Од досада никој не се разболел, скратете им го времето на децата пред екраните: Аниматорот за деца Кристијан Бенито со поучна порака за сите родители

Добивај вести на Viber

Познатиот аниматор за деца Кристијан Бенито на својот профил на Фејсбук објави поучен статус за сите родители на мали деца

Имено тој се залага за тоа на децата да им биде досадно за да ја развијат својата креативност и фантазија преку сопствена игра.

Неговото размислување во целост:

„Тешко се анимираат деца на кои никогаш не им е досадно. А денешниве генерации се такви. Екраните се океан без дно. Нудат безбројни содржини. А безбројните содржини доведуваат до презаситеност која, за воља на вистината, е рамна на депресија. А тоа е лошо. Нас ни беше досадно, често ни беше досадно и токму таа досада ни ја развиваше креативноста. Со едни обични топчиња можевме по неколку часа да си играме во маало, тие топчиња се викаат џамлии и имаше години кога џамлиите беа се во нашиот живот. Со нив тргувавме, се трампавме, игравме на ќар... И така, по пат на игра, учевме како да менаџираме со работите кои ни се драги. Тоа ни беше школа!

Цртани на телевизија даваа еднаш во три дена, и често се случуваше, баш во тоа време, нашите родители да гледаат вести. На досадата и немаше крај! Памтам дека во тие години имав мач од Химен но тој мач немаше рачка. Не знам од кај ми дојде но знам дека никогаш немаше рачка ама во мојата фантазија не само што имаше рачка, туку до мене одеше Грингер а за рака ја држев Тила. И се тоа беше благодарение на досадата. Затоа, скратете им го времето на децата пред екраните. Од досада никој не се разболел. Напротив. Ја развил креативноста, фантазијата и умешноста како од ништо да направи нешто.“