Ние ќе лаеме, караванот ќе си врви, виновниците најверојатно ќе се спасат: Денис Јанкуловски
Уште откако јавноста го запозна како највеселиот лик во време на пандемијата кој се трудеше да ни ги разубави деновите, Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје познат како Космонаутко, напиша статус на Фејсбук поврзан со случајот на Онкологија кој ја разбранува јавноста деновиве.
„Злосторство без казна - здравјето после се, на крај, а и не мора
Сакав да напишам како се чувствувам како дел од здравствен систем во кој на болни од канцер им давале малку лек, повеќе физиолошки раствор, малку терапија за нив а повеќе за бизнис (ма каков бизнис, ова е чист криминал), црн пазар и што ли уште не. Да напишам како се чувствувам што кога ја величам мојата професија како сестра (а верувам дека и истомислениците доктори исто би напишале) наидувам на колеги, колешки кои онколошките пациенти кои онака изнемоштени, со последната сила доаѓале да ја примат терапија полни со надеж дека ќе дочекаат уште многу утра, ќе дочекаат свадби, матурски, веселби и други убавини на своите дечиња и внучиња, дека ќе успеат ако не многупати барем уште еднаш двапати да го видат морето, да го почувствуваат планинскиот воздух, да прошетаат низ маалото или кај своите деца по белиов свет - ги лажеле!!!!
Доаѓале со надеж дека уште долго долго ќе ја чувствуваат прегратката од своите најблиски, утринските будења со поглед кон најубавата насмевка која ги дочекува со кафе и колаче, надеж за уште многу седенки, излети, театарски претстави, надеж за уште денови поминаги со колегите, надеж за уште стотици училишни денови, екскуризии, дружби на голем одмор, надеж за многу..........надеж дека ќе заѕвонат на онаа презначајно ѕвонче.
Но тука ќе застанам, иако имам многу бес, лутина, разочараност од несовесност, безобразност, нечовечност, бескрупулозност, дрскост, криминал, од необјаснива нехуманост, од тоа што еднаш фатена сестра како украла повторно е вратена за да доукраде затоа што ланецот не смее да се прекине. Затоа што тие пациентите ги гледаат само како евра, повеќе евра, ма илданици милиони евра. Сите нас не` гледаат така.
Разочаран сум од неказнивост, од веќе добро познатото „секое чудо за три дена“ затоа што гледаме како се одвиваат работите. Сестра е братучетка на кумата на тој што му е брат на докторот а братучед му е во обвинителство каде со сестра му имаат свој човек во судот. И? Што и, небиднина.
Но ова мое чувство е благо кажано ништо во споредба со оние кои одат секојдневно таму, слушаат, читаат и стравуваат дека и тие биле измамени. А очекувале здравје. А тек па оние кои изгубиле некој или неколку свои, за нив искрено не можам ни да знам како им е во душата и на што се помислуваат, што е очекувано во вакви ситуации кога е здравје во прашање, знаејќи дека можеби нивните починати ќе живееле уште малку или многу повеќе. Па и еден ден, еден месец повеќе е огромна добивка затоа што секој од нас својот близок посакува да му е до него што подолго.
Ав,ав.....тоа е реалната ситуација кај нас. Ние ќе лаеме, караванот ќе си врви, виновниците најверојатно ќе се спасат со укор другпат вака не (дај боже, се надевам сепак да се најде некој манга и да им влезе со клизачи по цеваници). Но искуството, реалноста викаат јок.
И токму заради таа реалност нема да бидам изненаден ако едниот па и двата јунаци некој ден не ми се јават од Аеродром и речат „Летаме, се гледаме за година две, чувајте се со мама“.“
*Ставовите изразени во статусот се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин