Онлајн-промоција на „Лица со попреченост“ од Андон Дамовски
Книгата „Лица со попреченост“ од Андон Дамовски ќе биде промовирана онлајн во четврток (11 март) во 19 часот на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Ова издание веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“.
Промоцијата ќе ја води уредникот на ова издание Филип Видиновски, а соговорник ќе биде Дамовски, кој ќе зборува за мотивите да ја напише оваа книга. Заштитата на лицата со попреченост е еден од најосетливите и најспецифичните елементи на општествено-развојната, економската и, пред сѐ, социјалната политика воопшто. Наша обврска е да го афирмираме развојот на заштитата на лицата со попреченост во рамките на модерната, плуралната, социјална политика, имајќи го предвид лицето со попреченост како поединец, личност со сите свои општи и специфични потреби. Системските решенија мораат да ѝ овозможат на секоја категорија лица со попреченост да ги формира, да ги изрази и да ги реализира своите основни развојни потреби и посебни интереси, да има еднакви можности како и другите луѓе.
Андон Дамовски дипломирал на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а на Институтот магистрира на насоката социјална политика. Во моментот е докторант на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ. Од 2013 година работи во Установата за вонсемејна социјална заштита, со посебен фокус на подрачјето на организирано живеење за лицата со попреченост. Соработува со голем број на национални и меѓународни организации како: Асоцијацијата за истражување, комуникација и развој ПАБЛИК, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, Канцеларијата на мировниот корпус во РСМ. Автор е на повеќе од 20 научни публикации од областа на социјалната политика објавени во земјата и странство. Во 2017 година ја објавува стручната монографија со наслов „Between theory and practice“ во Германија, издадена од страна на издавачката куќа ЛАП – „Lambert Academy Publishing“.
ПР објава