Образованието бара искусните наставници и практичари да се вклучат при изработката на наставните планови и програми

Добивај вести на Viber

Наставниците во  Македонија при реализацијата на воспитно-образовниот процес се соочуваат со бројни проблеми и недостатоци. Ниските плати, лошите работни услови, руинираните училишни објекти посебно во помалите и рурални места, оштетениот и амортизиран инвентар, лошата хигиена во училиштата, неквалитетните и застарени учебници, недостатокот и недоволната употреба на нагледни средства и електронски помагала се само дел од причините за генерално лошиот квалитет на основното и средното образование во споредба со нивото на образование во европските земји и пошироко. Поради тоа и не изненадуваат истражувањата кои покажуваат дека квалитетот, знаењата и вештините на нашите ученици, заостануваат како во однос на нивните врсници од развиените земји, така и меѓу земјите во развој, каде припаѓа и Македонија- ова го покажало истражувањето за  Анализа на видот и обемот  на административно-техничките активности на наставниот кадар во основните и средните училишта.

Професорот Здравко Стојкоски кој е еден од авторите на истражувањето,  за Фактор вели дека ако се знае дека квалитетното и иновативно образование претставуваа основа за степенот на општествениот развој на една земја, тогаш, лошите образовни состојби, секако ќе се рефлектираат и во останатите области на општественото живеење: политичкиот, економскиот и културниот развој, како во сегашноста, така и во блиската и подалечна иднина.

“Наставниците, често се жалат дека се оптоварени со многубројни административни и технички активности кои одземаат многу време, што придонесува за помалку расположливо време за инвестирање во стручна надоградба, во креирање на поголема креативност и иновативност кај наставникот. Во овој дел, наставниците ги истакнуваат оптоварувањата кои ги имаат при пишувањето на главната книга и на евидентните листови, како и во однос на описното оценување. И тука, проблемите ги потенцираат во прв ред наставниците од одделенска настава и класните раководители, како и оние наставници кои практикуваат описно оценување. Повеќето од нив, сметаат дека би се намалила оптовареноста со административни активности доколку се поедностави водењето на главната книга и евидентните листови, особено доколку би се овозможило, податоците да може да се пополнуваат и преземаат преку електронскиот дневник.Пишувањето на описни оценки, исто така претставува оптоварување за оние наставници кои го практикуваат. Тоа се наставниците кои предаваат до 6 одделение во основните училишта. 38% од нив посветуваат 5-10 часа во месецот на описно оценување; а 35% и повеќе од 10 часови. Мнозинството од овие наставници, околу 60%, радо би го замениле практикувањето на описно со бројчено оценување. Од останатите, најголемиот дел би биле задоволни доколку описното оценување се поедностави со користење на пократки и попрецизни описни оценки”- вели професорот Стојкоски.

Оваа анализа  според него  се заснова на гласот на наставникот, размислувањата, ставовите и идеите на оние кои најдиректно се засегнати со конкретната проблематика. Главниот проблем од кој поаѓа ова истражување се состои во оптовареноста на наставниците и времето кое тие го одделуваат на административно технички активности. Обемот на работата, дуплирањето на застарената административно-техничка работа (старите пишани дневници) со новите типови административно-техничка работа (електронскиот дневник), одземаат значаен дел од времето, со што се намалуваат можностите за инвестирање во стручната надоградба и креативноста на наставниците. Воедно, како проблем, се посочуваат и законските обврски кои ги имаат наставниците при реализацијата на овој дел од работата и барањата на Државниот просветен инспекторат кои, во крајна линија, се сведуваат само на формална обврска, без поголема улога во подобрувањето на квалитетот на наставата.

“Од мноштвото административно-технички обврски со кои секојдневно се соочуваат наставниците, истражувањето се фокусира на неколку, кои според наставниците се најважни но и најпроблематични и им одземаат најмногу време. И тоа: изработката на годишните и тематските планирања, дневните подготовки, подготвувањето и изведувањето на додатна и дополнителна настава, пополнувањето на педагошката евиденција (оценувања, главна книга, евидентни листови и сл.), водењето на пишаниот и електронскиот дневник, како и администрирањето со Електронскиот дневник. Потребна е поголема вклученост на искусните наставници и практичари при изработката на наставните планови и програми. Ослободување од обврската за изработка на глобални и тематски (процесни) планирања, како и на задолжителните дневни подготовки. Флексибилност во остварувањето на наставната програма и поголема слобода при подготовката и реализацијата на часот. Изведувањето на додатна и дополнителната настава да произлегува од процената на наставникот и/или од потребите и барањата на учениците (родителите). Поедноставување при водењето на педагошката евиденција. Во однос на дневниците, се предлага напуштање на практиката на водење двојна евиденција, поточно паралелна употреба на двата дневници, при што би им се оставило на училиштата самостојно да избираат каков дневник ќе користат во зависност од условите, кои ги имаат, како: пристапот до интернет, опременоста со кадар и компјутери и сл. Тенденцијата е, секако, поради технолошкиот напредок, секаде каде што е можно, училиштата да се префрлаат на електронски дневник Ваквиот предлог, меѓу другото, произлегува и од компаративната анализа со искуствата од некои земји членки на ЕУ, како што е примерот со Словенија”- објаснува авторот на истражувањето.

Целиот текст на Фактор