Наше девојче имало само 13 години, а морало да абортира- стапката на адолесцентна бременост сѐ уште висока
Околу три ипол пати повеќе абортуси имало во 2023 година споредено со 2020 година на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, покажуваат податоците од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). За четири години, на оваа Клиника имало вкупно 2.626 абортуси, а бројот секојдневно растел од 2020 година до 2023 година. Во 2020 година биле извршени 324 абортуси, во 2021 имало 554, во 2022 имало 615, а лани 1.133 абортуси. Најмладата пациентка имала 13 години.
Претседателот на МАГО, професор доктор Глигор Тофоски посочува дека стапката на адолесцентна бременост, на девојки на возраст од 15 до 19 години, сѐ уште е многу висока и дека годишно околу 100 млади девојки под 20 години абортираат.
- Кога се во прашање младите, само 2,4 проценти од адолесцентите побарале совети за планирање на семејство кај својот матичен, семеен доктор или матичен гинеколог. Само 5,6 проценти од студентите во Скопје користат орална контрацепција. Најголем процент од младите го користат прекинувањето на сексуалниот однос (coitus interruptus) за заштита од непланирана бременост. Стапката на адолесцентна бременост, на девојките на возраст од 15 до 19 години, сѐ уште е многу висока и опфаќа 4,2 отсто од вкупните раѓања. Годишно околу 100 млади девојки под 20 години абортираат. Сето ова ја поткрепува потребата од воведување на сеопфатно сексуално образование, дециден е Тофоски.
Според извештајот на службите за здравствена заштита на мајки и деца за 2021 година, во текот на 2021 година регистрирани се вкупно 20 живородени новороденчиња од мајки под 15 години и 791 живородени и 5 мртвородени новороденчиња од мајки на возраст од 15 до 19 години.
Целиот текст на ФАКТОР