Мајка на три деца сакаше да избрише фотографија: Истата го обиколи светот и ги воодушеви сите
Мајка на три деца објави искрена родителска фотографија за која вели дека во нормални околности би ја избришала без никакво размислување. Овој спонтан и нефотошопиран момент ги освои срцата на мајките, кои веднаш се препознаа во конкретната ситуација.
Олимпијката Либи Трикет (34) од Австралија пронајде фотографија во својот мобилен телефон, откако истата ја направила нејзината најстара ќерка Попи (4). На истата гледаме мајка во лежерно издание како ѝ прави фризура на средната ќерка Еди, додека најмладата Бронте лежи во нејзиниот скут.
Иако признава дека аголот на фотографирање не оди во прилог на нејзината постпородилна фигура, Либи вели дека на таа слика приметува работи кои во иднина сериозно ќе ѝ недостасуваат.
- Смешно е тоа што мојата четиригодишна ќерка постојано слика со мојот телефон. Јас обично само ќе ги избришам фотографиите бидејќи, да бидеме искрени, ретко која од нив навистина нешто и прикажува - напиша мајката на „Инстаграм“.
Таа дополнува дека овојпат тоа не било случај и дека по некоја година искрено ќе тагува токму по такви моменти.
- Бронте нема уште долго да ми лежи во скут, а многу бргу и Еди ќе сака самата да си прави фризури. Се разбира дека по дома ни е хаос и постојано некој плаче. Има скршени коски и растечени носеви, но ми е драго што Попи го фати овој момент - раскажува Трикет.
Многу мајки се препознаа во ова искрено опишување на работите и ѝ се заблагодарија на Либи што одлучила да ја објави фотографијата.