Најлесни се заминувањата без збор
Те оставив некаде попатно
Неосетно и без намера
Небаре човек со ниет тргнува
За да се одљуби и да замине
Ете така, токму така
Те оставив без да сетам
Оти повеќе до мене не си
Како заборавен куфер
Кој самува на железничката станица
И кој чека некој да го однесе
Во делот за изгубено-најдено
А и тебе некако како да ти олесна
Та не ме ниту потсети дека тука не си
Како да чекаше да си го фатам патот
Или повеќе на твојот да не сум
Па си киниса на некое друго место
Во нечија друга постела
А јас понавика на твојата перница спијам
Повторно без да забележам дека те нема
И дека веќе нема вдлабнатина на креветот
Онаму каде што твојата топлина
Одамна испари и додека беше тука
Се оставивме попатно
Дали ти мене или јас тебе
Веќе сеедно станува и за двајцата
Впрочем не ќе фаќаме кусур затоа
Кој кого напуштил уште дур сме вечерале заедно
И само некоја дребулија на тебе ми мириса
Заборавена кошула
Или жилетот на умивалникот
Жичка од твојата колонска вода
Та низ неа поминувам безбол
Како низ смогот во градот
Кој повеќе не ме гуши
Се оставивме попатно
Меѓу две кавги
Меѓу два различни светови
Меѓу твоето излегување од дома
И моето влегување
Во празни четири ѕида
Во тишина која повеќе ме радува
Отколку што ми тежи
Има вистина во тоа дека
Најлесни се заминувањата без збор
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска