Од денес до недела во Скопје сити мол ќе биде отворена изложбата „Моќта на театарот“ како дел од одбележувањето на 73 години од основањето на Македонскиот народен театар (МНТ). Во рамките на изложбата посетителите ќе имаат можност да видат мал дел од раритетни костими, предмети, скици, плакати и други документи врзани за претстави кои биле играни или продуцирани од МНТ.
„Интерактивната вонмузејска изложба „Моќта на театарот“ е прва од низата активности кои Скопје сити мол ќе ги организира во соработка со Македонскиот народен театар со кој потпишавме Меморандум за соработка. Успешноста на нашата прва вонмузејска поставка „Жената во Македонија низ времето“ која ја организиравме по повод Денот на жената, големата посетеност на изложбата и многуте позитивни реакции од јавноста, ни беа мотив да продолжиме во иста насока и на овој начин да даваме директна поддршка на културното живеење во земјава. Скопје сити мол како модерен и современ комерцијален објект ги следи светските стандарди и текови, но истовремено е и објект кој е општествено и социјално одговорен, поради што и во иднина ќе продолжи да дава поддршка на слични настани “, вели Дарко Панчевски, од маркетинг секторот на Скопје сити мол.
Изложбата претставува своевиден „Музеј на спомени“ посветен на театарската уметност во кој сите што ќе ја посетат ќе можат интерактивно да патуваат низ времето со легендарните претстави и актери на МНТ кои оставиле траен белег низ историјата. Од првата претстава Платон Кречет изведена далечната 1945 година, преку Коштана, Господа Глембаеви, Госпоѓа Министерка, Среќна Нова, ММЕ кој прв почна, до Дух од 2018 година, во овие над седум децении постоење, на „штиците што живот значат“ во МНТ биле создадени огромен број претстави, од кои некои станале „култни“, го креирале театарскиот и воопшто културниот живот во Македонија, но исто така оставиле белег и надвор од границите на земјата, освојувајќи значајни театарски награди.
Оваа несекојдневна изложба ќе биде отворена денес во 20 часот во присуство на актери и други културни дејци. Истата ќе ја води познатиот актер Сашко Коцев, а во текот на двата дена колку што ќе биде претставена на јавноста, низ „Музејот на спомени“ посетителите од 12:30 до 18:30 часот ќе ги води кустосИвана Јарчевска со која ќе „патуваат низ времето“ и преку изложените експонати ќе се запознаат со богатата театарска историја на МНТ, од првата сезона 1945/46 година, сè до денес.