Мирјана Петковска: Ќерка ми со Даунов сидром на 13 години им плетеше чеиз на невестите, а сега прави накит и чанти
Алки од волница и од свилен конец, чанти, футроли за мобилни, шноли, венчиња, се дел од креациите на Елизабета Петковска (50). Таа е единствена со Даунов синдром, која со плетење се обидува сама да заработува.
Нејзината мајка Мирјана Петковска, открива дека љубовта кај Елизабета кон оваа вештина, првпат ѝ се појавила кога имала 13 години.
-Додека со сопругот бевме на работа, мојата мајка ќе ја земеше од училиште и ќе ја чуваше, додека не се вратиме. Мајка ми постојано плетеше. Тоа ѝ стана интересно на Бети и побара да научи сама да плете. Веднаш го истакна талентот. Прво почна да екла старовремски милјиња. Во тоа време имаше многу млади девојчиња кои ги купуваа за чеиз. Ќе ѝ покажеа модели од „Бурда“ и таа ќе им направеше исти. Потоа почна да плете срциња во кои ставаше миризливи сапунчиња. Беше препознатлива по тоа. На луѓето им подаруваше срциња и со фотографии од познати пејачи. Почна да ги продава, а парите им ги подаруваше на децата со посебни потреби, за лечење – вели Петковска, пензионерка и самохрана мајка.
Од талентот на Елизабета или Бети како што нагалено ја викаат, се воодушевиле и луѓето надвор од земјава.
- Пред неколку години преку здужението за Даунов Синдром, заедно со Ида Мантом бевме во Грција. Понесовме многу изработки на Бети. Луѓето беа воодушевени и сите ги купија. Таму оваа работа многу се почитува. Бевме поканети од невладина организација ЕСЕ, чиј претседател е Али Селим, да присуствуваме на денот за лицата со посебни потреби во Турција. Таму Бети плетеше пред присутните и сите позитивно се изненадија-открива Мирјана.
Колку ќе биде успешна во својата работа, поточно колку ќе може да заработува од своите плетени креации зависи и од сите нас. Производите на Бети може да ги најдете во продавницата „Еснаф“.
-Бети плете речиси се’. Чанти, накит, ланци, прстени, алки, футроли за мобилни, шноли, венчиња. Знае да чита и да пишува. Сама оди во продавница и пазарува. Идеите ги црпи од интернет. Направи мартинки за први март. За Велигден ќе прави плетени корпи со јајца. Има милион идеи. Сите што ќе покажат интерес, производите на Бети може да ги видат на нејзината фејсбук страна. Ако се заинтересирани им ги испраќаме по карго. Посветена е и на други активностии. Беше дел од театарската претстава „Викај ги среќа“ на режисерот Златко Славенски. Оди на танц во Центарот за Даунов синдром „Трисомија 21“ – посочува Петковска на крајот од нашиот разговор.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА