Најблиските ѝ одадоа почит: Се пееа песни во спомен на Есма Реџепова Теодосиевска

Добивај вести на Viber

Пријатели, соработници, колеги ја испочитуваа легендата на ромската песна Есма Реџепова Теодосиевска , присуствувајќи на настанот „Во спомен на Есма за незаборав“ кој се одржа синоќа во кино „Фросина„ во Скопје.

На овој уникатен уметнички настан беа изведени 11 музички нумери од големиот музички опус на Есма Реџепова Теодосиевска, во изведба на познати музички имиња од македонската и ромската музичка сцена.

Дел од песните ги исполнија Сузана Гавазова, Анета Љумаковска екс вокалот од групата „Молика„ Рамадан Бислим Рамко Хајрија Бислим, Бернат Демоирали и Ервин Аметовски. 

Беше прикажан и краток  документарец за Есма во продукција на СП БТР. Познатата новинарка Валентина Парго пред присутните ја прочита поемата што и ја посвети на Есма. Организатор на овој настан е СП БТР Продукција заедно со Хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски„.  Зоран Димов, сопственик на БТР Телевизија истакна дека е среќен што успеал да организира ваков настан за Есма, која му била втора мајка.

-Таа беше жена со големо срце. Ми овозможи да ја сместам телевизијата во просториите на нејзиниот дом. Секогаш ми велеше „ не се грижи, ќе биде добро, ќе успееш, јас сум тука да ти помогнам“. Многу хуманитарни настани организиравме заедно, за сиромашни, болни. Велеше дека сиромавиот треба да му дава на богатиот. Ја сметав за втора мајка– вели Димков. 

Со настанот се одбележаа и 80  години од раѓањето на хуманитарката со големо срце – Кралицата Есма Реџепова Теодосиевска. Овој настан го потпомогнаа и Министерството за култура како и градот Скопје.  

С.А.Н  

Фото: Вангел Тануровски