Нил Фолберг: Во фотографиите од „Огледало во Македонија“ се пронајдов себеси

Добивај вести на Viber

Повеќе од половина век по првиот престој во Македонија, американско-израелскиот антрополог и фотограф Нил Фолберг, вчеравечер (19 јуни), во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ја промовираше фотомонографијата  „Огледало во Македонија“. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е етнографска фоторепортажа за нашата земја од седумдесеттите години на минатиот век. Во неа има избор на фотографии што авторот ги снимил за време на својот престој во Македонија, кои поради разни околности досега не биле ниту публикувани ниту изложени во Македонија. Оваа несекојдневна промоција, која се одржа во присуство на многубројни фотографи, книжевници, филмаџии, новинари, како и стари, но и нови пријатели на Фолберг, беше емотивно патување низ времето. Промоторка на фотомонографијата беше  Илина Јакимовска, уредничката на книгата Бисера Бендевска го модерираше настанот, а за консекутивниот превод од англиски јазик на македонски јазик се погрижи Стефанија Маџоска-Балуковска. 

Во 1971 година, студентот и надежен фотограф Нил Фолберг привлечен од Македонија и од нејзината динамична фолклорна култура ја посетил нашата земја. Тој добил стипендија од Универзитетот на Калифорнија во Беркли за да помине пет месеци фотографирајќи пејзажи и луѓе во оваа нерамна, планинска земја, во тоа време дел од Југославија. Полицијата и службите за државна безбедност ја комплицираат задачата на Фолберг. Во својот есеј, Фолберг пишува за неговата работа, за социјалниот и уметничкиот контекст и за неговите разговори со мајсторите покрај кои студирал, фотографите Ансел Адамс и Вилијам Гарнет.

Промоторката на книгата и иницијаторка за објавување на ова дело, професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,  вели дека „кога првпат ги видела фотографиите на Нил Фолберг од Македонија, била заведена од нивната убавина, но и вчудовидена од фактот дека ги гледа по првпат од времето кога биле создадени“.
– И сите мои колеги го имаа истото прашање: како е можно нивната историска, етнографска и естетска вредност толку долго да била заобиколувана? Зошто немало локална изложба, истражување или барем јавно знаење за постоењето на оваа збирка? Некаква книга? Но, друг елемент беше критичен за мојата емоционална реакција: и јас, како и фотографиите, сум родена во 1971 година. Јас и тие сме се појавиле на овој свет во исто време и на исто место. Заедно сме го почнале своето патешествие. Педесет години подоцна, повторно се среќаваме... Ова е приказна за растењето на еден млад уметник, како професионалец и како човек, но истовремено е и џејмсбондовска авантура и оддавање почит кон мајсторите на фотографијата кај кои учел Фолберг (Ансел Адамс и Вилијам Гарнет).  Беа потребни цели педесет години за овие фотографии да бидат создадени и потоа повторно оживеани во форма на книга. Кругот се затвора, само не докрај. Други почнуваат да се движат околу него, во концентрични бранувања, без јасен почеток, а ниту со дефинитивен крај. Ова е начинот на кој се среќаваат идеите и луѓето, носени од нежните далги на креацијата и фантазијата. На крајот, хронологијата и не е толку важна. Важно е чудото на поврзувањето – истакнува Јакимовска.

Со објавувањето на книгата „Огледало во Македонија“ за Нил Фолберг конечно завршува една приказна, која почна пред повеќе од 50 години.
– За мене тоа е неверојатно, бидејќи секогаш сакам да го завршам тоа што сум го почнал. Досега имам објавено седум книги и реализирано многу проекти, изложби низ светот, особено во Блискиот Исток, сѐ што сум сработил досега беше објавено и изложено, освен овие фотографии. Тоа ме мачеше долго време... За време на мојот престој во Македонија излезе статија во „Нова Македонија“, во која пишуваше: „Студент од Универзитетот во Беркли работи на книга“. Но, таа  книга никогаш не излезе и беше заборавена... Но, не беше заборавена од мене, бидејќи овие фотографии се дел од мојот живот. Се обидував да најдам издавач на книгата, и тоа одеше тешко. Исто така, како што поминуваше времето, за мене стануваше сѐ потешко да се сетам и на приказните. Си мислев, како ли ќе ја објавам книгата,  бидејќи деталите за сликањето и луѓето почнаа да ми избледуваат. Но, се случи нешто неочекувано. Мојата девојка од времето кога престојував во Македонија ми пиша дека ги зачувала сите писма што сум ѝ ги пратил: 31 писмо пратени во период од пет месеци. Откако таа ми ги прати писмата си реков, е сега ја имам и приказната! Кога го собрав целиот материјал, знаев дека ја имам книгата! На почетокот мислев дека правам книга за Македонија, но кога ги разгледував фотографиите, открив дека всушност не пишувам книга само за Македонија, туку пишувам книга и за мене. Во фотографиите се пронајдов себеси. Иако никогаш не направив фотографија од мене. (Единствената фотографија од мене од тоа време, и која се најде на задната корица на книгата, ја направи еден фотограф од Битола.) Веројатно затоа насловот на книгата „Огледало во Македонија“ е сосема соодветен, зашто во оваа книга јас всушност се видов себеси. Иако ме нема на ниедна фотографија (тоа беше време пред селфијата), го открив најголемото селфи од сите – успеав да се пронајдам себеси, каков сум бил тогаш, да ја видам мојата личност, пристапот во тоа време, сѐ заедно... Гледајќи наназад низ овие фотографии наоѓам огледало што ме одразува мене, 21-годишен студент од Беркли. Се гледам себеси како поставувам статив и фотоапарат на јавен плоштад, каде што луѓето или поминуваат околу мене или ми приоѓаат, привлечени или одбиени од мојот фотоапарат. Тајни агенти ме следат, но јас не ги гледам. Се набљудувам себеси во огледалото на времето – рече тој.

За себе вели дека во тоа време бил навистина сериозно посветен, студирал антропологија и се трудел да научи што повеќе за Македонија, да дознае повеќе за историјата на земјата. За жал, јазикот не го научил, бидејќи во тоа време на Универзитетот во Беркли не се изучувал македонскиот јазик, но се запишал на српско-хрватски, што било доволно за да се разбере со локалците. Дошол подготвен за оваа авантура.
– Тоа навистина беше голема авантура, бидејќи се запознав со неверојатни луѓе, дел од нив сретнав и денеска, по 50 години. Тие ме примија во нивните домови, во нивните животи и морам да кажам дека, да се биде дел од светот на другите, е навистина прекрасно. Среќен сум што дојдов и што ве запознав вас и оваа прекрасна земја – рече Фолберг во своето емотивно обраќање.
На промоцијата присуствуваа и потомци на дел од фотографираните личности од книгата. Меѓу нив беше и внукот на жената од насловната фотографија на монографијата, Аница Манојловска. Тој си ја познал својата тетка, фотографирана во Маврови Анови и пред присутните со многу емоции ја раскажа нејзината приказна. Фолберг се сеќаваше на таа средба и кажа дека ова е уште едно заокружување на приказната.


На крајот на промоцијата, како своевидно изненадување за авторот, кој е голем вљубеник во македонската изворна музика, настапи етносоставот „Сигма“. Младиот квартет ги изведе песните „Ајде ред се редат мале“ и „Јовано, Јованке“, кои биле на една плоча што Фолберг ја купил во Скопје во 1971 година.

Нил Фолберг е роден во Сан Франциско, во 1950 година. Денес живее во Израел, каде што ја води галеријата „Визија“ во Ерусалим. Има објавено и други книги, меѓу кои се „И јас ќе живеам меѓу нив“ (And I Shall Dwell Among Them) и „Небесни ноќи“ (Celestial Nights). Неговите фотографии се изложувани во музеи и галерии низ целиот свет, а неговите принтови се наоѓаат во големи музејски колекции.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку http://www.literatura.mk.


*пр-објава