„Настап на сцена или на обележана патека, аплауз по концерт или по трка, тоа е истата љубов помножена со два“: Пијанистката Дуња Иванова за планинскиот велосипедизам
Многумина ја познаваат како пијанистка и наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, но таа е и страстен велосипедист кој ги освојува планинските патеки и не прави горди што ја имаме.
Дуња Иванова концертна пијанистка, доктор на науки за естетика, со освоени национални титули во сите вело дисциплини, актуелен државен првак во планински велосипедизам, ниже победи во оваа категорија на велосипедизам.
Може да ја видите во задолжителен дрес код за една пијанистка, но и во спортска облека како вистински професионалец.
Љубопитноста е онаа која ја води уште од најраното детство кон откривање на области кои биле и сè уште се нејзини полиња на интерес.
За планинскиот велосипедизам, мотивацијата, натпреварите, музиката во интервјуто кое следува:
„Во различни периоди од мојот живот, почнувајќи со музиката и пијаното, преку науката па потоа и спортот, сум се вложила со исклучителна дисциплина и со љубов кон остварување на конкретна идеја. Интересно е што и до ден денес сум останала доследна на истите идеи кои и во минатото ме обземале со страст, па така мојата сегашност е шарена, со бои кои денот за мене го чинат динамичен и исполнет со мали радости“.
ЖМ: Која е Дуња Иванова (како би сте опишале себе си)?
- Неуморен трагач по нови светови. Вечен идеалист, музика, книга и спорт, и човек кој сака да ја гледа реалноста низ очите на децата.
ЖМ: Како започна приказната за велосипедизмот?
- Природно беше за мене уште од најраното детство, токму велосипедот да биде моето превозно средство и начин за рекреација, зашто тоа беше така и за мојата мајка. Сепак, тој порив за адреналин и натпревар е веројатно наследство од мојот татко кој е повеќекратен првак и рекордер во падобранство, во неколку категории во Македонија и во светот. Моето пријателство со момците од велосипедскиот клуб „Енерџи“ е причината да се „нурнам“ во натпреварувачкиот дел и тоа започна со планинскиот велосипедизам. Со нивната мотивација и поттик на почетокот, па потоа и преку навистина сериозен тренинг план и континуирана поддршка, успеав да напредувам доста брзо па така сите компоненти неопходни за тренинг и напредок ја обликуваа својата смисла и еве, евидентно е дека функционира одлично.
ЖМ: Што е она што е толку посебно во овој спорт?
- Како и во секој друг спорт, предизвикот да се напредува, да се гледа и да се почувствува прогресот, одговорот кој ви го дава телото како резултат на секојдневниот ангажман е мотивот кој ја храни љубовта и кон велосипедот. Секојдневниот контакт со природата во сите временски услови, адреналинот кој го чувствувате за време на еден натпревар, задоволството од успехот кога ќе се качите на подиум но и лекцијата која ќе ја научите после секоја трка, луѓето кои ги запознавате со кои можете да ја делите таа страст и да чекорите храбро во име на спортот.
ЖМ: За да се биде успешен во што било, потребна е и голема посветеност. Неодамна освоивте златен медал на маратон на Стара Планина, но зад себе имате освоено многу планини си велосипед. Какви се подготовките за планинскиот велосипедизам?
- Тренирам секој ден, седум пати во неделата. Оваа година фокусот беше кон натпреварите со предзнак на планинскиот велосипедизам „Маратон“, па оттаму Љубиша Кондев е задолжен за програмата која ја добивам на дневна основа. Минатата година работевме заедно и со Дејан Новковски кој ме водеше во однос на подготовките за хронометарот и првенството во Глазгов, додека кондиционите функционални тренинзи за мене ги конципира Огнен Бражански. Во делот за закрепнување, кој е исто толку важен колку и тренингот, соработуваме со Симон Гоџо. Сите овие луѓе заедно, но и многу други кои со мали детали ја чинат целосната слика и се вклучени во приказната, и во комбинација со мојата дисциплина во однос на исхраната, сонот и балансирање со сите обврски кои ги носи животот, успеваме да поместиме граници.
ЖМ: Секое годишно време си има свои предности и недостатоци. Но како е за вас, во кое годишно доба има најдобри услови за добри резултати?
- Нема пречка кога е планинскиот велосипедизам во прашање. Напротив, ние тренираме во сите временски услови, патем се приспособуваме на промените на теренот, на лизгави камења, карпи, кал, ветер, возиме и на снег понекогаш. И сето тоа како дел од тренингот, затоа што никогаш не можеме да предвидиме какви временски услови ќе нè очекуваат на некој натпревар. Едноставно, си обезбедуваме уште по некој џокер во џеб за да можеме да изреагираме контролирано во секоја ситуација на патеката.
ЖМ: Го носите епитетот – прва Македонка што се пласираше и учествуваше на светско вело-првенство што се одржа лани во Глазгов, во категоријата „хронометар“, оваа година освоивте пласман на ЕУ првенство во планински велосипедизам „Маратон“ во Данска, покажавте и дека сосема заслужено сте таму каде што сте. Каква е состојбата кај нас, дали има интерес за овој спорт и колку женската популација е застапена?
- Интересот за велосипедизмот евидентно се зголемува, иако тоа е во оној рекреативен дел сепак очигледно е дека луѓето се сè повеќе свесни за придобивките од користење на велосипедот во секојдневниот живот. Сепак, натпреварите се едно друго ниво кое бара поинаков вид на посветеност и строги животни навики доколку посакувате прогрес и резултати. Девојките се доста помалкубројни од момците на стартната линија во македонскиот спорт, но тоа не значи дека не можеме да сонуваме и да работиме на патот кон високи спортски дострели.
ЖМ: На кој успех сте посебно горди?
- Горда сум генерално на целиот прогрес кој заедно со мојот тим го постигнавме за четири години колку што јас сум активна во овој спорт. Посебно среќна за тоа што со нашата верба и силна посветеност успеваме да турнеме бариери и што одиме по еден добро осмислен пат. Но еве, оваа сезона беше навистина успешна со пласманите во Грција, Шпанија, Германија, Италија, Данска, победата на УЦИ маратонот во Србија. Нека биде токму таа успехот на кој најмногу се радувам.
ЖМ: Со оглед на тоа што сте пијанистка, дали слушате музика додека сте на вело-планинските терени и што најчесто слушате?
- Јас сум голем противник на слушање музика во слушалки додека сте на велосипед пред сè од безбедносни причини. Музиката ја има таа моќ да нè одведе во други светови но тоа е контрадикторно со она што планинскиот велосипедизам и воопшто велосипедот го бара од вас – целосен фокус и внимание до последна секунда. Инаку по тренингот, задолжително во мојот етер се Einstürzende Neubauten, Nick Cave, Cowboy Junkies, The John …
ЖМ: Имаат ли нешто заедничко планинскиот велосипедизам и свирењето пијано?
- Пијаното и спортот ги обединува начинот на кој тие се учат или тренираат, односно методските правила низ кои минуваме за постапно да бележиме прогрес. Секојдневното дружење со инструментот, пијаното или велосипедот, е неопходно и кај едната и кај другата област. Тоа се долги часови, ментални и физички процеси на издржливост и учење кое едноставно се пресликуваат едни со други. Настап на сцената во концертна сала или на обележана патека, аплаузот по концертот или подиумот по трката, тоа е истата љубов помножена со два.
ЖМ: Сте имале ли досега некоја посериозна повреда?
- Освен неколку гребаници и еден скинат мускул, ништо посериозно за што сум благодарна на себе, на тренингот и Универзумот.
ЖМ: Што доколку на терен ви се дупне велосипедска гума? Дали знаете да смените или повикувате помош?
- Велосипедот со кој тренирам и се натпреварувам е без внатрешни гуми, по принципот познат како tubeless, притоа користиме и инлајнери во тркалата па ако добро паметам само еднаш ми се случило да повикам помош. Инаку, како дел од задолжителната опрема поседуваме и алатки за брза реакција со чепови или боци со CО2 кои ми овозможуваат да го продолжам тренингот или да ја завршам трката.
ЖМ: Кој терен (планина, планинска патека) е ваша најчеста дестинација за тренинг, а која дестинација е тешка за совладување?
- Водно е нашиот најголем благодат, имаме планина во центарот на Скопје. Таму сум најчесто затоа што патеките кои ги имаме токму на Водно се погодни во секоја смисла за тренирање планински велосипедизам. Не знам која е најтешка планина, на трка сè e тешко. Еве последниот маратон на Стара Планина беше екстремен предизвик, со вкупно искачување од 20-тина километри и просечен наклон од 12 проценти. При тоа, многу топло време и сув терен.
ЖМ: Бидејќи планинскиот велосипедизам е сериозен спортски подвиг за кој треба пред сè храброст, добра физичка и ментална подготвеност, но и упорност. Но наоѓате ли време таму некаде помеѓу додека сте помеѓу тие природни убавини и да уживате во она што го создала природата?
- Секако, тоа се мали уникатни мигови кои во друга прилика и не би ги забележала. Мислам дека комуникацијата со природата и сите нејзини совршенства се нештата кои ме мамат да се враќам повторно и повторно со истиот жар.
ЖМ: Додека сте на сцената на Македонската филхармонија, облечени сте во свечен фустан кој е задолжителен дрес код за еден ваков класичен концерт, додека на теренот сте облечени во она што е задолжително пак за овој спорт. Во која облека се чувствувате најудобно?
- Музиката и спортот се двете страни на мојот свет. Ним им се предавам со целото мое срце и тие ја чинат мојата хармонија, така што уживам кога ги балансирам улогите и на едната и на другата сцена.
ЖМ: Мајка сте, сопруга, колку вашето семејство ви е ветер во грб и ве поддржува во она што вас ве прави среќна?
- Во секој мој чекор, и отсекогаш било така, колку и да изгледале некои идеи смели, неизвесни, преидеиалистички настроени, моето семејство секогаш била мојата најсилна поддршка. Така е и денес, заедно со уште неколку луѓе со кои заедно туркаме напред.
ЖМ: Колку велосипедот во вашето семејство е задолжително превозно средство?
- На прво место, се разбира. Јас и мојот партнер така ги пораснавме децата, буквално на велосипед, без исклучок на годишните времиња и прилики. Сега веќе сами возат, секојдневно сме низ скопските улици и шумските патеки.
ЖМ: Колку често го користите велосипедот како превозно средство на релација вашиот дом – ДМБУЦ Илија Николовски Луј?
- Секојдневно без исклучок, во сите услови.
ЖМ: Има ли доволно развиено вело-култура кај нас?
- За да зборуваме за култура најпрво треба да анализираме колку се почитуваме меѓусебно, особено во сообраќајот. Егоизмот за жал, сè уште владее. Само сопственото време е важно, одговорноста кон другиот лебди во некој меѓупростор. Можеме да изградиме совршена инфраструктура и да се наречеме вело-оаза, но сè додека не ни е важно каде паркираме и дали човек во инвалидска количка ќе успее да помине помеѓу два автомобили комотно сместени на пешачка патека, залудни се сите заклучоци.
Посакувам да се освестиме колективно и да разбереме дека овој живот сега и тука ни е даден за да го ползуваме заедно, не сме сами и за да ни биде добро треба на сите да ни е добро.
ЖМ: Кој е вашиот следен предизвик со планинскиот велосипедизам, но и со следен настап закажан на музички план?
- Изминатиот викенд учествувавме на етапната трка во планински велосипедизам на планината Тара во Србија каде заедно со Љубиша Кондев се натпреварувавме во категоријата мешани парови. Сега го конципираме планот и натпреварите кои нè очекуваат во 2025-та година.
На музички план, во подготовка се неколку проекти кои ќе опфатат солистички настапи но и камерни состави со програма од современата класика и минимализам. Повторно ќе бидат тоа премиерни и уникатни изведби на кои се радувам со цело срце.
Габриела Додевска Глигоровска