ОД ЦРКОВЕН ХОР ДО НАСТАП НА „ЕВРОСОНГ“: Која е Валери Димовска?

Добивај вести на Viber

Со членовите на „Ај Кју“ не се познавав, меѓутоа соработувам со Дарко Димитров, снимам придружни вокали на некои од песните што тој ги прави. Така, еден ден додека работевме во студио ми предложи да бидам дел од евровизиската приказна. Се разбира дека веднаш прифатив - изјави младата пејачка

Одлично пее, атрактивна е и веќе ѝ прогнозираат блескава кариера. Валери Димовска е дел од годинашниот македонски евровизиски тим. Заедно со Антонија Гиговска и Дина Јашари ќе патува во Лисабон, Португалија како придружен вокал.

- Со членовите на „Ај Кју“ не се познавав, меѓутоа соработувам со Дарко Димитров, снимам придружни вокали на некои од песните што тој ги прави. Така, еден ден додека работевме во студио ми предложи да бидам дел од евровизиската приказна. Се рзбира дека веднаш прифатив. Песната ми се допаѓа и искрено се надевам дека повеќе ќе успееме од претходната година – изјави младата пејачка.


Талентот на Димовска прв го препозна токму нашиот хитмејкер Димитров кој стави потпис на нејзиниот прв официјален сингл, темата „Не ти давам“ која беше промовирана пред две години. Со нашиот реномиран композитор и продуцент се запознала на промоцијата на последниот албум на Елена Ристеска.

- Разговаравме и ми кажа дека му се допаѓа начинот на кој пеам. Додека размислував со каква песна да го пробијам мразот, идеја ми даде другар ми Бојан Иваноски кој со неговиот брат Андреј веќе ѝ се познати на јавноста како електронското дуо „Сирилик“. Му се јавив на Дарко со концептот кој го имав и го замолив да ми помогне. Му се допадна замислата и прифати да работиме. Елена Ристеска напиша одличен текст–откри тогаш талентираната вокалистка.

Валери имаше неколку солидни претставувања во реалното музичко шоу „На иста адреса“ кое се емитуваше на телевизија „Алфа“. По укинувањето на емисијата, се врати во родниот Велес каде редовно настапуваше во околните кафулиња и дискотеки. Во тој период изјави дека размислува да се пресели во Скопје и дека има големи планови за својата естрадна кариера.

- Сакам да снимам песни со силна порака кои комплетно ќе ме отсликуваат. Ми се допаѓа стилот на Лана Дел Реј. Уживам во секоја интерпретација, бидејќи само тогаш се чувствувам ослободено – објасни таа.

Нејзините почетоци се поврзани со духовната музика. Голем верник е и подолг период настапувала со црковниот хор. „All I need is you Lord“ ѝ е омилената песна во која секогаш наоѓа мир и спокој.

- За жал, повеќе не учествувам во црковниот колектив. Сега повеќе сум сконцентрирана на поп-сцената. Но, покрај многуте обврски, повремено ги посетувам часовите – изјави пред две години.

Во една прилика отворено проговори и за животните предизвици со кои се соочувала низ годините, особено во периодот кога нејзините родители одлучиле да се разделат.

- Успеав да го пребродам периодот кога моите се разведоа. Во денешно време тоа често се случува. Секоја препрека ја поминав сама и научив како да се борам за она што го сакам. Утеха најдов во музиката. Ме прави среќна, ме исполнува и ми дава љубов – објасни Димовска.

Ѓ.С.