Мамичке вети ми дека нема да умреш. Немам татко, кој ќе ме чува мамо?

Добивај вести на Viber

Ведра, насмеана, распеана. Така се одвиваше мојот живот се додека тој не реши да си поигра со мене. Од eднаш се распадна на милион парчиња. Ми зададе премногу подеми и падови. Кога мислев дека се е во ред, ја најдов љубовта на мојот живот и плод на таа љубов беше нашето мало ангелче. Реков доста е, хаосот заврши. Но сето тоа траеше кратко. Во дел од секунда мојот среќен живот се сруши. Мојата најголема љубов трагично го загуби својот живот, а јас останав повторно сама со 20 месечно бебе. Сите соништа веќе немаа смисла. Тој шамар што ми го зададе животот ме направи поцврста и поборбена. Во тој период од животот ги видов вистинските лица на луѓето, околу мене останаа одреден круг на роднини и пријатели. Морав да се променам и почнав да ги анализирам луѓето и сите работи кои се случуваа околу мене. Имав голем товар на моите плеќи, две деца едното полнолетно, другото малолетно како и двајца постари родители. Бев столбот на куќата, се беше оставено на мене. Имав безброј обврски и бев растгрната на сите страни. Почнав да станувам уморна, имав хроничен замор, но морав да издржам. Поминаа три години од кога почнав полека да се ослободувам од шокот. Веќе чуствував дека се враќам во некоја „нормала“. Насмевката и ведрината повторно почна да се враќа на моето лице. Кога помислив дека се ќе биде како што треба следуваше уште еден шок кој го доживеав правејќи рутински преглед. За само 20 дена заврши се. Ехо, мамографија, биопсија и на крај операцијата. Светот запре за мене. Рак, рак, рак ми ѕвонеше во ушите. Мислев дека нема да успеам да го преживеам ова. Само мислев на моето мало ангелче. Размисував дека ме има само мене. После операцијата почнав со хемотерапија од кои првите четири беа ризични.

Го гледав малото ангелче додека лежи и со насолзени очиња ми вели „Мамичке вети ми дека нема да умреш. Немам татко, кој ќе ме чува мамо?“.

Се молев секој ден за да го преживеам ракот. Одев по манастири, ми пееа молитви. Бог ми помогна, почнав да се опоравувам, почнав да се смеам. Тука беа моите блиски роднини и пријатели од кој некои многу ми помогнаа за да не паднам во депресија. Се дружевме, шетавме и се смеевме. Имав среќа, имав и добар тим на доктори кои со долги разговори дополнително работеа на мојата самодоверба. Имаа верба во мене и веруваа дека ќе го победам ракот. Ме научија да се сакам и ценам себеси и дека само така ќе победам. Самата болест и хемотерапијата си носи свои последици, но тоа не е ништо во споредба со тоа што го поминав. Јас сум победник и борец. Сакам да живеам, јас го сакам животот. Да се биде самохрана мајка и да се бориш со ракот е многу тешко и не секој може да се избори. Благодарна сум на Бога за секој ден. За крај можам да го кажам и следново, облечи ги моите чевли, изоди го мојот пат, па тогаш обиди се да ми судиш.

Моето мото е дека мора да научите да се сакате пред се себеси, кога ќе го сфатите тоа, тогаш ќе победите се, и ќе имате љубов за сите останати. Живејте го животот, бидејќи тој нема реприза.

Наташа Давковска – Велевска

* Текстот е превземен од Борка