„Менувам пелени, ја пресоблекувам, заспивам и ја бањам ќерката“: Иван Јованов за улогата на татко

Добивај вести на Viber

Еден е од најпосакуваните момци на македонската музичка естрада, фронтмен е на најбараниот бенд „Либеро“. Иван Јованов од неодамна ја доби најважната улога која може да ти ја додели животот, улогата на татко на неговата ќерка Ниа, која ја доби со сопругата Ивана.

Неодамна Ниа влезе во христијанската вера, крштевката беше во манастирот Св. Јован Бигорски.

За татковството и тоа како Иван покрај работните обврски наоѓа време да биде со семејството, открива за Женски магазин.

Раѓањето на Ниа и тоа што тој стана татко, воопшто не го променило, само што сега тој е многу посреќен човек.

„Секојдневието, да, ми го промени само во поглед на промената во редот на спиење и во поглед на слободното време. Сега веќе не можам да замислам слободното време да го трошам на нешто друго освен на Ниа“.

Се пофали дека е одличен татко и дека знае да прави се она што го прават мајките. Менува пелени, ја пресоблекува, заспива и ја бања Ниа.

Иван се сложува околу констатацијата дека родителството е заемна љубов и грижа за детето. Обврските не се делат на машки и женски.

„Бебето сме го создале заеднички, па и грижата треба да биде заедничка. Додека не се роди Ниа, јас не можев ни да замислам колку можат утрата да бидат волшебни. Искрената насмевка на сонливото бебе, оние мали рачиња подадени кон мене и очиња полни со љубов, тоа е вистинско енергетско полнење“.

За Ивана вели дека е совршена мајка, одлично се снаоѓа во улогата и тој е среќен поради тоа.

„Ниа е многу мирно бебе, плачлива е во рамки на нормалниот бебешки живот“ (се смее).

Првиот контакт со неговата ќерка вели бил волшебен и не постојат зборови како би го опишал тоа чувство.

„Чувството кога прв пат ја примив во раце … искрено тешко е да се опише. Како цел свет да го држиш на дланка, мојот цел свет во само 49 см. Памукче, мило, чисто и невино, а мое“.

На прашањето каков татко сака да биде, дали татко и пријател или пак строг татко кој својата ќерка ќе ја чува во „стаклено ѕвоно“, Иван ја одбра првата опција.

„Татко и пријател секако, живееме во модерно време, па сметам дека чувањето во „стаклено ѕвоно“ може да предизвика само спротивен ефект. Со искреност и пријателски пристап многу полесно може да се влијае на воспитувањето на децата“.

Раѓањето на Ниа не ги измести плановите на „Либеро бенд“, односно нивните професионални рутини, напротив тие продолжуваат да работат со полна пареа како и досега.

„Секако дека настаните продолжуваат со однапред испланираните настапи, ние сме професионалци, така што агендата е долга и нема откажување на настапи. Да бидам искрен, можеби малку нескромно, но нашата агенда е пополнета до крајот на годината, а не само за ова лето. И јас и бендот многу сериозно сме посветени на работата и за тоа најмногу сме ѝ благодарни на нашата публика“.

Ова лето парот планира да замине на прв семеен одмор, но дестинацијата Иван не ја откри, исто како и во тајност се крие тоа дали наскоро ќе има свадбени ѕвона за него и Ивана, одговорот беше: „И тоа ќе го видите на социјалните медиуми, бидете трпеливи“ (се смее).

Габриела Додевска Глигоровска