Ана Бунтеска: ѓа’олот секогаш по своето си доаѓа
Никогаш не ми олесни
за тебе дур’ пишував
а мислев
навистина мислев дека поинаку ќе е
дека ете
ќе те испишам и болката ќе мине
а како време минеше
потешко во душава
пилето потивко црцореше
како уморно
како болно да беше
оти и од љубов се поболува чо’ек
како секој изваден јад
наместо на душава лек да биде
место за три нови јадови отвораше
а мислев
мислев дека колку ќе те блујам на хартија
толку појќе мир ќе имам
и дека еден ден збор во мене не ќе остане
дека ќе се испразни
дека ко’ ќе вреснам ехо во мене ќе има
и дека ќе можам да дишам
ама не
демонот секогаш по своето си доаѓа
тамам ќе мислиш дека си здивнал
совеста иде да си наплати
та дури ми се чини оти можам да ја чујам
оти со смеа во гласот тивко шепоти
„каде пиле, каде? На толку гревови кај мислиш
да бегаш“
и повторно во истиот круг
и повторно блуење
дур’ секој збор со крв не го измешам
та да ме боли како првиот пат
ама овој пат да знам оти ќе боли и повеќе
и ко’ ќе речат оти чо’ек врви
она што Господ знае дека ќе може да искрепи
ми иде
ете ми иде гола да се слечам
и со ноктиве кожата да си ја раздвојам
и на мегдан кафезот од коски да го извадам
горе да гледам
онаму горе и да му викнам
„гледај
види кафез без пиле внатре
слушни го овој молк
оваа тишина што ништо не ја буди
и нејќам повеќе да трпам
нејќам да сум силна
ниту болка повеќе сакам
или земај ме или аман доста е!
доста е, доста ми е“
та си велам после дека сум улава
дека сама со себе муабет си правам
и дека сама со себе се расправам
и дека ќе мине
еден ден сета тага на светов ќе мине
еден ден
кога ти уште тука ќе си
а јас
јас ќе црцорам некаде заедно со пилето мое
во љубов
во мир
амин
За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска