Лидија Георгиева за модата и за луѓето: Човекот е конформист, суштински се менува само кога мора
Модните ревии се преселија он-лајн, големите текстилни брендови затвораат дел од своите продавници, облеката станува поедноставна и се ориентира кон основни парчиња. И светот на модата во времето на пандемијата преживува големи потреси.
Како дизајнерка што се занимава не само со создавање мода, туку и со нејзино мислење и промислување, Лидија Георгиева, професорка по текстилно инжинерство на Технолошко-металуршкиот факултет, е совршен соговорник за сите овие новотворени прашања. Обучена на француската образовна и модна сцена, Лидија обезбедува посебен шик во домашната мода, а работејќи веќе неколку години на принципот на слоу фешн и мали серии, таа е предвесник на тоа што сега, пандемиски, стана актуелно - секаде.
*Како гледате на овој пресвртен момент, кој очигледно подолго ќе трае?
-Потребата за креативен израз постои од човековата праисторија и ќе постои сè додека сме самосвесни битија со емоции и интелигенција (каква и да е). Историјата ни покажува дека во кризни времиња, како реакција на рестриктивните околности, од бурата од чувства може да произлезе богатство и интензивна инспирација за убавина. Без разлика дали се работи за дизајнерски или уметнички предмет, мислам дека нè очекува голема креативност, но и природна селекција. Тие што навистина ја сакаат модата и дизајнот, ќе продолжат и понатаму да го работат тоа. Разликата ќе биде во финансискиот дел, но така е во сите сектори. Како ќе се движи економијата, паралелно ќе осцилира и модниот сектор. Но едно е сигурно – без разлика на финансиските можности, не познавам некој што не би сакал да биде облечен во свој стил или барем да има пријатен надворешен изглед – тука не мислам на физичка убавина, туку на природна елеганција. Кога грациозноста зрачи, човекот е убав, тоа е неизбежно.
Тука сум, под маската*Во моментов се е неизвесно. Имате ли некаква претстава каква ќе биде модата – постпандемиски?
-Доминира тенденцијата овој момент да се искористи за да се размисли за последиците од импактот на модниот сектор врз животната средина и потребата за подобрувања на таа тема. Сите, буквално сите учесници во индустријата зборуваат за еколошки одговорно однесување, на повидок се бројни компании кои со ентузијазам инвестираат и работат на разни иновативни бизнис или произвдствени модели со овој пристап. Помалку загадување, рециклирање на материјалот или на облеката, циркуларна економија, фер трговија и секако – технологија. Секојдневно се остварува напредок во биотехнологијата, особено во однос на перформансите на материјалите, но и нивната биоразградливост. Истовремено, дигиталната технологија ги руши географските бариери, брендот може да постои и работи на било која точка од планетава и доколку има пристоен продукт и дигитално присуство, шансите за успех се големи.
Мачката Катица на францускиот Амбасадор Тимоние се релаксира на ЛГ рачно изработена перница - уникатен дизајн
* Пандемијата се поврзува и со човековиот однос кон планетата, а одговорноста станува ин-тема. Кои други прашања, освен рециклираните метаријали, се отвораат?
- Се појавуваат нови модели на работа, на пример има брендови кои во старт користат исклучиво остатоци од материјали на големите брендови. Други користат готови модели кои на креативен начин ги рециклираат, има и такви кои како бренд создаат заедница на потрошувачи и им овозможуваат дигитална платформа за размена на модели или некој друг начин на реупотреба. Има производители кои веќе во самиот материјал вклучуваат помалку потрошувачка на вода или сосем ја исклучуваат, истото е и со проблемот на употреба на токсични материи. Но, тука се од голема помош и невладините организации (Фондацијата Елен Мекартур, Гринпис, Хумејдмајклоутс...) кои со разни активности помагаат во подигање на свеста и сензибилизирање на пошироката заедница. Мора да сфатиме дека ова нè допира сите, сите ние мораме да бидеме одговорни, не само производителите. Начинот на кој трошиме пари и изборот на бренд кој го поддржуваме, колку долго го носиме купениот модел, дали купуваме три ефтини или еден квалитетен, сето тоа има значение. Впрочем, дури и ако мислите дека вашето однесување е изолиран случај или утопија, некој мора да почне, зошто не вие?
Сопругата на Претседателот на РСМ носи ЛГ на националниот форум за здравје, во организација на СЗО и МЗ, уникатен дизајн
*Се менуваат и формата и суштината. Се свртува ли модниот свет кон поедноставна облека и некој нов минимализам?
-Можно е да доминира едноставност, но во таа нова едноставност видов и доста флуидност, асиметрија, органски форми и светли оптимистички тонови, со ретро призвуци на среќни времиња од минатото. Како спротивна тенденција се појавуваат и геометриски структурирани моќни силуети, но сепак кога е лето, имаме и желба за бегство од реалноста и за егзотика, со многу забавна, нова, свежа, чудна игра на комбинирање на бои. А, сега, ако навистина сакате за зборуваме за промена во суштина, тогаш, да разговараме суштински. Таа промена зависи од нас самите, но човекот е конформист, суштински се менува само кога мора. Во спротивно, спремен е на секаква борба, најчесто неубава, за да си продолжи со уживање во разни задоволства, без разлика дали тоа нанесува штета на другите. Живееме во арогантно консуматорско општество, потребата на корпорациите за трупање на богатство ниедна криза не може да ја измести. Така беше со двете економски кризи во новиов милениум, дали оваа здравствена криза ќе донесе прогрес во галопирачкото самоуништување на планетава? Навистина би сакала да верувам.
Годинава требаше да работам на неколку театарски проекти, ми недостасува. Ова е од декември 2019, костими за претставата "Си беше еднаш во иднината", режија Срѓан Јаниќијевиќ
*Ќе преживее ли високата мода?
-Да. Се додека има клиенти кои се чувствителни на креација и со доволно финансиски средства, луксузната индустрија ќе постои. Во која форма ќе постои и кој бренд ќе опстои, тоа ќе го покаже времето, но мајсторската вештина во уникатната изработка, индивидуалниот пристап кон клиентот, оригиналноста, за разлика од масовното производство – ова се работи кои, ако не се лажам, ќе бидат во подем, нема баш така брзо да одат во историјата. Напротив, мојата верба во рачната изработка, а сега и во комбинација со новите технологии е секоја година сè поголема.
*Нешто сосем лично – каква е вашата лична пандемиска лекција, модна и животна?
-Периодов, освен што интензивно работев на неколку креативни проекти, го посветив и на личен развој. Редовно практикувам јога и медитација, се обидувам стресот да го сведам на минимум. Имав доста интересни искуства и спознанија кои ми помагаат подобро да постојам, а слободата секој од нас мора пред сè да ја пронајде во себе. Ова навистина го мислам, не сакам да звучам како да сум ја нашла оваа мудрост на инстаграм. Да не бидам погрешно разбрана, јас сум корисник и пријател на оваа блескава играчка, но да ја оставиме оваа тема за следниот разговор, бидејќи со сè добро и не толку добро што носи со себе и сите комплексни прашања кои се отворија, навистина е интересна.
Јасна Франговска