Строга сум ама ќерка ми ќе каже дека сум најдобрата мајка на светот: Мартина Михајловска за семејството и мајчинството во кое ужива

Добивај вести на Viber

На јавноста ѝ е позната како поранешна водителка на естрадниот магазин „Бекстејџ“, скопјанката со охридска адреса е успешен модел со богато портфолио, манекенка која се појавува во неколку видео-записи на македонски артисти, посветена сопруга на Виктор и најдобра мајка за Алана и Матиас

Мартина Михајловска за прв пат, специјално за Женски Магазин открива дел од својата приватност и со радост зборува за мајчинството во кое ужива, како и за себе и своите идни планови.

* Која е Мартина пред објективот, а која кога ќе се скријат фотоапаратите и камерите?

- Интересно прашање, пред објективот е нешто толку длабоко и посебно за мене, така што Мартина пред камери секогаш е исполнета и со леснотија и голема љубов гледам работата да си тече. Нешто што со задоволство го работите не може да е лошо. Од друга страна пак додека ги нема камерите Мартина не е нешто многу поразлична (се смее). Во секој момент од животот гледам да го издвојам и правам она што е бесценето времето поминато со моите најблиски, моите најсакани деца, фамилијата, друштвото во прошетки и безброј дружби! 

* Пред неколку години го запозна Виктор- љубовта на твојот живот, се пресели во Охрид и ја стави кариерата „на пауза“. Раскажи ни нешто повеќе за вашата љубовна приказна?

- Неговиот откажан лет од страна на авиокомпанијата и моето закажано снимање токму истиот ден за да бидеме на истото место и да се запознаеме, па подоцна за да многу и животни моменти не спојат, веројатно немало бегање…нештата што треба да се случат ќе се случат, сѐ е со некоја добра причина! Па така и оваа наша врска која прерасна во брак и фамилија со две најпрекрасни деца, која расте со многу љубов, почит и разбирање до ден денес, јас сум преблагодарна за тоа. Често сме на релација Охрид-Скопје. Додека пак кариерата не била никогаш на пауза, напротив сѐ уште работам на проекти и ангажмани, да признаам имав и неколку ангажмани додека бев трудна, од кои едниот беше во петтиот месец од бременоста и тоа за долна облека. Така што секогаш сум отворена за нови соработки со најголема поддршка и грб од мојата фамилија. 

* Стана мајка на млади години. Колку сметаш дека тоа е предност, а колку недостаток од денешна гледна точка? Дали тогаш беше исплашена или пак подготвена за тој нов предизвик?

- Морам да признаам дека пребрзо животот ме порасна и созреа со оглед на тоа дека започнав да работам и заработувам на 16 години. Па како во работата и животното искуство така и во мајчинството. Доколку го најдеш правиот партнер сулудно е да би било покасно, како за многу работи па така и за ова нема правила, веројатно кој кога треба и сака. Јас искрено посакував да станам млада мајка и нема ништо поубаво на свет од тој дар. Според мене и мое лично искуство тврдам дека во сѐ е предност на помлади години. Од моментот на бременост и носење на детето до породувањето па и растењето во иднина. Кога си помлад некако сѐ поминува како песна (се смее). Јас сум исто така растена во фамилија каде моите родители се сѐ уште млади и тоа е доста кул, дома ни е често забавно, освен родители со нас се и како другари и тоа е нешто незаменливо доколку тоа може да се пружи на своите деца. Тука се секогаш и да помогнат како најдобри баба и дедо! Воопшто не сметам дека има недостаток посебно од денешна гледна точка… толку е сега сѐ олеснително и достапно… па ако се сака за сѐ се наоѓа простор и време и начин. 

* Каква мајка си ( строга или попустлива), што е карактеристично за тебе во оваа улога?

- Ова мислам дека може да го одговори Алана ( мојата ќерка ). Строга сум ама таа ќе каже дека сум најдобрата мајка на светот. И во тоа е поентата. Бескрајната грижа на нас родителите кон децата може да изгледа така „строго”. Во овој неконтролиран свет често сме во заблуда на правилно воспитување на децата. Но она што е за мене карактеристично во улогата мајка е да се задржи авторитетот, да имаат доверба во мене, да се знае што е добро и што е лошо . Алана има 5 години и можам да кажам дека во последно разговорите ни се доста сериозни. Правам сѐ за да се задржиме за она што има силно значење, морална вредност и она што е бесценето.

* Колку те промени мајчинството како личност?

- Многу од работите не дозволив да се променат. Сѐ уште функционирам на сличен начин. Меѓутоа мајчинството ме промени на позитивно и направи да сум многу поорганизирана, поснаодлива и побрза од претходно. И те како се успева да се стигне сѐ. Притоа да не се заборавам себеси и своите потреби како личност, мајка и жена. Бидејќи тоа е еден здрав круг на живеење. Треба да си задоволен од себеси за да можеш да ја дадеш таа енергија и на децата! 

* Дали во одредени моменти ти беше криво што не можеш да се посветиш на кариерата поради мајчинските обврски?

- Како што кажав и погоре сѐ уште работам на проекти и ангажмани. Да, можеби не сум толку многу активна, но кариерата и работата не бегаат, секогаш се тука добродојдени додека пак периодот поминат со децата посебно додека се мали е многу краток, незаменлив и никогаш нема да се врати. Па затоа максимално со љубов повеќето од времето е резервирано за нив. 

* Што ви промени пристигнувањето на уште едно дете во семејството? Дали обврските со сопругот ви се поделени? Каков татко е Виктор, дали сам менува пелени, заспива и храни деца...?

- Пристигнувањето на Матиас ни беше уште една радост во фамилијата. Викаат едно дете како ниедно ама две како десет да имаш. И многу е точно. Обврските се дупли. Во сѐ. Бањање, ранење, шетање, активности на децата па и околу чувањето. Имам неизмерна помош од мојот сопруг, одлично ги имаме организирано работите за да можеме да функционираме секако со помош и од најблиските. Виктор е одличен татко и сопруг. Добро се снаоѓа во обврските околу децата. 

* Да те навратам малку и на периодите додека беше бремена. Каква трудница беше Мартина, дали беше со некои посебни заповеди? Исто така многу брзо по породувањата изгледаше како воопшто да не си била бремена, на што се должи тоа?

- И во двете бремености поминав одлично, иако во втората бременост Матиас не изненади еден месец порано од терминот, се роди во осмиот месец поради контракции и ни беше стресно додека не кажаа дека е супер и во одлична состојба. Бев доста активна трудница без никакви посебни режими… веројатно се работи за генетика, имав само 8-9 килограми качено во двете бремености.

* Дали имате планови за летен одмор? Дали одите сами со децата или пак практикувате да имате помош од баба, дедо, дадилка за да ви биде полесно?

- Секако дека да, планираме да одиме на одмор, да избегаме малку од секојдневието и да се ладиме под сенки и покрај море. Кога одиме со деца помошта ни е секогаш добредојдена, не ја одбиваме. Да речам комбинираме, некогаш се тука нашите најблиски баби, дедовци, како и благодарност до нашата дадилка, а често одиме и сами со деца.

* Кои се твоите планови за професионалната кариера, дали планираш да се вратиш?

- Во планирање и спремање сум на неколку проекти поврзани со мода, каде не можам многу да откријам конкретно за што станува збор додека не биде финално готово, но ќе бидете информирани и поканети секако. Додека пак во делот на ангажманите за пред камера се секогаш отворени се надевам и на уште поактивна од претходно. 

* Што според тебе ја претставува убавината на една современа жена?

- Според мене убавината на една современа жена ја претставува преку нејзината душа, очите, срцето, насмевката, она што го носиме длабоко во нас. Надворешната убавина е манифестација на внатрешната убавина. Доколку го негуваме нашиот дух и она што самото тело и душа ни го бара ќе ни возвраќа со убавина. 

* Твои брзи и лесни трикови за секогаш среден изглед?

- Ние жените знаеме колку воопшто не е лесно да си женско. Колку тоа средување одзема време. Јас во принцип од кога добив деца некако сѐ ми оди брзо…па и тоа средување, иако сум застаната во времето околу новитетите и безбројните трендови за убавина и нега, не ги пратам баш. Практикувам природен изглед како жените порано…и тоа е доста брзо и едноставно. Бронзер, сјај или кармин за усни, коректор со минимална покривност по потреба, добар парфем, гардероба во која ќе се чувствуваш удобно. И не го заборавам накитот кој секогаш е дел од мене. 

* Омилено летно парче облека од кое не се двоиш сезонава?

- Заљубена сум во широките панталони и фармерки што се премногу „ин“ во последно време и се премногу удобни. Летниот период секако имаме премногу избор на облека што е удобна, лесна и ве прави да се чувствувате слободно. Можам да ги издвојам оние ленени парчиња облека, комбинезон, панталони, фустани кои се безвременски. 

* Мото кое те води низ животот.

- Со длабока и искрена љубов, со благодарност и верба во Бога, сѐ се може и успева! 


* Даница Караташова Илиоска