Паника меѓу лекарите: Гледање во екран предизвикува аутизам?

Сосема мали деца, тукушто проодени и уште во пелени, држат во раце шишенце со млеко, а со прстот на другата рака пребаруваат по таблетот, кој родителите им го ставиле на маса пред седиште во авион или автомобил. Оваа глетка се почесто може да се види, посебно во време на летни патувања. Француските педијатри и психолози, меѓутоа, дигнале паника и порачале дека ставање на сосема мали, претшколски деца пред екрани, претставува опасност за нивно ментално здравје. Лекарите кои секојдневно работат со деца од предучилишна возраст тврдат дека има индикација дека оставање на детето пред екран, кој го впива целото негово внимание и целосно го изолира од околината, предизвикува нарушување на функционирањето на мозокот.

Родителите треба да ги загрижува тоа што детето е мирно и не „им смета“, велат експертите. Некои лекари дури тврдат дека воочиле врска помеѓу еден вид аутистичен синдром кај децата кои поминуваат време пред екрани и играчки, наводно адаптирани на нивна возраст. Следела полемика бидејќи има педијатри кои реагирале тврдејќи дека врската помеѓу аутизам и екран кај мали деца нема докази. Сите, меѓутоа, се согласуваат дека гледање во екран кај деца во предучилишна возраст, предизвикува бројни невролошки нарушувања наведени во писмо до јавноста и објавени во париски „Мондо“ со потписи на стотина лекари и педијатри. 

 Алармантни податоци

Француски експерти излегле во јавност со алармантни податоци за врската помеѓу нарушувања слични на аутизам кај деца и престој пред екрани на различни апарати. Уште во 2009 година Француската управа за јавно здравје објавила препорака дека деца помлади од три години не треба да бидат пред екрани од кој било вид. Француската академија во 2013 година објавила студија која уште е на сила и која се најде на мета на тешки критики. Оваа студија, имено, тврди дека таблетите се корисни за слухот и развој на моториката. Здружението на француски педијатри не одело понатаму од објавување на мислењето според кое „таблетот не треба да биде најважен пред третата година“. Лекарите како Мишел Десмурже и Едуар Гетаз и нивните истомисленици сега тврдат дека за здрав развој на детето потребно е до шестата година да не престојуваат пред никаков вид на екран.

Неточни дијагнози  

„Паметните телефони и таблети денес се почесто се предмет кој, како шишенце со млеко, им служи на родителите да го смират бебето. Постојат дури  и модели на таблети кои наводно се посебно направени за деца помали од четири години. Со тоа, родителите се помалку присутни во развојот на малото дете, бидејќи и самите се свртени кон својот екран. Еден од потписниците, француската лекарка др. Ан Лиз Диканда, во март ја возбудила јавноста поставувајќи на интернет видео снимка, во која говори за врската меѓу екранот и однесувањето на аутистичен тип. Таа наведува пример на момче Софијан кој од три години почнал во градинка и предизвикал паника кај воспитувачите. Викал, ја повторувал бесмислено последната реченица која ја слушнал и ги кршел играчките. Не можел да остане мирен ни секунда, на луѓето околу себе не им се обраќал, туку ги мирисал, а бил заинтересиран само за броеви и слон. Испаднало дека е од прв ден пред екран, дека родителите му купиле таблет кога имал само 18 месеци, дека живее во нумерички свет и дека лошо спие и ги буди родителите врескајќи. Д-р Диканда му препишала укинување на екран и подобрувањето било спектакуларно. Софијан сега е момче кое си игра, добро спие и разговара. 

Мобилни за смирување 

Речиси половина од испитани француски родители рекле дека на своите деца, помали од три години, им даваат мобилни телефони за да се смират. Повеќе од половина од малите од три години поминуваат барем половина час неделно пред интерактивен екран. Се почесто може да се слушне дека бројот на аутистични деца експлодира, дека се повеќе има „хиперактивни“ деца кои мора да земаат лекови за да се смират. Др Диканда предупредила дека овие деца често добиваат дијагноза на „аутизам“ иако не се навистина болни од таа болест. - Се покажало дека е доволно да се укине повеќечасовно гледање во екран, бидејќи децата кои имаат големи тешкотии, често пред екран поминуваат помеѓу 6 и 12 часа дневно-рекла докторката. Голема паника во јавноста предизвикал и текстот во париски „Монд“ кој почнува вака: „Ние, експертите кои работиме во областа на детското здравје, сакаме да ја предупредиме јавноста на опасни последици од масовно и претерано изложување на бебиња и мали деца пред сите видови екрани. Потписниците на овој текст се лекари, психолози и ортофонисти. Сите тие предупредуваат дека и понатаму се поставуваат дијагнози со аутистично нарушување кај деца, а дека притоа не се истражува дали детето и родителите поминуваат и колку поминуваат време пред некој екран. - Вниманието на децата е целосно насочено на екранот или екранот е тој кој често го прекинува. Во такви услови, децата и родителите не разменуваат погледи доволно и не можат да изградат свој однос -пишува во текстот на француските експерти. Тие предупредуваат дека кај детето поради тоа мозокот не може нормално да се развива, бидејќи е запрено истражувањето на предмети кои го опкружуваат. Поради екранот кој „му го впива“ вниманието детето е принудено да се откаже од своето истражување и испитување на околината, што е доволно да дојде до доцнење во развојот на говор и општ развој на детето. Децата поради обземеност од екраните не прозборуваат како треба ни до четвртата година. Обично не реагираат кога некој ги вика по име. Не можат да гледаат во личноста која им се обраќа ниту во предмет кој им се покажува туку можат само да гледаат во екранот на таблетот. Не можат да комуницираат со околината, ниту со други деца. 

Превенција во четири чекори 

Психологот Сабин Дифло објави програма на превенција во „четири чекори“: Не се вклучува екран наутро, ни за време на оброци, ни во детска соба, ни пред спиење. Дифло со уште девет лекари и психолог објавила текст на предупредување во париски „Монд“, после што здравствените власти се согласиле да иницираат кампања на државно ниво. На сите лекари и педијатри ќе им биде пратена директива при преглед на деца, да постават прашања за екрани во домовите. Експертите сметаат дека тоа ќе им помогне на родителите да бидат свесни за опасноста, која ја носи изложувањето на мали деца пред екрани.