Нарачала шампон на интернет, а добила 20 пасоши
46 годишната Никол Мичел од Лондон не можела да си поверува на своите очи кога го отворила пакетот кој стигнал по брза пошта и видела 20 нови американски пасоши наместо шампонот кој го нарачала преку интернет.
Таа веднаш ја повикала полицијата, од каде што ѝ рекле да ги фрли во ѓубре, но тогаш висок полициски службеник го презел разговорот и ѝ рекол да не го прави тоа. Жената потоа ја повикала американската амбасада во Лондон.
По неколку часа, пасошите се преземени од вработен во Американската амбасада во Лондон. Компанијата која ги доставила пасошите соопшти дека пакетот за Мичел и пакетот за амбасадата стоеле еден до друг и дека курирот по грешка ги заменил.
Од Амбасадата на САД во Лондон соопштија дека веруваат дека станува збор за обична грешка која нема да се повтори и дека безбедноста и интегритетот на патните документи е на прво место.