Курто, Мурто и ку*вата

Добивај вести на Viber

Хм…

Се мислам два -три дена дали да пишувам за она што се случи на тема Тетово, Скопје, Косово….

Се мислам прво поради тоа што во политика „не се разбирам“, односно не следам, бидејќи одамна престанав да им го поклонувам моето скапоцено време на партиите кај нас.

Приказната на „сјаше Мурто, узјаше Курто“, мајка ми ми ја има раскажувано меѓу првите приказни „за добра ноќ“. Така што глупаво би било да не се сеќавам на тоа.

Не се разбирам во политика, го ставив под наводници, бидејќи мислам дека нема тука многу-многу што човек да се разбира, или да не се разбира.

Работите се тука многу едноставни.

Функционираат по правилата на најстариот занает.

Ако мајка ми беше задолжена за Курто и Мурто, Ивица и Марица, Петар Пан, Трите прасиња… татко ми ги држеше под својата „професура“, поопасните теми.

Ќутек, казни, воспитни, страв у коски, нема искачање, нема годишен одмор, нема скијање… има да научиш, или ќе те нема, ја сум те напрајл, ја ќе те убијам… и такви лекции од неговиот „предмет“, кој гледам денешниве „невледини психолози“, страшно ги осудуваат, па децава сега можат на пет-шест години со полно право да им кажат на родителите дека не се чувствуваат како девојче, или како машко и дека сакаат да си го сменат полот.

Боже ме опрости, време е за Ное…

Нејсе, друг пат за ова.

Значи една од лекциите за кој беше задолжен татко ми беше и онаа дека “Политиката е курва“.

(Се извинувам многу на читателската публика, што ќе го користам овој збор, во понатамошниот текст, но друг збор не ѝ приличи на оваа општо позната фраза.)

Мајка ми стално му викаше на татко ми, „срам да ти е, не им збори на децата така“, а тој стално ѝ одговараше, „глеј си ти приказните, а мене остај ми го овој дел“.

„Да требало мајка само да воспитува деца, немало да ти требам јас“.

Така што и тоа го знаев од мала, дека штркот не ги носи децата.

Што ќе им кажуваат сега овие истополови родители на децата не знам. Две мајки-едно дете, или двајца татковци-едно дете.

Боже ме опрости, време е за Ное.

Оти по законите на татко ми, или ќе не биде, или не, па сѐ си мислам дека Мајката Земја, си вика „ја сум ве родила, ја ќе ве убијам“.

Ама нејсе и за ова друг пат.

Муабетот ми беше дека политиката е курва и дека тука правилата функционираат по принципот на овој занает.

А, само да се потсетиме дека е тоа еден од најстарите занаети на светот. Значи откако постои светот и векот.

Така што нема многу-многу што човек да се разбира, или да не се разбира во политика за да му биде јасно како тоа функционира.

Еве да речеме дека вака почнува работата.

Мажот не е задоволен од сексот со својата жена. Сака да смени „партија“. Исто како и политичарот нели.

На почетокот женава била „тоа што ветила“, со тек на време почнало „да ја боли глава“. Сѐ почесто и почесто. Исто како и ние нели. На почетокот ни ветуваат брда и долини, а потоа откако ќе не прелажат, колку само да не однесат „пред матичар“ за да потпишеме, гледаме дека сме излажани. Почнува да не боли глава. Сѐ почесто и почесто. И сѐ повеќе и повеќе. Така!? Такааа… До тука е јасно се надевам.

Е сега идемо даље.

Колку пати може човек да се прежени. Два три пати максимум. Така!? Оти после тоа сите, па дури и мајка му ќе му рече -„аман бе синко, или ќерко-сеедно, тебе никој не ти чини“. Да не е до тебе проблемот.

Колку пати можеме ние да излеземе „пред матичар“ те за едните, те за другите. Исто. Два-три-четири пати. Преку сила. Толку.

Оти после тоа сами себе си се гледаме како магариња во огледало.

А „курвата“, го знае тоа. Оти тоа ѝ е занает.

Колку пати мажот може да ја изневери жената, без таа да дознае. Или жената - мажот-сеедно. Исто толку. После тоа секој ќе биде откриен.

Значи!?

Значи мора да се отвори јавна куќа, која ќе биде легална и за која ќе се здружат сите мажи и по некоја жена. За да биде отворена.

Значи мора „апгрејт“. Отатко постои светот еволуциите, односно „апгрејтите“ ни се познати на сите. Така!?

И дотука е јасно се надевам.

Се отвара јавна куќа  (собрание, парламент)… и таму почнуваат сите да идат.

Жените на почетокот корнат коси, ама после тоа си викаат, па добро не е само мојот. Сите идат. И на комшиката и на таа до неа и на сестра ми мажот и на золва ми… Сите. И полесно ѝ е. А тие мажи што не идат, или ќе треба да бидат линчувани, или ќе мора да се отселат.

Исто како и ние. Прво гласавме те за едните, те за другите, потоа решивме да не гласаме.

Ама тие што останавме и решивме да не гласаме, тие не линчуваат. Ни даваат откази, не набркаа од сегде кај што можеше, нас само не казнува полиција, нас ни доаѓа инспекција, ние плаќаме данок…

Другите што не можеа да го поднесат ова си заминаа. Мораа да заминат. Никој од нив не сакаше, ама мораше.

Така!?

А овие другиве кој што си се курваат еве веќе триесет години, фино си наплаќаат за тоа..

Е сеа има разни цени.

Без бацување, со бацување, без кондом, со кондом, за пола саат, за цела вечер… и да не редам.

За една улица, за едно маало, до пола маало, цел град, пола град, до мостот, или сосе мостот, за една општина, за две општини, за пет министри, за труд и социјала, за култура, за власта и оваа година и другата и за уште еден мандат…

За цела држава….

На курвата ѝ е тешко првиот пат да ги земе парите.

После тоа лесно оди.

Сеедно дали од Курто, или од Мурто… Пари си се пари…

Наздравје сексот.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: