Од медицинска сестра до македонски бренд: Ракот не успеа да ја скрши, се врати посилна од било кога – Лила Филиповска

Помина тежок период,  надмина се сама опкружена со мал број пријатели околу себе, далеку од очите на јавноста. Иако сите се сомневаа дека нешто не е во ред, Лила Филиовска по тешка борба со болеста која долго ја криеше, се издигна од пепелта како Феникс, излезе и јавно ја раскажа својата болна приказна, па се врати на ектаните посилна и позгодна од било кога.

Денес таа важи за вистински македонски бренд, во и надвор од нашата држава. За поновите генерации е една од најдобро стилизираните водителки кај нас со големо телевизиско искуство, а повозрасните ја паметат како харизматичната водителка која без нималку мака успеа да „влезе“ преку ТВ екраните во сечиј дом, благодарение на силната харизма и нескротлива енергија.

Животот на Лила не бил мед и млеко. Неколку пати го смени презимето, остана самохран родител кој се бореше за секој денар, а смртта на едниот родител остави длабока трага на нејзината душа, која по долги години резултираше со страшна дијагноза. Рак.  Еве ја нејзината приказна.

Живот

Малкумина знаат дека Лила Филиповска (моминско Стојановска) е родена во Шведска и таму поминала 12 години од животот. Нејзиниото семејство потекнува од македонското село Виниче. Таа се вратила во Македонија каде го завршила основното образование и се запишала во средното медицинско училиште СМУГС “Д-р Панче Караѓозов” што подоцна ќе и биде „карта“ за нејзината прва професија како медицинска сестра. Сепак, наместо да продолжи со медицината, Лила одлучила да се запише на Филолошкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј отсек – Македонски јазик и книжевност.

Кариера

Филиповска најпрво работела како медицинска сестра и негователка, но откако одлучила да го следи својот сон, ја напуштила работата и започннала со првиот јавен ангажман како водителка, во тогаш, една од најпопуларните ТВ емисии „Зимско рекреативната програма“ на МТВ. Покрај водителството се проба и во музиката. Дуетот со колегата Александар Блажевски насловен „Само љубовта“ беше вистински хит, а по него следеа и „Ти верував до крај“, „Сонувам“, „Кам, бејби кам“.

По првиот развод од бракот од кој го има синот Филип, Лила одлучи по втор пат да каже „ДА„ на Орце Димитровски, некогашен фронтмен на групата „Ариа“. Но откако по кратко се разведе и од него, таа си го врати презимето Филиповска, одлучи да ги стави мажите на страна и да се посвети на нејзината најголема љубов - водителството.

Популарноста вртоглаво и се зголеми со квизот „Енигма“, нејзиниот прв и омилен квиз, кој бил пандан на квизот кој и го одбележал детството - „Квискотека“. По него, беше дел од многу проекти, забавни емисии, ток-шоуа а најголем успех постигна со квиз-шоуто „Сè или нешто“.

Лила почна да работи и како бренд менаџер за неколку туристички агенции посетувајки ги најегзотичните места во светот, споделувајќи прекрасни мигови со своите следбеници на социјалните мрежи.

Болест

Откако синот Филип порасна, некои рани од минанатото полека зараснуваа, Лила почна да живее со полни гради, а тогаш се случи нешто што никој не го очекуваше. По здравствениот преглед, пристигнаа лоши вести. Страшна дијагноза - Рак!

Лила се повлече од јавноста. И додека сите претпоставуваа дека нешто лошо се случува, таа, како што вели помина една година во агонија, борејќи се со опасната болест, тивко. На крајот откако се добро се заврши, благодарение на нејзината силна волја за живот и позитивен став, излезе и јавно проговори. Ја сподели тажната приказна која резултираше со среќен крај.

Денес Лила изгледа подобро од било кога, ужива во животот, шета низ светот, обидувајки се да го остави позади себе лошиот период, и да не ја повтори, како што таа вели, истата грешка.

-Бев лута сама на себе затоа што сум „контрол фрик“ и во моите 50 години освен прележан ковид немав никаква друга болест, ниту притисок, ниту холестерол, никаков проблем и после така здрав живот бев лута дури и за ковидот, кој го прележав тешко.
И знам од каде потекнува тоа… Од мојата тага по мојот татко од чија смрт веќе 10 години се поминати. Јас не можев и сè уште не можам да се изборам со таа тага, а мора. Имам живот, имам дете, имам мајка, јас навистина знам дека сѐ почна од таа тага, којашто знам дека ја имам во галони и со која не можам да се справам и затоа сум лута сама на себе. Морав да се потрудам да го прифатам тоа што се случи и уште ми е така тешко. И потоа имав еден огромен стрес, баш огромен стрес, и јас потсвесно знаев дека тоа мора некаде да оди и тоа и се случи. Јас, кога ја добив дијагнозата од една страна бев изненадена, а од друга страна ми беше очекувано. И си велев сама на себе: „Ете виде Лила што направи… Е, сега како што си дозволила да влезеш во кашава, има да се извадиш“, изјави водителката.

Денес и покрај се, таа плени со својата надалеку препознатлива насмевка, и јавно збровува за болеста. На едните, да внимаваат за никогаш да не се најдат во таа агонична ситуација, а на болните, влевајќи надеж да се борат со сите сили за да ја победат оваа подмукла болест.


Елеонора А.