НЕ СПИЈАМ ОД ВОЗБУДА: Едукаторот Војо ќе има свое шоу во скопската Зоолошка
Познатиот едукатор Војо Иванов стана дел од тимот на Зоолошката градина во Скопје. Секој викенд, посетителите на Зоолошка ќе го гледаат Војо од 11 часот, во шоу наречено Zookeeper's talk. На секои половина до 16 часот, тој ќе посетува по едно од живеалиштата на животните.
„Со денови не спијам редовно од возбуда“, вели Војо чије шоу со рептили го обожаваат децата на родендени, хуманитарни настани и забави.
„ Мојата јавна работа како познавач на егзотични животни започна токму во Зоолошката. Целото детство го поминав во таму, пред да тргнам на училиште, уште во градинка, ритуал ми беше одење во скопската Зоолошка. На памет знаев сѐ, каде живее секое животно и од каде потекнува. Некаде во својата 15 година бев волонтер, во 1998 забележан од посетители. По приказната за мене, која ја пренесоа новинари, од тогаш почнува мојот интензивен живот како поборник, познавач, едуктор и мотиватор за добросостојба на животните“, ни ја раскажа приказната за своите почетоци Војо.
Тој вели дека откако актуелната власт го назначила сегашниот директорот на Зоолошка, Ѓорѓи Галетановски- Чомбе, имало доста реакции во јавноста и на социјалните мрежи, затоа што не потекнува од сродна област. „Но, тој покажа менаџерски способности, па веќе има фино освежување во Зоолошката, луѓе со нова енергија, кои треба да ги освежат и оние кои се вработени поодамна. Така еден ден добив повик од директорот за состанок, и од тој ден наваму, веќе неколку недели постојано сме на линија, со предлози за промени, планови и контакти“, ни изјави Војо и додаде дека му е мило што ужива комплетна доверба од тимот по секој негов предлог, и од нив не почуствувал его и тврдоглавост.
„ Напротив, имаме сличен ентузијазам и мислам дека тоа треба да биде добитна комбинација. Се надевам дека ќе имам влијание да помогнам и на останатите вработени заедно да смениме некои навики, ама и да влијаеме на публиката за поетички однос кој животните“, ни раскажа едукаторот.
За неговиот ангажман, „Раскажувачот од Зоо“ Војо вели дека како концепт има за цел да дава водич-информации за правилата на однесување, информации за видот на животното ама од еден поинаков, интересен аспет. “Тука сум за да им изнудам насмевка на луѓето, да ја анимирам публика, интерактивно да вклучувам млади од публиката да прашуваат, но и да раскажувам приказни од минатото на скопската Зоо градина. За некоја недела, ќе треба да се грижам за две слоници. Тие се дами од „шоу бизнисот“, кои ќе се пензионираат во Скопје. И пресреќен сум“, ни изјави Војо.
М.Џаровска