МИЈАТА СНИМИ ИНСПИРАТИВНА ПЕСНА: За сите модерни домаќинки

Добивај вести на Viber

Старите и нови домаќинки и беа инспирација на кантавторката Мијата да ја напише песната „Домаќинска“. За оваа песна, таа сними и интересен спот, кој е инспиративна, женска приказна.

Трите девојки во спотот се моите магични вили кои ми помагаат.- Мијата со Стефанија Милевска, Ангела Здравковска и со Катерина Илиоска


„Песната ја пишував уште од зимата. Ме инспирираа сите наши мајки, тетки и стрини кои постојано ни зборуваат што се тие направиле кога биле на наша возраст, а ние тоа не можеме да го постигнеме. Во текстот на песната зборувам за нас, модерните домаќинки и за сето она што ние го правиме и не го правиме“, ни изјави Наташа Мијат Крстевска-Мијата, која автор на музиката и на текстот. За песната, која таа ја опишува како ретро-кабаре, аранжманот го изработи Петар Димитровски од Битола, познат по прекарот Mark Purpose, поранешен член на групата „Фолтин“. Песната е снимена во сртудиото Welcome to Stefanija's Music World во Битола.

„Диплиме алишта само пред празници, садови трупаме како да сме цимери, гости во најава-чистиме, ма најважно е да се сакаме“, се дел од стиховите на песната


„Диплиме алишта само пред празници, садови трупаме како да сме цимери, гости во најава-чистиме, но, најважно е да се сакаме“, се дел од стиховите на песната. Во насока на текстот е и спотот, во кој на Мијата и гостуваат три дами која ги избрала самата, на сопствен кастинг.


„Сакам да соработувам со луѓе од секојдневниот живот, обични луѓе, тие им даваат повеќе душа на нештата. Затоа ги избрав овие три девојки. Првата е Стефанија Милевска од Битола, таа е пејачка и кореограф на спотот. Ја поканив и Ангела Здравковска од Берово, исто така талентирана пејачка. Таа на едно талент шоу ја испеа мојата песната „Верувам во себе“, а јас и ја дадов матрицата.Третата е Катерина Илиоска, моја пријателка, мајка на две деца, која идеално одговара за сценариото. Во видеото, тие три се моите магични вили кои ми помагаат да средам се: да зготвиме, да испереме и исчистиме, се што една жена едвај постигнува или не може да постигне самата да го направи“, ни раскажа Мијата и најави дека промоцијата на спотот ќе се одржи на крајот на следната недела.

Ме инспирираа сите наши мајки, тетки и стрини кои постојано ни зборуваат што се тие направиле кога биле на наша возраст, а ние тоа не можеме да го постигнеме.

Видеото кое самата го режираше е снимено на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА, со техничка помош од Милчо Узунов од „3 Д“ студио.

Мијата за крај додава дека е многу задоволна од сработеното и уживала во целиот процес на создавање на спотот. „За да се опремиме како вистински домаќинки, позајмив дел од сценографијата од мајка ми, свекрва ми, пријателки“, додаде таа.

Милица Џаровска