Националната галерија е дезинфицирана, сепак посета само онлајн

Националната галерија, како и другите културни институции, е затворена за посетители, но постојаната постановка во Даутпашиниот амам е достапна за посетителите преку VR платформата.

Во настојување да понуди нови виртуелни опции за анимација на својата публика од различни професионални и возрасни групи, тимот на Националната галерија почна да нуди и бесплатни платформи за симнување на дигитални форми на каталози и монографии од нивните досегашни изложби, проекти и активности.

-Наскоро најавуваме и виртуелни описи и презентации на дела од нашата богата колекција, презентирани од нашиот стручен кадар – најавуваат од Галеријата.

Во подготвка е и промоција на виртуелни работилници и уметнички игри за децата, кои ќе бидат изготвени од едукативен тим и ќе одговараат на различни возрасти – дошколска и школска возраст, средно училиште и за децата со посебни потреби.

-Останете дома, чувајте се и заштитете се себеси и најблиските, да го победиме овој здравствен предизвик, притоа задржувајќи го духот и негувајќи ги и почитувајќи вистинските културни вредности – порачуваат од Галеријата.

Вчера во сите објекти на Националната галерија е извршена дезинфекција на изложбените и работните простории.