Направени две успешни операции кај предврeмено родено бебе тешко 1080 грама: По 61 ден, малиот Мустафа си замина дома

Добивај вести на Viber

Моменти на неизвесност, страв од конечниот исход, вака дваесет и осумгодишната Ѓунул од Гостивар ја опишува својата втора бременост, која, како што вели, ќе ја памети цел живот. На почетокот ништо не укажувало дека има проблеми, сѐ до моментот кога влегла во осмиот месец од бременоста и почнала да чувствува болки во стомакот и да има отоци по нозете. Поради овие симптоми, заедно со сопругот решиле веднаш да побараат медицинска помош и без размислување сe упатиле во „Аџибадем Систина“.


ПРЕДВРЕМЕНО ПОРОДУВАЊЕ СО ИТЕН ЦАРСКИ РЕЗ

На Одделот за гинекологија и акушерство пациентката ја примила доц. д-р Корнелија Трајкова, која тој ден била дежурна. Поради сериозноста на состојбата, пациентката морала да се хоспитализира.

„Бев преплашена, не знаев што ќе се случува. Немав никакви проблеми во бременоста, никакви знаци, се случи неочекувано, но бев подготвена на сѐ, само да се заврши добро. Откако ме прими д-р Трајкова и ми ја следеше состојбата, ми објасни дека мора да ме породат со царски рез. Таа вест за мене беше преголем стрес, но морав да бидам силна за себе и за моето малечко бидејќи немав друг избор“, вели Ѓунул. 

Само неколку часа по приемот на одделот, биле направени сите потребни анализи и испитувања. Д-р Трајкова вели дека биле детектирани проблеми кај плодот и морало веднаш да се реагира.

„На Одделот за гинекологија и акушерство, пациентката ја примивме во добра општа состојба во 31. гестациска недела од бременоста. При ултразвучниот преглед, детектирани се застој во растот на плодот и отсутна околуплодова вода. На пациентката ѝ укажав на сериозноста на состојбата и за тоа дека мора да се хоспитализира. Само неколку часа по приемот, откако беа направени сите иследувања според протокол, поради јасни знаци за почетно страдање на плодот, раѓањето се заврши со итен царски рез. Заедно со д-р Емилија Мирчевска, специјалист анестезиолог и д-р Ева Палчевскa, доктор по општа медицина, специјализант по гинекологија и акушерство, бргу реагиравме и успешно го завршивме породувањето со царски рез. Плодот беше помал за гестациската старост, со помала тежина од очекуваната за оваа гестациска недела, но во добра состојба“, вели д-р Трајкова.


МАЛИОТ МУСТАФА ПРЕД УШТЕ ЕДЕН ПРЕДИЗВИК

По операцијата со царски рез, бебето Мустафа го сместиле во инкубатор на Одделот за неонатална интензивна нега бидејќи се работело за предвремено родено бебе. Третиот ден по породувањето со царски рез, кога Ѓунул почнала да се движи, веднаш се упатила кон Одделот за неонатална интензивна нега за да го види своето дете. Сепак, моментот на среќа не траел долго, на мајката ѝ соопштиле дека на бебето му претстои итна операција.

Д-р Радица Муратовска-Делимитова, неонатолог од Одделот за интензивна нега, ја следела состојбата на малечкиот Мустафа од самото раѓање. При редовната визита на третиот ден по раѓањето, кај Мустафа докторката забележала дистендиран и тврд стомак.

„Мустафа се роди во 31. гестациска недела  со тежина од 1 080 грама и должина од 36 см. Го сместивме на Одделот за неонатална интензивна нега поради прематуритет, знаци на отежнато дишење и потреба од кислородна поддршка. На третиот ден, кај бебето е забележан дистендиран и тврд стомак и се постави сомневање за перфорација на тенкото црево, за што веднаш беше повикан детски хирург, така што моравме бргу да реагираме“, вели д-р Муратовска-Делимитова.


НАПРАВЕНИ ДВЕ ОПЕРАЦИИ КАЈ ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНО БЕБЕ

Следуваа низа иследувања за да се утврди причината за таквата состојба и да се постави точната дијагноза. Беше направена нативна графија каде што јасно се гледаше постоење на слободен воздух во абдоменот (пнеумоперитонеум), што е знак за перфорација (пукнато црево). Детскиот хирург доц. д-р Ристо Симеонов бргу го формираше својот тим со кој ја изврши првата операција кај малиот Мустафа. Во тимот беа вклучени д-р Андреа Бојковска, доктор по општа медицина, специјализант по детска хирургија, д-р Милчо Мицевски, специјалист анестезиолог и д-р Ведран Стојановиќ, специјалист по педијатрија.

„Првата операција што ја направивме беше поради постоење на пнеумоперитонеум (постоење на слободен воздух) во абдоменот во состојба на сепса. Најдена е перфорација (пукнатина) на тенко црево и извадена е илеостома. Кај бебето беа направени дополнителни испитувања, иригографија, за да се исклучи постоење  на Хиршпрунгова болест и тотална колонична аганглионоза. Исто така, се направи и испитување за постоење на цистична фиброза, а резултатите што ги добивме од овие испитувања беа негативни. По подобрување на општата состојба на бебето, се направи и втората операција за затворање на илеостомата. Бебето почна да се храни нормално со млеко и да има редовни и нормални столици“, објаснува д-р Симеонов.

За оваа состојба д-р Симеонов вели дека е ретка и дека не се детектира интраутерино при ултразвучни прегледи во текот на бременоста, туку по раѓањето на бебето. Еден од најчестите симптоми што се јавуваат при оваа состојба е надуен и дистендиран абдомен, а се решава само по хируршки пат.


61 ДЕН ПОМИНАТИ НА ОДДЕЛОТ ЗА НЕОНАТАЛНА ИНТЕНЗИВНА НЕГА

По два месеца поминати во болница, малиот Мустафа си заминал дома и сега е во прегратките на мама, тато Енес и сестричката Хава, која љубопитно чекаше пред вратата на интензивна нега за да го запознае своето братче.

„Кога го видов првпат, си реков колку е малечок, а толку храбар. Бев во грч, многу исплашена за неговата состојба, не знаев дали ќе преживее, но имав надеж и верував во медицинскиот тим. Нивната посветеност, знаење и искуство ни даваа постојано храброст да се бориме и да се соочиме со секој предизвик во изминатите 61 ден. Конечно сега можеме да се радуваме и безгрижно да уживаме во заедничките мигови, а неизвесноста и стравот да ги оставиме зад нас“, вели Ѓунул.

Родителите на Мустафа велат дека се неизмерно благодарни за грижата и вниманието што им го посветија сите доктори и сестри од Одделот за неонатална интензивна нега, Детската кардиохируршка интензивна нега, медицинската сестра Симона од Детската кардиохируршка интензивна нега и преостанатиот персонал.