Почнав како благајник, скалилата ги качував чекор по чекор: Интервју со Нина Неданоска
Почнуваме да ја испишуваме историјата на банкарскиот сектор, во делот на окрупнувањето на банките. Новата банка ќе има актива поголема од една милијарда евра. Тоа е обем кој сам по себе носи значајни придвижувања и поместувања во банкарскиот сектор. Со таа актива, интегрираната Шпаркасе Банка Македонија ќе биде позиционирана на четвртата позиција во банкарскиот сектор, и ќе биде значајна системска банка. Во интервју за Фактор, новата директорка на Охридска банка АД Скопје, Нина Неданоска, вели дека новата интегрирана банка ќе нуди уште подобар сервис на компаниите и граѓаните, ќе воведе значајни нови знаења и искуства, но и автоматизација и дигитализација на производите и услугите. Практично, вели Неданоска, таа банка ќе се натпреварува сама со себе, а времето ќе покаже дали ќе ја загрози позицијата на големата банкарска тројка. Во интервјуто Неданоска зборува и за економските очекувања за идната година, неизвесноста што ќе ја донесат изборите, но и за позитивните сигнали што ќе ги добијат инвеститорите по влезот на земјава во НАТО. Таа е најмлад претседател на Управен одбор на банка во земјава, но ниту тоа, ниту фактот што е жена во претежно машкиот банкарски свет, не и пречат во кариерата. Искуството кое 17 години го стекнувала во Охридска банка, како и посветеноста, и помогнале да го изоди целиот кариерен пат, почнувајќи од благајник, и стигнувајќи до врвот во Охридска банка.
За претседател на Управниот одбор на Охридска банка доаѓате токму во времето кога таа станува дел од Штаермеркише Шпаркасе, а оваа историска промена во банкарскиот сектор во земјата е проследена со огромно внимание. Што, според Вас, може да се очекува од оваа нова банка, која ќе има значителен удел на пазарот?
Неданоска: 2019-та беше навистина историска година, не само за Охридска банка туку и за целиот банкарски сектор. Окрупнувањето на банкарскиот сектор беше препорачувано од централната банка подолг период наназад и еве, тоа се реализира оваа година. Тоа, несомнено, ќе има импакт на банкарскиот сектор во Македонија. Јас често велам дека од овој момент почнуваме да ја испишуваме историјата на банкарскиот сектор во делот на окрупнувањето на банките. Во вториот квартал од 2021 година се очекува да имаме една нова интегрирана Шпаркасе банка Македонија, која ќе има удел од 12 до 14 проценти, во зависност од сегментот што ќе се анализира. Од сегашните податоци, кои нема да претрпат значајни измени, интегрираната Шпаркасе банка ќе биде позиционирана како втора во корпоративниот сегмент од аспект на кредитната активност и како трета банка во делот на населението. Тоа, секако, си носи и свои предности, но и одговорности во однос на нашите клиенти. Зборуваме за банка којашто ќе има актива од над една милијарда евра. Тоа е обем кој, секако, сам по себе носи и значајни придвижувања и поместувања во банкарскиот сектор. Со таа актива, интегрираната Шпаркасе банка ќе биде позиционирана на четвртата позиција во банкарскиот сектор и ќе биде значајна системска банка.
Целото интервју на Фактор.мк.