Отворен продажниот салон на комплексот „Гранд Скопје“ во ГТЦ

Добивај вести на Viber

Денеска за првпат официјално беше отворен продажниот салон на комплексот „Гранд Скопје“, со што се означи и почетокот на продажбата на станбен и деловен простор во објектот „Гранд Ривер“, кој е прв од трите кои се предвидени да се градат на оваа локација.

Продажниот салон, или т.н. “Showroom” се наоѓа во Градскиот трговски центар на првиот кат и веќе е достапен за сите заинтересирани граѓани секој работен ден од 10 до 18 часот.

Во присуство на медиумите и останати гости, инвеститорот детално го презентираше целиот комплекс „Гранд Скопје“, како и предностите за живеење во станбено-деловниот објект „Гранд Ривер“ кој е во моментов во градба и од каде всушност започнува и продажбата.

„Гранд Ривер претставува модерен станбено-деловен објект кој содржи три нивоа под земја, приземје и дваесет ката, а се гради согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти“, изјави Леонид Антиќ од МГ Фешн, додавајќи дека објектот е дизајниран да овозможи максимален комфор на идните корисници, како и целосно искористување на погледот и природната светлина, како кон реката Вардар, така и кон планината Водно.

Тој објасни дека објектот „Гранд Ривер“ како дел од комплексот „Гранд Скопје“ нуди атрактивни придобивки за неговите идни станари, поволност да имаат сѐ на дофат на рака, модерна шопинг галерија во централниот дел на комплексот, но и простор за одмор и релаксација во строгиот центар на градот, кој го обезбедува софистицираниот урбан парк кој ќе биде составен дел од „Гранд Скопје“.

Антиќ потсети дека инвеститорот МГ Фешн во рамки на комплексот предвидува и капитална инвестиција за уредување на јавната површина близу 7.500 м2 со разновидно парковско зеленило, налик на светските урбани паркови, и изрази подготвеност за соработка со Општина Центар за уредување на овој простор.

Зад архитектонското решение на „Гранд Скопје“ стојат реномираните архитекти Мартин Пановски и Јана Гугуловска Ѓорѓевиќ од „Радиус Архитекти“, а пак Пановски пред присутните истакна и дека создавањето на луксузен комплекс во центар на град е голем предизвик и голем творечки поттик за секој архитект. Нивната цел, вели тој, била од простор на којшто досега имаш едно мртво ништо,  да создадат современ, жив и вибрирачки градски простор, полн со енергија својствена на центар на секоја метропола.

„Очекувано, реката сама по себе за нас архитектите секогаш претставува особена инспирација, што се забележува и во обликувањето на објектот Гранд Ривер. Но, за нас поголема инспирација беше Градскиот трговски центар, не како појавност туку како концепт – јавна пешачка улица над која се поставени станбено-деловни кули. Затоа креиравме комплекс кој се состои од јавна пешачка трговска улица низ која доаѓате до голем јавен простор (планираниот урбан парк), со продори кон кејот на Вардар и кули ориентирани кон Вардар и Водно“, додаде Мартин Пановски, еден од авторите на проектот „Гранд Скопје“ во однос на инспирацијата за овој проект.

Од самиот почеток на градбата на комплексот „Гранд Скопје“, несебична поддршка даваат и жителите на Ново Маало, на чии имоти всушност се предвидува овој комплекс и чии претставници беа исто така присутни на денешниот настан.

Во отсуство на архитектот и генерациски скопјанец Владимир Пота, кој воедно е и сопственик на имот во Ново Маало, беше прочитан и извадок од негов текст, во кој тој комплексот го нарекува новиот “Downtown” на Скопје кој непоколебливо ќе биде создаден во 21. век во новото столетие на главниот град.

Пота вели дека овој нов “Downtown” во својата комплетност ќе ги содржи сите атрибути кои му припаѓаат како современ, административно деловен, станбен центар, кој ќе го дефинира и конечно, артикулира просторот кој денес го нарекуваме „паркингот пред Холидеј Ин“ и супстандарното Ново Маало.


ПР објава