Онлајн-промоција на збирката раскази „Прстен и парфем“ од Мишо Китаноски
„Што ја натерало Мис Стон да го подари мајчиниот прстен?“ е само едно од големите прашања на кои авторот Мишо Китаноски дава свој, до некаде фиктивен одговор, во збирката раскази „Прстен и парфем“ која во четврток (25 февруари) во 19 часот ќе биде промовирана на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“. Ова дело е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе може да се најде во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача преку веб-страницата www.literatura.mk
Меѓу останатите прашања на кои писателот Китаноски дава свој одговор се и „Како се спасил од стрелање Мирослав Крлежа?“ и „Зошто доктор Арчибалд Рајс посакал неговото срце да почива на Кајмакчалан?“, „Дали со козите на Лазар Колишевски почна иселувањето на македонските села?“; „Како стигнала Сара Бернар да им пее на војниците пред да тргнат на Македонскиот фронт во Солун?“; „Што ја спречувало Мара Бунева да го повлече чкрапецот и да убие?“ и други. Онлајн-промоцијата ќе ја води уредничката на „Прстен и парфем“, Бисера Бендевска која со авторот ќе разговара на теми поврзани со оваа збирка раскази.
Китаноски бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на повеќе весници и списанија. Ги објавил книгите „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни) и „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии) како и публицистичките изданија: „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Негови прилози се застапени во буквари, читанки, прирачници и антологии, а неговите дела се преведувани на англиски, руски, бугарски, романски, албански, словенечки, српски и на други јазици. Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови.
ПР објава