Од дебелина од дома не сум излезена, продадов куќа за да се спасам: Скопјанката Мејрем Исмаил ќе го оперира желудникот во Турција

Добивај вести на Viber

Утре е голем ден за 34 годишната Мејрем Исмаил од Скопје. Со операција на желудникот која ќе ја направи во Истанбул, кај познатиот доктор Гурдал Орен и неговиот тим во болницата „Кадикој“, таа ќе се обиде да го спаси својот живот. Мејрем има 250 килограми и од преголемата тежина подолго време не е излезена од својот дом.

Девојката која со цело срце се надева на подобри денови по операцијата, вели дека од тежината не може да стане од кревет, ниту да оди во тоалет, а камо ли да се грижи за нејзиниот татко кој пред неколку години имал мозочен удар. За да ја плати операцијата. Мејрем ја породала семејната куќа, и тие пари сака да ги вложи во како што вели, шансата да преживее.

„Последните 3 години живеам со татко ми кој е со мозочен удар и тотална инвалидност, од неговата пензија. Немав можност да одам по лекари, но и од мојата гојазност не можев ни во автобус ни во такси да се качам. Дојдов до фаза која не можам ни татко ми да го гледам ни самата да се гледам. Јас од дебелина сама веќе не можам да станам ни од кревет, ни да одам во тоалет, ниту да излезам во двор. Години наназад и не излегувам ниту до продавница, ниту никаде. Од погледите на моите комшии ,од тоа што сите ме гледаат чудно јас и немав желба да излегувам. Но, жално е тоа кога сакаш да излезеш во двор, а не можеш тоа да го направиш“, раскажа Мејрем за Женски магазин.

Нејзината прикзна со прекумерената тежина почнала кога била многу мала.

„Имам проблем со дебелината  од мала, на 7 годишна возраст, од прво одделение. Во основното училиште „26 јули“ бев најголема и најкрупна во школо. Оттогаш цел живот секаде сум е најголема , најкрупна“, раскажува Мејрем за Женски магазин.

Кога имала 14 години, од рак на дојка починала нејзината мајка, и оттогаш, драстично почнува да ги качува килограмите.

„На 14 години ја изгубив мојата мајка. Емотивноста направи некои нешта за кои ни самата не сум свесна. Не сум свесна како стасав до ова ниво. Кога бев тажна, јадев, кога бев среќна јадев. Секоја година станував поголема, подебела. Отсекогаш луѓето кои ми беа блиски ми велеа дека морам да внимавам на себеси, дека морам да држам диета. И јас знаев дека треба да држам диета, но, за жал нешатата не беа како што сакав или како што планирав. Сакав и јас да ослабнам, но едноставно не можев“, е дел од приказната на Мејрем.

Блиските родини, загрижени за нејзината тежина која постојано растела, ја носеле на лекарски испитувања. Наодите покажале дека Мејрем е здрава девојка, со добра крвна слика, и единствена болест од која што пати е дебелината. Советите што ги добивала од најблиските, ги добивала и од лекарите, дека под итно треба да го смени начинот на исхрана.

„Теоретски знаев, но практично за жал ништо не функционираше“, вели Мејрем.

„Поминуваа години, моите килограми стануваа сè поголеми, а јас сè потажна и потажна. Додека сите девојки се дотеруваа јас се радував на подароците кои од странство ќе ми ги дадеше некој роднина, а се специјално купени од продавница за големи“, додава таа.

За операцијата на желудникот, Мејрем за првпат почнала да размислува пред една ипол година кога ја видела Фејсбук страницата на Др. Гурдал Орен, која ја води нејзината пријателка Риана Ал Рамиз. И Риана за која Женски магазин претходно пишуваше, пред нешто повеќе од две години направи операција на желудникот, и сега е полесна за 32 килограми. Нејзината приказна, сликите и видеата што ги гледала на Фејсбук страницата на докторот ја мотивирале Мејрем да се јави и да праша дали има лек за неа.

Мејрем, лекарскиот тим од Турција не прифатил да ја оперира веднаш, пред да ѝ го дадат потврдниот одговор требала да направаи повеќе анализи.

„Пред неколку месеци ја продадовме куќата и рековме дека со тие пари ќе се спасам. Ги направив крвните анализи и тоа што бараше Др. Орен. Добив потврден одговор и знаев дека цената варира зависно од медицинската историја и боди мас индексот.  Како што доаѓа денот за тргање во Истанбул ме фаќа страв и трема. Прв пат ќе одам за Турција. Чуствувам страв но и радост. Го молам Господ да ми помогне, да останам жива и да ослабнам. Сакам да можам сама да се движам, да можам да излезам до продавница, до пазар да одам, да седнам на едно кафе некаде и јас. Верувам дека операцијата ќе биде успешна, верувам дека и јас заслужувам да живеам. Верувам во успешноста на Др .Орен. Тој има спасено многу гојазни личности, и ако даде Господ и јас ќе сум уште една спасена личност од неговите раце со операцијата „Bariatric sleeve“. Прочитав за докторот дека има и по пет операции на ден. На денот на операцијата јас ќе бидам единствената негова пациентка. 15 октомври ќе е тој ден“, вели Мејрем која до Истанбул ќе патува со комбе, заедно со двајца нејзини братучеди.

„И јас и тие имаме трема, но и тие доаѓаат на овој пат со мене затоа што знаат колку сакам да се спасам и дека ова е мојата последна шанса за живот. Им благодарам предвреме на моите братучеди што една недела ќе бидат со мене во болница“, зборува младата девојка која искрено верува дека животот наскоро ќе ѝ се смени на подобро.

Оптимистички, таа за крај вели: „Се надевам дека и по операцијата за некој месец повторно ќе пишувате за мене и ќе направите поубави слики“.

Милица Џаровска