Никогаш нема да удриме жена, тоа го прават слаби и исфрустрирани мажи: Јавните личности против семејно насилство
Сопругот ме тепаше, а потоа ме влечеше по земја. Ме маваше со разни предмети. Агресијата ја пренесуваше и на децата. Со месеци бев во домашен притвор. Ова е исповед на една жена изложена на семејно насилство.
Ги има многу. Но, повеќето од нив молчат. Срамот за да не бидат озборувани, и стравот да не го растурат семејството, с`уште се поголеми, од болката на ударите што ги добиваат.
Силата не се покажува на нежен цвет
Во насока на подигање на свеста, наредниве денови светот ќе живее во знакот на Меѓународниот ден на борба против семејното насилство врз жените.
Оваа кампања јавно ја поддржаа и дел од нашите естрадни ѕвезди, претставници на посилниот пол. Андреј Ѓеорѓиески од ДНК, вели дека кавгата треба да се реши со збор наместо со удар.
- Мажите што дигаат рака на жена , и во миговите на тензична атмосфера, се со слаб карактер кои своите неуспеси и фрустрации ги вадат од себе на таков нечовечен начин. Понекогаш се случува да се извикам и да повредам со збор, но потоа се каам и се извинувам за кажаното без разлика кој бил во право. Никогаш не сум удрил девојка или жена, и нема да го сторам тоа ниту во иднина - вели музичарот.
Оние кои конфликтот со жените го решаваат со насилство, не можат да се наречат мажи, вели пејачот Јоце Панов. Зборот маж асоцира на сила, издржливост, моќ.
- Жената пак потсетува на нежност, убавина, цвет. Силата треба да се мери со друга сила, а не со нежен цвет - дополнува пејачот.
Македонките се храбри и достоинствени
Никој не заслужува да биде малтретиран. Потребно е да се собере храброст и да се направат промени во животот. Тоа е пораката на пејачот Виктор Апостоловски.
- Ако некоја жена ме повреди , веднаш ставам крај на било какви контакти со неа. А, од болката учам нова животна лекција. Жените, кои дозволуваат да бидат малтретирани се со слаб карактер. Се плашат да направат промени во животот, бидејќи не веруваат дека можат сами да се снаоѓаат во иднина. Македонските жени се храбри, чесни, достоинствени, успешни. Покажаа дека можат да се справат со животните проблеми, дури и кога немаат поддршка од маж. Оние што молчат време е да го прекинат молкот - посочува Апостоловски.
Водителот Ване Маркоски вели дека не сака ниту да поверува дека с`уште постојат насилни мажи. Тие луѓе не заслужуваат никаква почит од никого и треба најстрого да се казнуваат.
- Се случило многу пати, како луѓе да грешиме и некогаш знаеме да кажеме лош збор. Велат и зборот има тежина и боли, но сепак не може да се спореди со физичко насилство. Мојата реакција на тие навреди е премолчувањето. Насилството веројатно го трпат жени кои се чувствуваат осамено, немаат родители браќа или сестри. Немаат каде да одат ако го остават сопругот. Нив им е потребна најголема поддршка од сите за да се охрабрат и да го пријават насилството. Нашето општеството се менува. Мерак ми е кога ги гледам нашите дами. Горди на себе, успешни деловни жени, мајки,сопруги, пријателки - завршува Марковски.
Соња Алексоска Неделковска