ОСЛАБЕВ 31 КИЛОГРАМ ТЕРАЈЌИ СИ ИНАЕТ САМАТА НА СЕБЕ: Новинарката Катерина Гетева за новиот изглед

Добивај вести на Viber

Новинарката Катерина Гетева, од информативната редакција на ТВ „Алфа“ , уредник и автор на емисијата “Несомнено“, за една година успеа да ослабе 31 килограм, со помош на специјален режим на исхрана. Кети, која е струмичанка и вели дека храната е срце во нејзиниот дом, со слабеењето почнала по шега, која на нејзина сметка ја кажала блиска личност.

„ Минатата година на 1 мај, шега што ја кажа една моја драга личност, а се однесуваше на моите килограми, прво ме насмеа до солзи, но исто така и ме замисли. Таа негова шега како да ме освести дека на работа, кога ги качував 15 те скали од монтажа до редакција, јас се задишував. Тој ден сфатив дека мора нешто да променам во мојот живот“, ја започна својата приказна Катерина. 

Сум видела многу слаби жени кои јаделе многу повеќе од мене.- Кети пред слабеењето 

Таа вели дека никогаш не обрнувала големо внимание на нејзиниот физички изглед. Била  свесна дека има голем вишок килограми, но тоа не и ja рушело самодовербата. 

„ Јас не бев дебела затоа што јадев премногу од другите. Сум видела многу слаби жени кои јаделе многу повеќе од мене. Во моето семејство кујната на мајка ми е срцето на домот. И јас и сестра ми, занаетот за готвење го научивме од неа. Иако живеам сама во Скопје, готвам секој ден – појадок, ручек, вечера. Не јадам на послужавник седната на кревет, туку ја поставувам масата, а храната ја сервирам. Но не е проблем ритуалот на ручекот, туку што содржи тој. По триесеттата година, почнав да се дебелам, но тоа не ме загрижуваше. Килажата не ми влијаеше на расположението, едноставно немав комплекси, важно ми беше да изгледам пристојно. Тоа што бев дебела не ме спречуваше да бидам забавна во друштво, не се срамев од вишокот килограми, напротив знаев да ја носам дебелината“, ни раскажа Гетева. Оваа пролет, помина точно една година откако Кети почнала да практикува правилен начин на исхрана. За тој период, таа ослабела 31 килограм. Сега има 52 килограми. 

“ Слабеењето не значи гладување, не значи  еднолично мени кое ќе го јадете 10-20 дена, 3 месеци, па потоа ќе се вратите на старите навики на исхрана и за многу кратко време ќе ги вратите килограмите додавајќи плус 5 или 10 килограми.  Кога одлучив дека сакам да ослабам, одбрав да се консултирам со човек кој цел живот го работи тоа, главно работи со спортисти. Тој ми рече: “Кети, јас нема да ти напишам диета, туку ќе те научам како да се храниш“. Го гледав со недоверба, не верував во неговите зборови кога ми велеше дека и 50 грама козјо сирење со салата од спанаќ ќе ми бидат доволни за еден оброк, но ме увери во тоа“, вели шарматната новинарка за нејзиниот нов животен стил. 

Катерина додава дека ниту во еден момент не почувствувала ниту глад, ниту желба за нешто што претходно и било омилена храна. За сѐ во животот, Кети вели дека е цврст карактер, па така и за исхраната. 

„ Не знам, можеби од желбата поголем ми е инатот, па терав инает со самата себе. Кризи, никогаш не сум имала, јадам по 5 оброка на ден, јадам тоа што смеам, но во секој случај се хранам здраво. Во мојот фрижидер има зеленчук, овошје, месо, козји млечни производи и тоа е мојата главна храна. Јадам и јаткасти плодови. Десертите ги подготвувам сама и ги правам со сирови продукти, без вештачки шеќери, брашно, путер, заситени масти. Ме советуваа дека не треба да јадам пржена храна, тетсенини, печива и престанав. Не јадам сега, нема да јадам никогаш, затоа што знам дека ми штетат на организмот и на здравјето. За прв пат откако почнав да го практикувам овој начин на исхрана, по секој оброк јас сум сита и полна со енергија“, ни откри Катерина и раскажа колку физичката активност- вежбањето пет пати во неделата, и помогнале во слабеењето. 

„ До пред 9 месеци, можев да се обложам дека никогаш нема да вежбам, но никогаш не вели никогаш. Вежбам 5 пати неделно. Не одам во теретана, немам личен тренер, вежбам сама. “, додава таа. 

При крајот на нејзината интересна приказна, Кети ни раскажа и една анегдота. Поради големата нејзина промена, дури и блиски луѓе не ја препознавале. „ Пријател на татко ми во Струмица, кога се емитувала мојата емисија му се јавил на телефон да го праша зошто друга девојка ми ја води емисијата, а само гласот е мој. Се уште ми е чудно што пријатели, познаници, ме препознаваат  само по гласот, им треба неколку секунди за да воочат која сум, на некои дури мора и да им се претставам“, вели Гетева.

Милица Џаровска