Никогаш не е доцна: Родив ќерка на 51. година кога многу жени размислуваат за внуци и ова е најдоброто нешто што ми се случило
Рене роди ќерка во педесеттите години и верува дека
доцната бременост ќе стане почеста. Таа е општ лекар и секогаш им порачува на
своите пациенти да не губат надеж, нагласувајќи дека никогаш не е доцна за она
што го сакаат.
Сега сум подобра мајка
Докторката Рене Хендеркамп на 51-годишна возраст ја родила својата ќерка Алис. Кога му кажала на синот дека е бремена, тој останал запрепастен.
- Синот го родив на 21 година, а сакав да родам уште едно дете на 51 година, кога повеќето размислуваат за внуци, а не за менување пелени и непроспиени ноќи. Имам две деца со разлика од 30 години, што ми овозможува да ја споредам бременоста и мајчинството со три децении разлика и, и покрај сите критики насочени кон постари мајки како мене, можам да кажам дека да имам дете во моите 50-ти е најдоброто нешто што сум го направила – изјавила доктор Рене.
Нејзината ќерка сега има пет, а таа 56 години и, настрана болките во зглобовите и менопаузата, таа ја сака секоја минута од доцното мајчинство.
- Всушност, би рекла дека овој пат целиот процес беше полесен, имам повеќе време, трпение, верба во себе и секако сум многу подобра мајка отколку пред 30 години. Ме лути начинот на кој понекогаш ги критикуваат постарите мајки. Тие претпоставуваат дека ќе бидете исцрпени и премногу стари за да се справите со тинејџерските проблеми. Тоа е сосема погрешно – истакнува Рене.
Никој не ги критикува постарите татковци
Рене верува дека доцната бременост ќе стане почеста. Како општ лекар, таа секогаш им порачува на пациентите да не губат надеж, нагласувајќи дека „никогаш не е доцна“. Жените имаат опции кои вклучуваат природна бременост, свои замрзнати јајца или замрзнати ембриони, или донаторски јајца или ембриони.
- Многу постари мајки со кои разговарам се согласуваат дека тие се подобри родители на 50 години отколку на 20 години. Сепак, постарите жени добиваат критики додека мажите, татковци на деца во 70-тите и 80-тите години, не. Мојата бременост со син ми, кој сега има 34 години, не беше планирана. Бев со татко му пет години, но двајцата бевме многу млади, тој имаше 24, јас само 21. Доста брзо се разделивме откако се роди нашиот син, иако останавме пријатели и тој секогаш играше важна улога во нашите животи - вели мајката, која тогаш беше самохрана мајка со хипотека за плаќање и немаше друг избор освен да се врати на работа кога нејзиниот син имал само 28 дена.
Бевме големо семејство
Нејзината кариера напредувала многу брзо.
- Кога мојот син имаше 12 години, решив да ја сменам кариерата и да студирам медицина. Таму го запознав мојот партнер Колин, хирург. Јас имав 43, а тој 50, а тој беше разведен со пет деца, па заедно со мојот син бевме едно големо среќно семејство. Моите две најдобри другарки се породија на 43 и 49 години, па имав силно верување дека нешто може да се случи. И ако размислите добро, за оние кои сакаат дете, а не можат да зачнат по природен пат, има многу опции – рече таа.
За неа здравата бременост беше состојба на умот, таа одби да верува дека ќе и биде тешко на 50 години. Таа беше решена да го направи тоа како што треба. Иако првично била упатена во одделение за бременост со висок ризик во Лондон, лекарите ја отпуштиле истиот ден, велејќи дека е во многу подобра форма од повеќето 30-годишни, пренесува Daily Mail.
- Изгледам помладо, па веројатно нема да мислите дека сум постара мајка - вели Рене, која работела како општ лекар и, иако пријателите и семејството знаеле, одлучила да не зборува за бременоста на работа до 24-та недела.
Никој не знаеше дека сум бремена
Нејзиниот стомак беше мал, па никој ништо не забележа.
- Сигурно ми помогна тоа што никогаш навистина не се чувствував како да сум бремена. Една од причините зошто ја криев бременоста е затоа што еден од моите шефови е против идејата постарите жени да имаат деца. Таа смета дека е глупаво да се забремени по 30 години. Всушност, кога конечно им кажав, ме прашаа дали сум размислувала за прекинување на бременоста - вели Рене, додавајќи дека точно е дека бременоста, на која било возраст, може да биде или лесна, или тешка, проблематична и сложена.
Тоа е многу индивидуална работа, вели таа, а годините се само мал фактор. Да, постарите мајки се изложени на ризик од генетски компликации и потенцијални проблеми, но процесот на следење и тестирање сега е многу софистициран и тоа е многу охрабрувачки, смета таа. Добро знаела за сè што може да тргне наопаку, па платила за приватно тестирање за да се увери дека се е во ред.
- Се сеќавам на олеснувањето кога го видов и слушнав тоа ситно чукање на срцето, како да беше вчера. Целото искуство беше различно од кога имав 20 години и целосно не бев свесна за какви било потенцијални ризици или компликации - се присетува Рене.
Таа внимавала на исхраната, сакала да трча и не дозволувала бременоста да ја спречи да се држи до распоредот од 5 километри три пати неделно до самиот крај, педантно правејќи вежби за карлицата и стомачните секој ден.
Два дена по породувањето отишла во продавница
- Колин ме убедуваше да се породам со царски рез. Отпрвин се згрозив, но мојот доктор се согласи, велејќи ми дека постои голем ризик кај постарите мајки и дека постои голема веројатност пораѓањето да заврши со итен царски рез - вели Рене.
Алис е родена во 38-та недела, а се вратила дома во рок од 18 часа по породувањето и отишла на шопинг два дена подоцна.
- Бев толку горда на мојата кондиција. Се сеќавам дека, кога ме подготвуваа за породување, ги замолив да внимаваат на моите стомачни мускули, а потоа ми рекоа дека ова е првиот царски рез каде што всушност нашле целосен сет на стомачни - истакнува таа.
Сега, кога се дружи со други мајки, мисли дека прилично добро се вклопува.
- Сигурно не изгледам како да сум и баба на Алис. Но, кога новите пријатели ќе ја дознаат мојата возраст, најчесто се изненадени, прашуваат дали сум исцрпена и како се снаоѓам – вели Рене.
Таа тврди дека сè и е многу полесно отколку кога имала 21 година. Како докторка, таа знае кога да се грижи и кога да остане смирена, а тоа искуство одзема толку многу од стресот што го имала како млада мајка.
- Исто така, среќен сум што имам многу поголема финансиска сигурност отколку на 21 година, а тоа отстранува многу стрес. Сè уште работам како општ лекар и презентер со скратено работно време. Не сум толку амбициозна како порано. Нагонот за кариера исчезна. Кога не е со мене, Алис е со мајка ми, која живее веднаш зад аголот. Тоа е уште една голема разлика, мајка ми работеше кога син ми беше мал, но сега има 80 години и со задоволство ми помага - вели таа.
Грижата за нејзината ќерка ѝ даде нова сила
-Кога син ми беше мал, бев толку зафатена што признавам дека бебињата ми беа здодевни, но со Алис уживав во секоја минута. Свесна сум дека сето тоа го пропуштив со син ми – признава таа.
Рене ја доби и внуката Бела, само два месеци по раѓањето на нејзината ќерка Алис. Девојките одлично се согласуваат. Сите тие поминуваат многу време заедно, вклучително и со децата на Колин, а Алис порасна сакајќи го фактот дека има многу браќа и сестри. Сепак, Рене признава дека мајчинството во 50-тите не е сосема едноставно. Иако доживеала неколку периоди на менопауза, по три месеци доење се префрлила на шишиња, а нивото на хормонот целосно ѝ паднал во менопаузата.
- Алис напредува. Мислам дека таа е пример за постар и помудар родител со повеќе време да учествува во воспитувањето. Целосно сум свесна дека ќе имам 69 години кога Алис ќе има 18 и 71 кога ќе има 20. Нејзиниот татко Колин сега има 63 години и вели дека не му е грижа дали некој мисли дека е дедо на Алис, вели Рене, која е многу горда да биде нејзината мајка и напорно да работи за да остане фит и здрава.
Совети за жени на нејзина возраст
- Мој совет до жените на моја возраст би бил „повелете“, но внимавајте на кондицијата. Вашата почетна точка го диктира вашето патување и вашата крајна точка. Да имам дете на 51 година е најдоброто нешто што сум го направила. Не можам да го замислам животот без Алис. Гледајќи ја, не можам а да не помислам колку би ми бил празен животот без неа. А тоа што сум во 50-тите ми овозможи да уживам во секој убав момент - вели Рене.
Фото: unsplash.comИзвор: najzena.alo.rs