МУЗИКА НА ТАПЕТ: Најозборуваните македонски песни

Добивај вести на Viber

Наменските рефрени од контроверзниот Закон за поддршка на домашната музичка продукција, патриотските песни и нумерите со кои се пропагираше концептот за многудетно семејство се надвор од конкуренција во овој избор, иако истите дефинитивно се најозборуваните во македонскиот етер. Постојат уште неколку композиции од поново време кои беа жестоко критикувани на социјалните мрежи. Повеќето од нив имаат сериозен број прегледи на каналот „Јутјуб“.

„Империја“ (Есма и Влатко Лозаноски)


Несудената евровизиска тема. Поради острите реакции на публиката, МРТ одлучи да ја повлече од изборот, но остана во етерот. За многумина освен квалитетот на песната „спорен“ беше и видеозаписот во кој акцентот беше ставен на зданијата од проектот „Скопје 2014“. Со лошите оценки се помирија и авторите на „Империја“, Симеон Атанасов, Дејан Момировски и Борче Нечовски. Наша втора шанса таа 2013 година на „Евросонг“ беше рефренот „Пред да се раздени“ отпеана на македонски и на ромски јазик. По катастрофалниот пласман во Малме, дел од јавноста се пишмани, па доминираа коментарите дека, сепак, сме погрешиле во проценката.

„Текила и лимон“ (Елена Ристеска)


Нашата поп-ѕвезда минатата година навистина крена голема прашина со овој заразен рефрен со кој дефинитивно отвори ново поглавје во кариерата. Ристеска храбро се справи со негативните коментари.

- Сè е прашање на вкус. Не би требало нечија уметност и креација да се навредува. Да речеме, за некого Пикасо бил одличен уметник, а за некого уметноста му наликувала на карикатуризам. Секој има различна перцепција за убавото. И секој има право да одбере што ќе слуша. Поделеноста и различноста на коментарите ми докажаа дека мојата музика не остава никого рамнодушен. На крајот на краиштата, оние кои од љубопитност кликнале да ја чујат песната ненамерно ми направија огромен маркетиншки бенефит поради порастот на прегледите на „Јутјуб“ – објасни таа во интервју за „Стори“.

„Ненаситен“ (Марјан Стојановски)


Еден од најквалитетните интерпретатори во својата генерација, но и еден од најозборуваните. Многу од неговите песни кои навистина беа популарни во времето кога беа издадени и денес се под лупа, особено кај Твитер-заедницата. „Ненаситен“ дефинитивно е една од нив. Стојановски е хорист во Македонската опера и балет и сè поретко го има на естрадниот подиум.

„Дома си е дома“ (Тајзи)


За рефренот во кој младиот пејач и автор Драган Величковски-Тајзи ја опејува Македонија како Елдорадо на Балканот се крена многу прав, но и покрај реакциите темата е хит со над 2 милиони прегледи на „Јутјуб“. Во една прилика Тајзи нагласи дека во повеќето негови композиции пее за системот во кој живееме и објасни кој бил мотивот да ја создаде „Дома си е дома“.

- Едноставно не ми се допаѓа тоа што за секој млад човек првата опција е да замине од државата, земјата за која се воделе војни со векови наназад. Лесно е да фатиме авион и пукаме сеир од некој град низ Европа или Америка, а плачеме со нашите мајки и браќа на „скајп“. Во ред е да се отиде, да се прошета и види и тоа го кажувам и во песната, но не и да се иселуваме. Зарем таму некаде тече мед и млеко? Секаде е истиот систем и поредок и на светот му е потребна глобална револуција на свеста. Нека ме критикуваат, но еден ден ќе разберат за што се борам и ќе се поклонат на моето дело – порача популарниот музичар.

Ѓ.С.