„Мир-Божица-Ејрене“ од Аристофан е една од античките комедии во која и денес се препознаваат универзални вистини

Добивај вести на Viber

Грчкиот драматург Аристофан има напишано голем број дела, но, за жал, само 11 се зачувани денес, а македонскиот превод на неговата комедија „Мир-Божица – Ејрене“ е дури негово деветто дело кое доживува домашно издание. Книгата која вчера беше промовирана онлајн на фејсбук-страницата на „Литература.мк“ е преведена од старогрчки јазик од пензионираната универзитетска професорка Елена Колева. Се работи за комедија која и денес „дише“ со актуелност, иако е напишана во петтиот век пред нашата ера. Самиот факт дека и денес се чита е показател дека ракописите на Аристофан секогаш се актуелни и се значаен дел од светската литература. „Мир-Божица–Ејрене“ е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.com.mk 



 
Модератор на вчерашната онлајн-промоција беше уредникот во издавачката куќа „Арс Ламина“, Ведран Диздаревиќ, додека гостин беше професорката од Институтот за класични студии, Весна Томовска, која воедно има и преведено две дела од Аристофан, „Лисистрата“ и „Жаби“.
 
– Преведувачот секогаш е и автор кога станува збор за превод, така што „Мир-Божица – Ејрене“ е и авторско дело на професорката Елена Колева. Сите антички текстови се еден вид на метаморфози од она што го напишал авторот, во случајот Аристофан, со оглед на тоа дека овие дела се настанати многу одамна. Тоа што го имаме се преписи, ракописи и дополнителни критички изданија, така што еден преведувач на антички текстови кои се напишани на латински или, пак, на старогрчки јазик првично се зафаќа со сериозна истражувачка научна работа. Прегледува повеќе оригинални текстови, различни изданија и земајќи предвид дека временската дистанца е голема, со тоа и самата работа е посложена и бара знаење од различни сфери – појаснува проф. д-р Томовска.
 
Иако „Мир-Божица – Ејрене“ е мала книга (од околу 100 страници) во неа е вложено многу истражување и труд од страна на проф. д-р Елена Колева за соодветно да се донесе текстот на Аристофан. Професорката Томовска посочи дека кога станува збор за биографијата на овој комедиограф не може да се каже многу со оглед на тоа дека нема голем број зачувани податоци за неговиот живот. Но, таа даде поширок контекст на општествената и политичката ситуација во која е пишувана „Мир-Божица – Ејрене“ и која воедно симболично е отсликана во драмата. Имено, Аристофан творел во периодот на Пелопонеските војни, односно време на граѓанска војна кога градови – држави војувале меѓу себе.
 
– Копнежот по евдајмонија го мапира ставот на Аристофан кон општеството кој тој го коментира во своите дела. Тоа е бидување во сфера помеѓу човечкото и божественото. Фокусот е дека човекот може да напредува кон божество односно постојано да се надминува себеси и да се воспитува. Тоа е сфера на себевоспитување како и на другите и напредување кон врвно добро. Повеќе за евдајмонијата во делот на Аристофан читателите ќе можат да прочитаат во предговорот кон делото – насловен „Аристофан: копнеж по евдајмонија“ – исто така, од авторското перо на проф. Елена Колева. Таа, покрај тоа што го преведе делото, напиша и предговор во кој се мапирани главните пунктови во делото на Аристофан како целина, но и во ова конкретно дело – посочи проф. д-р Томовска.
 
Таа истакна дека во оваа книга главните ликови се: божицата на мирот Ејрене, која е затворена од Полемос (војната), но на крајот таа е ослободена од хорот на селани и успеваат да ја вратат меѓу нив. Томовска вели дека ова дело, како и останатите дела на античката литература се познати по тоа што се универзални, па дури и кога се читаат денес може да се препознаат многу теми и сегменти што се немаат сменето ниту во 2021 година. Пренесувањето на овие драми и комедии низ вековите се должи на нивната актуелност.
 
Издавачката куќа „Арс Ламина“ и во иднина планира да го збогатува изборот на антички дела преведени на македонски јазик.


ПР објава