„ЛИТЕРА“ – ПРВ ФЕСТИВАЛ ЗА ДЕТСКА ЛИТЕРАТУРА И ИЛУСТРАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА.

Добивај вести на Viber

Свет на возбудливи приказни, неверојатни илустрации и купишта фантазија и креативност ќе се отвори во Скопје во вториот викенд од месец април. На 13 и 14 април во Музејот на современа уметност ќе се одржи првиот Меѓународен фестивал на детска литература и илустрација – „Литера 2019“. Настанот ќе понуди вистинско богатство од содржини за најмладите, но и за сите љубители на неверојатниот свет на детската литература. 

„Нашата идеја е барем на кусо да ги однесеме децата на едно возбудливо патување во свет полн со бои, топлина, искрени насмевки, многу радост и емоции. Веруваме дека ваков настан му е потребен на градот и затоа го организираме со многу ентузијазам и посветеност. Се разбира, една од главните цели е популаризација на квалитетната детска литература и подигнување на свеста за нејзината важност во целокупниот процес на раст и развој на децата“, вели Софија Семенпеева, иницијатор и организатор на фестивалот. 

На „Литера 2019“ ќе учествуваат истакнати автори од Македонија, како и гости од Србија, Хрватска и Грција. Ќе се организираат работилници за најмладите посетители и дебати на низа актуелни прашања како местото на книгата во дигиталниот свет, улогата на детската литература во интелектуални и емотивниот развој на најмладите итн. Ќе се разговара и за квалитетот на детската литература, дали и колку е таа застапена кај домашните издавачи.

На настанот ќе бидат презентирани повеќе домашни и странски изданија и ќе учествуваат издавачки куќи кои посветено работат во делот на детската литература и илустрација. Особено интересно ќе биде да се погледне ретроспективната изложба на илустрации за деца од македонски автори. Родителите ќе можат да се навратат во своето детство преку илустрациите на истакнатите автори Младен Туниќ, Жарко Туниќ, Орде Маневски, Ацо Цветковски, Ацо Каевски, Мирослав Вељковиќ - Мишо, Томо Шијак, Томче Маневски, Стоилчо Георгиевски - Цоне, Димче Исаиловски, Димитар Божиков - Мичо и многу други. 

Идејата е фестивалот да прерасне во традиција и да се позиционира на мапата на светски фестивали посветени на детската литература и илустрација. Влезот на двата фестивалски дена ќе биде бесплатен за сите посетители.