Не сме манекени, тоа ни е работа: Пејачите се најголеми бренд амбасадори
Ги гледаме на сцена или писта, ни се смеат од билборди или
градски автобуси, на козметички или
модни каталози. Како дами и господа, невести, гала и деловно облечени. Фановите
сакаат да бидат како нив. Го копираат нивниот изглед од улица, патувања,
настапи.. Сакаат да го живеат нивниот животен стил. Споделуваат фотографии на
социјалните мрежи, имаат најмногу следбеници на Инстаграм. Сите сакаат да
дознаат за нивниот приватен живот. Домашниот пазар на македонски или на
интернационални брендови не се заситува од
нивните лица, става и харизма, а пресудна е и нивната популарност, полни
концерти и растење на музички план.
Пејачите како музички бренд станаа најголеми амбасадори на модата и на лајвстајлот во Македонија. Со привилегии, но и обврски. На листата како најангажирани заштитни лица се и спортските ѕвезди, но врвот засега е освоен од поп-дамите Каролина, Лоба, Дани и Тамара, а меѓу поп-џентлемените се истакнува Лозано. Светскиот тренд-компаниите да ангажираат славни личности кои ги делат нивните вредности на облекување, живеење и однесување и кои ги промовираат исклучиво во позитивно светло е одомаќен и кај нас, велат на взаемно задоволство. Сите се во добивка. И финансиска и како имиџ. И брендовите, и амбасадорите и потрошувачите.
Како Каролина Гочева-Корубин, Викторија Лоба, Тамара Тодевска, Дани Димитровска и Влатко Лозаноски- Лозано стигнаа до статусот на најангажирани заштитни лица во Македонија и како се чувствуваат во улогата на бренд амбасадори ни открија ексклузивно за „Женски магазин“.
Каролина: Стил, став и емоции
Каролина пее како ѕвезда, изгледа како ѕвезда, се облекува како ѕвезда. Не ја врзуваат со скандали, приватниот живот го држи подалеку од очите на јавноста, иако е активна на социјалните мрежи. Сè уште стои цврсто на земјата и по свадбата со уметникот Михаил Корубин. Родена битолчанка, одамна скопјанка, една од ретките ѕвезди со спој на убавина, стил и префинетост. На сцената со дамски стајлинг, налик на ѕвездите од Холивуд, во елегантни креации, со избрани модни детали. Нејзината долга коса и шминката на настапите, во спотовите и на концертите ѝ се средени до совршенство. Каролина денес е препознатлива по стилот, ставот и емоциите, слоганот на брендот за италијански накит „Ребека“, а како заштитно лице на брендот „Манго“ , дел од групацијата „Фешн груп“ е урбана жена која изгледа шик од сабајле до навечер.
- Да појаснам, јас не сум манекенка ниту инфлуенсерка и во ниту една од соработките низ годиниве не сум била ангажирана како таква туку сите брендови кои до сега ме ангажирале, тоа го направиле исклучиво заради моето постојано растење и вложување во мојата професија. Што се однесува околу соработките што сум ги имала со повеќето брендови низ годиниве, секогаш со мојот тим многу внимателно сме одлучувале за тоа дали да прифатиме одреден ангажман, бидејќи за да промовирам било каков производ или пак бренд, морам да верувам во него и да се чувствувам комотно - вели Каролина.
Како и на повеќето жени, интересни ѝ се ваквите соработки.
- Секогаш е задоволство кога одреден бренд сака да биде претставен баш од тебе, уште кога и ќе ми се погоди екипата за работа, е тогаш сѐ оди уште полесно - вели таа.
Обично стајлинзите од колекциите на брендовите се прилагодуваат во однос на неа , а не обратно.
- Не би имало никаква поента кога не би личела на себе. Некои стилови повеќе се совпаѓаат со мојот стил, некои помалку, но се трудиме тоа на фотографија да не се забележува многу, објаснува поп-ѕвездата.
Модната улога не ѝ го сменила стилот на облекување.
- Воопшто не. Оваа улога сепак не е никаква новост за мене, ниту е воопшто чудна и невообичаена. Низ годиниве сум имала и одлични соработки кои биле работени и надвор од Македонија, сме работеле во Букурешт, во Варшава, во Софија, Белград, така да бренд амбасадор е само пропратна работа на тоа што е моја професија - ни изјави Гочева-Корубин.
Лоба: Од невеста до деловна жена
Лоба е нежната русокоса со ангелска убавина, Русинка со македонско државјанство, која освен што е фотогенична покажа дека има и глас и чувство за модерен звук кој го слушавме цело лето благодарејќи на првиот студиски албум „Нов свет“, и тоа во две изданија - македонска и англиска верзија. Дип-хаус музиката на Марга Сол и на Роберт Билбилов е воодушевувачка и нè носи на плажите на Санторини каде што се снимени дел од спотовите за песните.
Нејзиниот приватен живот интригира и поради статусот сингл и ја прави уште попожелна за машката популација.
- Во мојата улога како бренд амбасадор се чувствувам одлично, пред сѐ затоа што во потполност имам иста визија и ги делам истите вредности со брендовите кои ги застапувам. Секогаш несебично се давам во секоја кампања и сакам на вистински начин да ја пренесам пораката на компаниите со кои веќе долги години соработувам.
Брендовите кои ги застапувам се „City Fashion Woman“ кои ги носат најексклузивните колекции на Elisabetta Franchi (која се придржува до Animal Free политиката на не повредување на правата на животните), Karl Lagerfeld, Michael Kors, Armani, Armani Exchange, Furla, Versace Couture и други. Исто така долги години сум бренд амбасадор за “Сигма” италијански златен накит и дијаманти, “Мерцедес А-Класа” на Мак Ауто Стар и “Adidas Originals” на Спорт-М, ни изјави Лоба.
Дани: Рокерка во светот на високата мода
Рокерката Дани може да ве остави без зборови кога е со дамски стајлинг, моден камелеон со фризурата, шминката и ставата. Една од ретките личности од естрадата која има сенс за комбинирање, без помош на стилисти. Веќе беше успешна како дизајнер на чевли.
-Replay, Diesel I Scotch@Soda на „Fashion Friends“ се брендовите во кои се чувствувам удобно во моето Јас. Не ми треба улога на манекенка. Овие брендови се за секој оној кој се познава себе и ја ужива слободата на движење, без стеги, правила и граници, ни изјави Дани.
Тамара: Откачена дама на сцена и нежна мајка за „Бекутан“
Поп-ѕвезда која измамува насмевка со својата харизма, по многуте хитови, не воодушеви со стилот, гласот и песната „Горда“ лани на Евросонг во Ерусалим, а сега со стилистот Ношпал зад себе е најхрабра досега во модниот свет. Со оглед на тоа дека децата Хана и Дарен ѝ се центарот на нејзиниот универзум, ѝ се исполни желбата да позира заедно со нив во нежната фотосесија на „Алкалоид“, обоена во сино, бело и розово, како амбалажата на колекцијата „Бекутан“ со која растеа и мирисаа на чисто многу генерации од целиот регион.
Договарана уште пред Евросонг и пред да се породи пејачката со синот, кога беше заштитно лице за италијанскиот бренд за накит „Ребека“ и откако Дарен потпорасна, фотосесијата можеше да се реализира.
- Бев почестена што со моите деца сум дел од приказната за „Бекутан“. Мирисот на „Бекутан“ секогаш ме навраќа во моето детство. Тоа е мирис кој симболизира безгрижност, детски лудории, насмевки, но и спомени што ме изградија мене како личност. Еден вид временска машина што нè враќа во мигови на бескрајна среќа и љубов. Токму такви моменти на бескрајна среќа и љубов доживувам и денес гледајќи ги моите деца. Знам дека не можам да ги заштитам од сите работи што ќе ги донесе животот, но во исто време „Бекутан“ ќе биде секогаш тука да нè потсетува на нашите заеднички среќни мигови - ни изјави Тамара за манекенскиот ангажман како мајка.
Лозано: „Бициани“ е мојот избор
Со годините изгради стил на урбан маж кој успешно го спојува елегантното со спортското. Тоа го препознаа и модните компании кај нас (претходно беше и заштитно лице на „Пежо“) и неговата растечка популарност ја споија и со модниот изглед.
- Во текот на мојата кариера, покрај примарната дејност, ние пејачите бевме ангажирани, на наше задоволство, да извршуваме и други активности или дејности, дали директно или индиректно, каде со текот на времето и искуството се трудиме и нив да ги совладаме, но не секако да им пречиме на тие кои што тоа им е природна дејност. Ќе го наречам повеќе како моделирање, не како манекенство, каде истото било потребно претходно и за моите видео спотови и претходни фотосесии, вели Лозано за улогата како бренд амбасадор.
Ангажманот како заштитно лице на Бициани му е пред сѐ убаво искуство.
- Бициани, како дел од групацијата на „Фешн груп“, кај нас е познат бренд кој функционира повеќе од две децении и ја има довербата кај луѓето со тоа што пред сѐ нуди само квалитет, но и голем избор на парчиња. Јас и изминатите години соработував со нив, каде што на многу мои настани бев облечен во гардеробата на Бициани.Актуелната зимска и есенска колекција кои ги снимивме во Солун и во Берово е за мажи со различни и разновидни вкусови на облекување, каде што одреден вкус секако и мене ми се допаѓа. Мојот стил и вкус на облекување приватно и јавно некогаш не кореспондираат, но секако поради мојата работа сум флексибилен и го ценам мислењето на стилистите - објаснува пејачот.
Лејла Сабит