ОД ЗАБРАНЕТИ ЉУБОВИ ДО БОРБА СО РАКОТ: Искуствата на фотографката Јасна Суша
Нешто повеќе од четири години, светот е нејзин дом. Познатата фотографка Јасна Суша одлучи да ја напушти фоторепортерската работа во Македонија и да замине да работи на брод. Своите клиенти, таа ги фотографира во црно-бела техника во приватно студио, и вели дека е среќна што креира квалитетен производ, а луѓето од нејзиното студио си заминуваат прегрнувајќи ја. По поминати седум континенти, Габон во Африка е се уште нејзина најголема љубов. Јасна вели дека додека има желба за авантура, ќе продолжи со своите патешествија на отвоорено море, кои ја смениле како личност и ја научиле да дише длабоко.
* Што те натера да ја напуштиш твојата фоторепортерска професија во Македонија, и да заминеш на брод?
- Ми требаше нов предизвик, ми требаа нови височини за искачување, нови удолници за тркалање. Не можев повеќе да седам во една иста точка и да разговарам колку не чини ситуацијата во Македонија, колку ништо нема да се смени и колку сме сите несреќни. За да се смени нешто околу мене, прво јас треба да се сменам. И сега Македонија ми е најубавата земја на светот!
Ние сме нација која не се смее, сме забораивле да се смееме. Одиш во бар и се расправаш за политика, ќе полудев! Аплицирав на повеќе места и си реков: која врата прва се отвори, заминувам. Си ги спакував стравовите во куфер и тргнав. Имав поголеми стравови од било кога. Само што бев вратена од Африка, се обидов таму да се преселам, ама не успеав, не издржав ниту емотивно, ниту психички. Ама не ме спречи тој страв да се обидам повторно. Небото брзо се отвори, и од моето аплицирање до влегувањето на брод имаше само две недели. Немав време за размислување, визи, униформа, лекарски тест, трепнав, и се најдов на брод.
Во душата сум фоторепортер, истражувач, авантурист. Можеби еден ден повторно ќе се вратам таму кај што бев, но за сега сум среќна и исполнета тука. Работејќи напорно стигнав до преубава позиција на брод. Фотографирам исклучиво црно-бела фотографија во приватно студио, и креирам и продавам исклучително скап и квалитетен производ. И по посветени 18 години во сферата на фотографијата, конечно дојдов на позиција каде што луѓето ја ценат мојата фотографија, и подготвени се да платат, а и да ме гушнат по плаќањето. Многу ми е битно луѓето да си заминат среќни од моето студио, дури и ако одлучат да не купат фотографија. И тие тоа го чувствуваат, па заедно градиме убава приказна.
Инаку фоторепортерскиот дух, а и искуството како фоторепортер многу ми помага да ги развијам приказните во студио. Секојдневно се случуваат неверојатни приказни во моето студио, од забранети љубови, до луѓе кои го победиле ракот, и луѓе кои знаат дека немаат многу време за живеење, па креираме заедно сеќавања. Луѓето сакаат да остават фотографии пзад себе, во наследство! Многу пати и за време на снимањето, и за време на прегледувањето на сликите имаме емотивно патување.
* Колку точно време помина на отворено море?
- Уф, ја терам четвртата година. Лета временцето!
* Кои се земји ги посети, и има ли место кое ти останало како неостварена желба да го видиш?
- Ако се обидам да ги споменам сите земји каде што бев, ќе заглавиме со интервјуто. Ја посетив цела Азија, тргнавме од Саутемптон во Англија, преку Медитеранот, па Суецки канал, па се спуштивме на Блискиот исток, па Виетнам, Бурма, Индонезија, Малезија, Индија, Јапонија, Кина. Бев на некои карибски острови, Куба, Канада, и француската и онаа другата, од Северна Америка, Аљаска, Калифорнија, Њујорк, Бостон, Хаваи. Медитеранот е целиот убав, до северен пол, со се норвешките фјордови, Балтикот со сите свои убавини. Антартикот е еден и единствен, недопирлив. Јужна Америка од Чиле до Аргентина и Фолкландски острови, па средна Америка.. Имав можност да посетам некои од тешко достапните острови како Малдивите, Самоа, Вануату, Нова Каледонија. Сега моментално сум на пат од Нов Зеланд кон Австралија. Гордо можам да кажам дека бев на сите седум континенти. Небото се отвори, и за овие четири години имав среќа секогаш да имаат потреба од мене на места на кои што не сум била.
Постојат места на кои не сум била нормално, и секогаш ќе постојат, колку и да патувам. Тибет е приказна која сакам да ја испишам, Русија, Танзанија, сакам да се вратам во Индија и да останам подолго. Тахити, Мадагаскар… Има, има, има уште многу неостварени желби во оваа моја авантуристичка глава.
* Во кое место на прв поглед се вљуби и дали би можела да живееш таму?
- Габон во Африка беше местото во кое се вљубив, и се уште сум вљубена, и веројатно цел живот ќе се враќам таму. Пробав да останам подолго, но по три месеци сфатив дека не е тоа местото во кое што би можела да опстанам подолго време. Сакам да се вратам таму и да запишам школа за африканска скулптура, и да истражувам малку на тоа поле. Во Габон имаат меко обработливо дрво заради влажноста, и целиот тој процесс на изработка многу ме инспирира. Па, една од неостварените желби е таа.
А, по живот на отворено море, не знам каде ќе го укотвам сидрото. Ако можам да живеам на брод, веројатно можам да се прилагодам и да живеам на многу места. Но, јас сум човек кој веројатно припѓа во потрагата каде припаѓа. Не гледам се уште причина зошто да се стационирам некаде во физичка смисла. Светот е преубав, и мислам дека е навистина лудо во овој период од мојот живот да седам во една точка, кога можам да ја менувам точката.
* Какви луге среќаваш на бродовите, и колку ова искуство те промени како човек?
- Среќавам луѓе од целиот свет, различни религии, раси, луѓе со различна сексуална ориентација. Ме промени многу, многу, МНОГУ. Само за овој договор јас ќе ја свртам земјата. Од Македонија до Аљаска стасав со авион, па од Аљаска до Австралија со брод, и си заминувам дома од Австралија со авион. Не може по едно такво искуство да бидам истата. Се мислам дека ме промени на подобро и ме направи потолерантана, ама се вртам зад себе и ги лоцирам сопствените грешки, во релацијата со луѓето како тука, така и таму. Па, потоа се прашувам дали на подобро или не?! Ама се тешам дека, се додека сум способна да ги уловам грешките, јас растам.
Така патувајќи низ светов сретнав еден неверојатен лик, кој постојано ме потсетува дека не постои таква работа како грешка. Кога се запознавме, му реков дека има привилегија да ме запознае само заради една моја животна грешка, па ете “случајно” се најдов таму до него. Малку поискусен од мене, уметник, музичар, авантурист, слободен дух. Ме гушна и рече: тоа не е грешка, тоа е живот. Сите сме тука каде што сме заради “грешки”. Тој ист лик неверојатно позитивно делуваше на мене, и од моментот на нашето пријателство не престана да ме разубедува колку се штетни цигарите за мене. Немав намера да ги оставам. Му велев да не го троши времето залудно, ама не се откажа. Хаха, се смеам самата на себе си, по 20 години како страствен пушач, јас сум повеќе од шест месеци среќен непушач. Ете, такви ликови среќавам низ светот. Некои кармички долгови отплаќаме заедно. Има неверојатни ликови низ светот, ретки се, ама постојат. И тие ќе останат секогаш во мојот живот.
* Освен семејството и пријатејлите, што ти фали од Македонија?
- Семејството и пријателите ми фалат нормално, ама се додека знам дека се добри и јас сум добра и спокојна. Ми фали мирисот на липите во Скопје, ми фали ракија со шопска, ми фали „Балет“ во 3 сабајле, со топлите ѓевреци од Рекорд малку подоцна. Ама не сум од оние патетичните. Ќе си дојдам дома и по 10 дена ми фали Габон, па Антарктик. Ти велам, јас припаѓам во потрагата каде припаѓам.
* Какво е чувството да си постојано на отворено море и дали некогаш те фатила криза од работата на брод и си сакала да се откажеш?
- Хахахаха, криза?! Секој ден по шест пати, кризирам самата со себе. А, тоа нема врска со бродот, тоа има врска со мене. Постојано сум во некој конфликт со самата себе, ама во позитина смисла. Го живеам својот мир, ама имам продуктивни конфликти со себе кои ме тераат напред. Да се откажам?! Не, ама да, ми пукнал филмот. И тука пак дишам длабоко. Е, тоа го научив од цело ова искуство- да дишам длабоко.
Милица Џаровска