„Лекувај ги сите со рацете, но и со душата. Тоа е она што го правеше најдобро“: Голема е тагата по Стефи

Студентката по медицина Стефанија Соколовa меѓу жртвите од пожарот во кочанската дискотека
Стефанија Соколовa, студент по медицина и активен член на кочанскиот Црвен крст е една од загинатите во пожарот што избувна во клубот „Пулс“ во кој досега загинаа 59 лица, а 163 се повредени.
Помеѓу стотиците објави на социјалните мрежи во потрага по исчезнати млади момчиња и девојки кои биле во дискотеката таа кобна вечер, се појавил и апел за Стефанија. Од неа немаше ни трага ни глас, па нејзините роднини, пријатели и познаници панично и загрижени бараа каква било информација.
Веста не беше ветувачка, со оглед на тоа што таа не се јавуваше на мобилниот телефон, а не беше ниту во болниците каде се превезуваа повредените...
Драмата што ја доживеаја со стотици други загрижени членови на семејството ќе им остане засекогаш врежана во сеќавањата, но болката во градите откако дознаа дека нивната Стефанија е на црната листа на жртви, вечно ќе ги следи.
Детали за нејзината смрт се уште не се познати. На социјалните мрежи може да се прочитаат бројни срцепарателни простувања со Стефи, како што ја нарекуваа.
„Девојко наша, гледај нè одозгора. Помагај им на сите, исто како што правеше овде. Лекувај ги сите со рацете, но и со душата. Тоа е она што го правеше најдобро. Облечи ја твојата носија и танцувај, а ние ќе плачеме, не замерувај ни. Засекогаш ќе сме тажни по тебе“, стои во едно од збогувањата, придружено со фотографија на која Стефанија позира со насмевка. Од неа се простија и нејзините колеги од Црвен крст Кочани.
„Сакаше дружење, помагање на луѓето и медицина, а нејзината светла иднина беше прекината на 16 март, три часа по полноќ, кога избувна пожар на настап на групата ДНК.
Македонија поради трагедијата е во седумдневна жалост.