Партиски кујни и центри на политичка моќ главни креатори на лажните вести

Добивај вести на Viber

Ние како земја не сме познати по достигнувања на полето на економијата или науката туку по производство на лажни вести и прва асоцијација за лажни вести е нашата земја, иако тие не се наш производ. Сепак денес лажните вести се шират и стануваат непријател и на медиумите бидејќи придонесуваат за раст на недовербата кон нив, нанесувајќи штета и на целокупната јавност. Ова меѓу другото беше истакнато на денешната панел дискусија на тема „Сите тајни зад лажните вести“ што ја организираше Универзитетот Американ Колеџ, на која се дискутираше за феноменот лажни вести, причините за нивно појавување и можните начини за справување.

 На темата дискутираа  Сашо Ордановски, преставник од Факултетот за политички науки и новинар, Ира Бабиќ, претставник од Факултетот за деловна економија и организациони науки од Универзитетот Американ Колеџ, Миле Бошњаковски, портапол на Владата на Република Северна Македонија и познати новинари, уредници и сопственици на медиуми – Снежана Лупевска Созен од Телма, Бранко Геровски од Слободен Печат, Александар Манев од Фактор медиа груп, Горан Михајловски од дигитална редакција Сакам да Кажам и Огнен Јанески од 24 Вести.

Претставниците на медиумите се согласија дека лажни вести доаѓаат од партиски кујни, за чии потреби се создаваат лажни медиуми, лажни профили, а центри за за креирање на лажни вести се владите, партиите и центрите на политичка моќ. Лажните вести сепак не ги креираат само порталите иако најчесто се поврзуваат само со нив, бидејќи сме сведоци дека секоја информација која се базира на факти, ако се пласира на одреден начин и од одредена група, може на крајот да излезе дека е типичен пример за лажна вест. Според нив, многу често и нетранспарентноста на Владата и лошиот начин на менаџирање со кризите  придонесува за креирање на лажни вести.

Според портпаролот Миле Бошњаковски, Владата самостојно нема да презема мерки против медиумите кои делуваат во интернет просторот и саморегулацијата и професионалиозацијата ја остава на медиумските здруженија. А ако се преземаат одредени чекори, тоа ќе биде во партнерски однос со нив.

Сепак дел од претставниците на медиумите сметаат дека саморегулација не е можна.

-Со кого да се договараме, со оние што крадат вести, што немаат вработени и што дома во влечки водат портали и директно се конкуренција во поглед на огласувачите на медиуми кои имаат професионален новинарски кадар кој решил да живее од новинарската професија, истакна Горан Михајловски од СДК.

И  Лупевска Созен се согласува со тоа дека кога се зборува за огласувачите, од кои живеат медиумите, многу е тешко да се добие поддршка за сериозни истражувачки стории и прокти.

За претставниците на медиумите е сосема јасно дека интернет просторот тешко може да се регулира. Сепак, притисокот кој постои во светот резултираше со тоа социјалните мрежи да почнат да бришат лажни профили и лажни интернет страници, многу земји донесоа одредени закони со кои се овоможува некаква контрола. Затоа се согласуваат дека е потребно да се направи барем минимална регулација и се повеќе да се дискутира на оваа тема што ќе придонесе и за eдукација на јавноста.