помош на донатори, компании, физички лица и Борче Донирај Комјутер имаме поделено годинава околу 100 уреди за следење на онлајн настава, таблети, комјутери, лаптопи, кои се испостави дека се најголемиот проблем оваа година, за лицата во социјален ризик,  потоа градиме тоалети за семејства кои немаат или им се во лоши услови. Во најголемата криза успеавме да изградиме 12 тоалети, потоа нашето училиште за музика ,,Гитари дирки и свирки“ функционира, но секако со потешкотии, детското драмско студио фундкицонира, колку што може...На сите ни е тешко, но затоа сме тука, едни за други, кога е тешко да се поддржиме и да не се откажеме. 

Милица Џаровска