Младешки и умерено сексипилни кроеви се совршен погодок на матурска тоалета за секоја девојка да блесне: Модната дизајнерка Марија Митровска со супер совети за матурантките
Марија Митровска е млада модна дизајнерка која секојдневно креира дизјани по желбите на нејзините клиенти во сопственото модно ателје „Atelier by Sonja&Marija“ лоцирано во Скопје и Струмица
За неа денот започнува со шолја турско кафе кое ѝ носи мал момент за себе пред да започне со секојдневните предизвици.
- Секој ден без исклучок ми започнува со утринско кафе, незамисливо е денот да ми започне без шолја кафе. Ова е ритуал што го практикувам секој ден. Секоја голтка не само што го буди моето тело туку дополнително ми дава сила и енергија успешно да го започнам денот.
Освен кафето, дополнителна енергија ѝ дава добар сон, убав топол сончев ден и кратка прошетка за убав и продуктивен почеток на денот.
Нејзините секојдневни планови се базирани околу нејзината работа во ателјето и нејзините клиенти, од кои во изминатиов период во најголем број беа матурантките.
- Целиот работен ден со мојот тим го поминуваме креирајќи модни дизајни кои го отсликуваат ликот и карактерот на моите клиенти. Во „Atelier by Sonja&Marija“ креираме венчаници, свечени тоалети и матурски фустани. Годинава матурантките практикуваа многу различни стилови од класични силуети, елегантни стилови на сирена, балски фустани, кратки кроеви, па сѐ до современи дизајни и многу рачна изработка.
Според Марија елегантни, младешки, гламурозни, комфорни, романтични и умерено сексипилни кроеви се совршен погодок на матурска тоалета за секоја девојка да блесне на еден од своите најубави денови.
Таа вели дека главна инспирација и цел при создавање на еден модел се гламурозен, модерен и луксузен изглед за задоволството на клиентите да биде неминовно, а со тоа нејзиниот ден поуспешен од претходниот.
- Мојата мотивација произлегува од способноста да помагам и да бидам корисна на луѓето. Со своите совети овозможувам нашите клиенти да ги остварат своите соништа и цели. Тоа ме исполнува со задоволство и ме мотивира да се надминувам и надградувам секојдневно - додава Митровска.
Денот најчесто го завршува во домашна атмосфера т.е. во кругот на семејството и најблиските и смета дека времето поминато со најблиските е непроценливо.
Слободното време сака да го поминува патувајќи на различни дестинации низ светот, а исто така сака да прочита и по некоја добра книга.
- Кога би бирала помеѓу добра книга и добар филм, дефинитивно добра книга би бил мојот избор. Добрата книга секогаш е добар избор да се опуштите, за момент да побегнете од реалноста и да сонувате со отворени очи.
За крај, животното мото на Марија кое е дел од нејзиното секојдневие.
„Секој нов ден е прилика за нов почеток и нови можности, затоа да го направиме денешниот ден подобар од вчерашниот. “
*Даница Караташова Илиоска