Немав реакции, дел од колегите добија треска и главоболка: Гостиварчанката Петра Јанеска, меѓу првите здраствени работници во Словенија ја прими вакцината Фајзер

Добивај вести на Viber

Петра Јанеска е дипломирана медицинска сестра вработена во Универзитетскиот клинички центар во Марибор, на одделот за Неврологија. Паралелно ги привршува магистерските студии на факултетот за Здравствени науки со висок просек. Се надева дека Ковид мерките ќе се намалат и ќе може да го одбрани трудот на пролет. Основно и средно образование завршила во својот роден град Гостивар. Желбата и планот за докторски студии и понатамошна специјализација се надева дека ќе ги реализира при крајот на оваа година. Јанеска беше меѓу првите здравствени работници кои ја примија вакцината Фајзер. Верува во нејзината ефикасност и смета дека таа е единствен лек во борбата со Ковид пандемијата.

* Кога ја примивте вакцината? Имавте ли претходно некакви подготовки?

- Бев меѓу првите здравствени работници кои ја примија вакцината Фајзер. Прво ни беа доделени прашалници кои моравме да ги пополниме со цел да се провери дали имаме некоја сериозна контраиндикација. Бевме избрани тие што до сега не сме го прележале овој вирус, без контраиндикации и што сме во првите борбени линии. Првата доза ја примив на 13.1.2021 и освен болка на местото на убодот, кај мене не се појави други несакани дејства. Дента кога бев вакцинирана, продолжив на работа и функционирав нормално како и секој обичен ден. Втората доза треба да ја добијам на 3 февруари.

* Дали кај некои од колегите се појавија реакции од вакцината или кај други стари лица и кои се тие ?

- Најчести несакани реакции кај вработените кои што се појавија беа: болка на самото место на убодот, која траеше два до три дена, омалаксаност која што траеше еден ден и во ретки случаи: главоболка, треска и болки во мускулите, кои се појавија кај мал дел од колегите. Дел од колегите кои што во прашалникот наведоа  дека имале несакани реакции по примањето на вакцината за сезонски грип или некои други вакцини, беа вакцинирани во ургентен центар и остануваа по надзор неколку часа. Кај нив не се забележаа некои поголеми и посериозни реакции од вообичаените.

* Кој од здраствениот персонал не ја прими вакцината?

- Во првиот круг на вакцинирањето беа избрани лицата кои беа здрави и не го прележале  Корона вирусот. Сите постари лица од 60 години и пациентисо рак, дијабетес, дебелина, со хронични респираторни, срцеви, бубрежни, хепатални, невролошки болести, како и со цереброваскуларни заболувања и имунокомпромитирани пациенти, беа изземени од процесот на вакцинирањето во прв круг. Беа известени прво да се консултираат со својот матичен лекар.

ИМАМЕ КОНСТАНТО ЗАБОЛЕНИ ПАЦИЕНТИ

* Носител сте на тимот на здравствена нега на одделот за неврологија. Дали константно се соочувате со заболени пациенти од Ковид 19 ?

- Мојата работа е динамична, но пред сé многу одговорна. Дел од мојата работа е планирање - каде, што и како ќе се работи. Секое посегнување во човечкото тело е моја компетенција. Средните сестри се одговорни за негата на пациентите. Јас сум таа што го прави планот на работа и сум му десна рака на докторот. Одговорна сум за терапијата што се спроведува и се дава. Лани завршив и со специјализацијата за ЕЕГ, но во моментов снимаме само итни пациенти. Поради огромните бројки на заболени и недоволниот капацитет на веќе постоечките оддели наменети само за Ковид пациенти, константно се соочуваме со позитивни пациенти на нашиот оддел. Наврологијата е сама по себе специфика и нашите пациенти се едни од најтешките и најкритични. На нашиот оддел имаме бела зона, со пациенти кои не се заразени, сива зона потенцијално заболени, со знаци на Ковид за кои се чека резултат на ПЦР и црвена зона со позитивни пациенти кои остануваат кај нас сé додека не се ослободи место и доколку е тоа возможно да се преместат на веќе постоечките оддели за Ковид заболени. Одделот за невролошки болести е составен од интензивна нега, оддел и угрентна амбуланта и сме еден од најкомплексните и најголемите оддели во клиничкиот центар кој има капацитет до 100 пациенти. Поминуваме низ период каде што имаме постојано упад на позитивни пациенти или здравствени работници кои несакано го пренесуваат вирусот на останатите.  Поради тоа работењето во целосна заштитна опрема е веќе секојдневие.

* Според вашето искуство, колкава е ефикасноста на вакцината?

- Мое мислење е дека вакцината против Ковид 19 е сигурна и ефективна. Затоа апелирам дека вакцинирањето е морална обврска на секој здравствен работник. Знаеме дека досега несвесно и ненамерно го ширевме вирусот меѓу останатите лица, но тоа не можеше да се спречи никаде во светот и затоа не треба да чувствуваме вина. Но, кога веќе го имаме лекот, треба тоа да го искористиме и да се заштитеме најпрво самите, па и останатите околу нас.Затоа кога ќе имаме доволна доза на вакцини, не смееме да си дозволиме  пациентите, колегите и блиските здравствени работници да се заразат од Ковид 19.

СЛОВЕНИЈА ПРИМИ 9750 ВАКЦИНИ НА ФАЈЗЕР

* Кој е вашиот одговор со митовите поврзани со вакцината?

- Со самата апликација на вакцината Ковид 19 не можеме да го добиеме вирусот Ковид 19. Во моментот само кинеската вакцина е направена со жив ослабен вирус. Останатите вакцини се направени така што не можеме да се заразиме со Ковид 19. Еден од митовите на вакцината против Ковид 19 е дека предизвикува неплодност поради сличноста меѓу дел од протеинот С и еден протеин кој се вклучува во создавањето на плацентата. Тоа би го демантирала бидејќи станува збор за минимална сличност која не може да влијае брз плодноста кај жените.  Како што знаеме досега сме немале пример кој е забележан и говори како жена која прележала Ковид 19 не можела да остане бремена, што значи дека и самата вакцина не може да предизвика неплодност. Друг мит е дека по примање на вакцината тестот на Ковид 19 е позитивен. Од лично искуство потврдувам дека тоа е апсурдно и би додала дека вакцината создава имунитет кој се бори против тој вирус. Следна од грижите што се јавуваат е дали воведувањето на mRNA во организмот го менува нашиот генетски запис. Одговорот е не. За релативно кратко време, телото ја разградува mRNA („насоки“ за тоа како да се направи малициозен протеин) и се исфрла од телото. По вакцинирањето, во телото не останува ништо друго освен клетките на меморијата, кои имаат запаметено како да го нападнат протеинот С или вирусот доколку влезе во организмот.

* Каков е планот на вакцинација на Словенија? 

- Словенија прими 9750 вакцини од Фајзер. Според планот по кој Словенија се води е да најпрво се вакцинираат старите лица во старските домови кои сеуште го немале прележано вирусот и здравствените работници кои секојдневно се во директен контакт со заразени лица. Во втората фаза ќе бидат вакцинрани лицата постари од 60 години и хронично болните. Во следната фаза ќе бидат вакцинирани профилите кои исто така се изложени на голем ризик од заболување, како на пример полицајците, вработените во просвета, пожарникарите итн. На крај ќе биде вакцинирана останатата здрава популација. Вакцинирањето во Словенија започна на 27.12.2020 година. Целта е да се  вакцинира 60% од популацијата. Сите граѓани имаат исти права при вакцинирањето без разлика дали плаќаат здравствено осигурување или не. Средствата и трошоците ги покрива Република Словенија.

Соња Алексоска Неделковска