Никогаш не се лутеше, сè решаваше со насмевка: Таткото на Влатко Илиевски за споменот на синот

На денешен ден, Влатко Илиевски ќе наполнеше 35 години. Влатко, кој почина на 6 јули во 2018 година, за своите 33 години беше успешен пејач, автор, актер и водител.

„За љубов се пее до крај“ беше насловот на една од неговите песни, дует со Ристо Самарџиев со кој победија на „Охрид фест“ во 2009 година. Ова беше една од триесет и петте фестивалски награди на Влатко. Токму по оваа песна ќе се вика цедето кое ќе биде издадено во сеќавање на Влатче, како што најблиските и пријателите од естрадата го викаа. На цедето има 19 песни, кои внимателно ги избра неговото семејство, таткото Драган, мајката Јулија и сестра му Наташа. Таткото на Влатко, Драган Илиевски- Вршац, познат спортист и скопски угостител ни ја раскажа приказната и симболиката на овој албум и се присети на најдрагите нешта на својот син. 

„Ќе имаше убава симболика, ако албумот излезеше денес како што планиравме, на 2 јули, роденденот на Влатко. Цедето е испечатено во Софија, дизајнот е испечатен, но поради состојбата со коронавирусот, не можеме да го донесеме од Бугарија, и се пореметија плановите. Штом стаса во Скопје, ќе направиме промоција според сите протоколи, на отворено. Албумот не е комерцијален, нема да се продава, ќе го подариме на сите фанови на Влатко, од срце. Таков беше  Влатко, сакаше да подарува. Кога ќе се случеше на фестивал да не победи, а бил фаворит, или поради погрешно пресметани поени како што се случи еднаш на „Охридски трубадури“ не се лутеше. Само ќе речеше: „Нема врска, и ќе излезеше да ја прими втората награда со насмевка. Никогаш на никого не му се лутеше, сè решаваше со насмевка. Многу патувам низ цела Македонија и луѓе постојано ме прашуваат дали ќе има албум со неговите најголеми хитови. Мило ми е кога ќе слушнам дека луѓето не ја забораваат музиката на Влатко и токму поради нив ова го правиме“, ни раскажа Драган Илиевски.

Меѓу многуте песни кои беа омилени на сите генерации како „Со други зборови“, „Небо“, „Најбогат на свет“ е и омилената на Влатко „Дајте му ја“, една од последните негови, од „Охрид фест“ во 2017. Влатко е автор на музиката, на аранжманот и на текстот на оваа песна.

„Често ни ја пееше. И на нас, и на другарите. Се собираа кај нас во двор до доцна навечер. Сакаше друштво, и тие го сакаа него. Тој ќе ја земеше гитарата, им свиреше разни песни, но меѓу нив и „Дајте му ја“, затоа ја стаавивме на овој албум. Кога ќе се сетам дека Влатко за своите 33 години беше пејач кој прв ја наполни Арената „Борис Трајковски“, учествуваше на „Евровизија“, играше претстава на „Дубровачке летње игре“ во Дубровник, десет години по ред ги водеше сите претстави на „Златно славејче“, снимаше филмови... Сите награди, сите статуетки сè уште стојат во неговата соба, има освоено вкупно 35 фестивалски награди“, додаде таткото на Влатче.

Многумина од колегите на рокерот, во повеќе наврати најавиле дека ќе организираат конецрти во негова чест. Неговиот татко вели дека не знае зошто од тие планови ниту еден не се реализирал, уште пред пандемијата.

Една приказна која најмногу им останала во срцето по заминувањето на Влатко е за љубовта и почитта од негова пријателка и обожавтелка од Аргентина.

„Девојката е Македонка, има живеено и работено во Аргентина, сега е вратена дома. Се запознале со Влатко пред многу години и биле во постојан контакт, но тој никогаш ни нема кажано за неа. Пред некое време, кога бев на неговиот гроб, видов голем букет и ланче со привезок. Потоа се сретнав со таа девојка, ја поканив кај нас дома. Долго разговаравме за спомените што и нас и неа ја греат. Ете, поради таквите луѓе најмногу се издава ова цеде“, раскажа Илиевски.

Во собата на Влатче која е музеј на емоции и на сите негови спомени стојат уште многу необјавени песни, кои семејството Илиевски ќе ги објави на есен, на нов албум.

Милица Џаровска