ЛЕТЕН КАМП – ЗА ЗАБАВЕН И ИСПОЛНЕТ РАСПУСТ

Летниот распуст не е само време кога се оди на летување, кога се гледа телевизија и се играат видеоигри. Летниот распуст е совршено време вашето дете да научи нешто ново, и тоа со многу дружење и авантури, на лесен и забавен начин. Што кога поради работните обврски не сте во можност квалитетно да го исполните времето на вашето дете? Летните кампови се вистинското решение за тоа.

Во обидот да се балансираат работните обврски со училишните и вонучилишните активности, повеќето родители со радост го чекаат летниот распуст. Но, во периодот без „набиена агенда“ тие се соочени со нови предизвици: кој ќе ги чува децата, како продуктивно да го поминат времето, што кога им е здодевно и како да го оттргнеме од таблетите и паметните телефони.

Дружба и забава

Една од опциите за згрижување на децата за време на распустот е Летниот скул камп на едукативните центри „Арс Ламина Едукација“. Програмите и активностите се конципирани за деца над петгодишна возраст и ќе се реализираат за времетраењето на целиот летен распуст. Дружба, забава, лудории, едукативни и креативни активности – сѐ она што е потребно децата да имаат незаборавно лето.

„Презадоволна сум од тоа како си поминаа моите деца на летниот камп лани. Со сопругот работиме од 8 до 16 часот и навистина ни е олеснување кога знаеме дека децата се згрижени, а поминуваат квалитетно време. Нови другарчиња, јавање коњи, пливање, запознавање со параглајдерски вештини, едукативни работилници... секој ден доаѓаат со импресии, па без размислување ги запишавме и годинава, и тоа веднаш по завршувањето на учебната година“, ова се впечатоците на Тања, мајка на шест и деветгодишни девојчиња.

Едукација низ игра

Можностите вашето дете да помине активен распуст, притоа максимално уживајќи во долгото и безгрижно лето се многубројни. Предвидени се надворешни активности, како посета на хиподром, ботаничка и зоолошка градина, екскурзии во природа и запознавање со извиднички активности и едукативни работилници: шарени мозгалки, кодираме-декодираме, работилници за концентрација и внимание, друштвени игри, истражувачки работилници...

„Идејата е детето да има еден вид структура на своето слободно време. Структурата ви дава простор да пронајдете нови активности што би можеле да им бидат предизвик на децата, а воедно и спој меѓу корисното и забавното. Притоа, главен критериум е квалитетот наспрема квантитетот на активностите. Клучните прашања што си ги поставуваме при нивното конципирање со стручниот кадар во нашиот центар се: Дали на децата би им било забавно? Дали ќе научат нешто ново? Дали оваа активност влијае позитивно на нивниот социемоционален развој?“ вели управителката на едукативните центри „Арс Ламина Едукација“, Александра Михајловска.

* Повеќе детали за програмата и активностите што се реализираат во Летниот камп на едукативниот центар „Арс Ламина Едукација“ можете да дознаете на следниот линк: https://www.facebook.com/edukativencentarArsLamina/.