Непребол се оние кои ги губиме
Непребол се оние кои ги губиме
Кои си одат со или без поздрав
И колку и да се спремаш
Нивното заминување удира безмилосно
И без здив те остава
Та ти се чини
Оти колку и да голташ воздух
Градите секогаш ќе ти бидат празни
Како бунар кој пресушува в лето
Та копнееш за капка вода
Непребол се оние кои ги губиме
И нивното отсуство е како казна
Која ја плаќаме дур живи сме
А спомените ги туткаме во утроба
Како утеха која утеха не е
Како потсетник кој потсетник не е
А сепак колку-толку помага
За да го истуркаме денот
Да се истурка уште еден проклет ден
Во кој клука болката со сета сила
Непребол се оние кои ги губиме
Кои сиот живот како сенка
Со себе секаде ги носиме
Нивниот мирис на дом
Во кој како прибежиште нуркаме
Оти душата ја памети загубата
И изрешетана останува
Со дупки кои никојпат не се пополнуваат
Како стар и напукнат пат
На кој секогаш му се враќаме, а не води никаде
Непребол се оние кои ги губиме
И тагата по нив не минува
Само знае некогаш да се прикрие
За да се прелажеш оти си поарно
Та се тешиш оти еден ден
Некаде пак ќе се сретнете
За да ги завршите сите муабети
Кои останале меѓу вас да висат
Да се посмеете и да си поплачете
И повторно да се прегрнете
Непребол се оние кои ги губиме
Оти со нив секогаш умира
И еден дел од она што сме ние
И не се враќа
Колку и време да поминало
И колку и да ти се чини оти си свикнал
Без нив да го туркаш векот
Та одиш свеќа да им запалиш
Со верба дека по светлината нејзина
Ќе знаат оти не си ги заборавил
Непребол се
И непребол остануваат сите наши
Кои повеќе со нас не се
А останале во нас да живеат
Незаборавени и непреболени
Ана Бунтеска