НАСКОРО ЌЕ БИДЕ НАЈБОГАТАТА ЖЕНА НА СВЕТОТ: Која е и што работи Мекензи Безос?

Добивај вести на Viber

Светските медиуми не престануват да пишуваат за разводот на американскиот милијардер Џеф Безос, основачот на компанијата „Амазон“ и прв на листата на најбогати луѓе на светот според магазинот Форбс. Неговата сопруга Мекензи со која има четири деца наскоро би требало да стане најбогатата жена на светот, ако ѝ припадне половина од богатството на Безос кое се проценува на 137 милијарди долари.

За финансиските договори на двојката малку се знае, а се претпоставува дека правната битка ќе се одвива во Вашингтон каде тие живеат и каде што го стекнаа своето богатство. Многу адвокати сметаат дека Џеф нема да се согласи на еднаква поделба на имотот со која би можел да остане без 16,1 отсто од акциите кои ги поседува.

Џеф и Мекензи се запознале додека и двајцата работеле во иста фирма, многу години пред основањето на „Амазон“. Постои анегдота дека дел од стратешкиот план на компанијата е напишан за време на нивното патување со автомобил од Њујорк до Сиетл. Мекензи има голем удел во трансформацијата на малата онлајн книжара во моќен гигант и втора компанија во американската историја која е проценета на повеќе од милијарда долари.

Веста за нивниот развод ја изненади јавноста, а двојката засега се има огласено само преку нивните твитер-профили каде што напиша дека одлучиле да продолжат како пријатели. „Остануваме семејство, остануваме драги пријатели“, наведоа тие.

Во период од неколку децении додека компанијата растеше, Безос можеа да се видат на гламурозни настани како „Оскар“ и „Златни глобуси“, а во 2012 година Мекензи дури беше домаќинка на традиционалниот бал „Мет Гала“. Сепак, ја чуваше приватноста, се занимаваше со пишување и се грижеше за децата. Во јавноста се појавуваше дозирано, кога ги промовираше своите книги, но и во одбрана на својот сопруг кога во 2013 година беше објавена книга за Амазон на авторот Бред Стоун кого го обвини за „низа неточни информации“.

Мекензи Татл, во тоа време писателка, својот сопруг го запознала во еден њујоршки Фонд каде Безос бил потпретседател. Во разговор за магазинот „Вог“ изјави дека работата како асистент во администрација ја прифатила за да може да си ги плаќа сметките додека пишува книги. „Џеф работеше до мојата канцеларија. Беше тоа љубов на прв поглед“, изјави таа. По само три месеци забавување, двојката се вери. Тој имаше 30, а таа 23 години.

Мекензи студирала креативно пишување на универзитетот Принстон, а славната писателка наградена со Нобелова награда, Тони Морисон, ја ангажирала како асистентка во истражувањата за книгата „Џез“ и ја запшознала со повеќе реномирани агенти.

Само неколку часа подоцна, странските медиуми веќе почнаа да пишуваат за новата партнерка на Џеф, која наводно била причината за еден од можеби најскапите разводи во историјата. Станува збор за Лорен Санчез, некогашна водителка на временска прогноза на телевизијата „Фокс“.